2.9 C
Ohrid
Sunday, November 27, 2022

Не работат сирените за тревога, а во скривниците растат печурки

НАЈЧИТАНО

Траорните сцени кои повеќе од една недела ги гледаме во Украина, каде што луѓето во раните утрински часови се будат од сирените кои предупредуваат за воздушен напад, а потоа бегаат во засолништата да го пронајдат спасот, нè поттикна да видиме во каква состојба се уредите за тревожење во нашата земја, како и скривалиштата во кои луѓето би можеле да се засолнат.

Според информациите кои ги добивме од Центарот за управување со кризи (ЦУК), како и од Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ), можеме да заклучиме дека кај нас, речиси и да нема ништо коешто може да го предупреди населението за некаква опасност, а и местата коишто би требало да овозможат засолнување се речиси нефункционални.

Сирените кои треба да сигнализираат тревога и опасност при загрозување на безбедноста на граѓаните во земјава не функционираат, затоа што нивната состојба е статус кво.

– Сирените ги има, нивната исправност е на 80-85 проценти. 30 години, речиси секоја година се ветува од секоја влада и министерство за финансии дека ќе се одвојат средства за да се модернизира системот за алармирање на населението, но еве тоа не се случува, затоа што се вели дека нема доволно средства за тоа – брифираат од Центарот за управување со кризи.

Родените пред 90-тите години можеби се сеќаваат дека секој петок во 12 часот се тестираа сирените со цел граѓаните да знаат дека се фукционални и секој знаеше за каква опасност всушност станува збор. Но со почетокот на војната во поранешна Југославија, овој систем престана да се употребува поради тоа што кај населението имаше негативен психолошки ефект, и оттогаш наваму системот не профункционира.

– Се работи за застарена технологија која се активираше телефонски, имаше три броеви за опасност во траење од 60 до 90 секунди, како и еден број за прекин на опасноста. Но, со напредокот на технологијата, овој систем е нефункционален, па поради тоа се обидуваме со години да го обновиме системот, но нема поддршка од досегашните влади – додаваат од ЦУК.

Сега ако настане некаква непогода и се констатира потребата од алармирање на населението се користи е-пошта соопштение до сите надлежни, општина, полиција, итна медицинска помош, АРМ, медиумите, но колку алармот за евакуација ќе стигне до граѓаните не се знае, па поради тоа се вели дека сирените се најдобар безбедносен сигнал.

Во Дирекцијата за заштита и спасување на населението запрашавме дали и каков план има Македонија во случај на воени дејствија, бомбардирање, ракетирање, при што ни одговорија дека планот се донесува во зависност од опасноста за која станува збор.

– Согласно член 10 од Закон за заштита и спасување, заради организирано спроведување на заштитата и спасувањето, учесниците во системот за заштита и спасување, донесуваат План за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи – велат од ДЗС за Плусинфо.

Речиси секој град во Македонија има засолништа, но според информациите на терен нивната функционалност е никаква, поточно тие се запуштени, никој не ги одржува, па доколку е потребно населението да се заштити, не се знае дали би можеле да се искористат.

– Состојбата на постоечките засолништа, тие што се во сопственост на ДЗС, се во процес на реновирање и одржување. Не е позната состојбата на оние кои се во некои од зградите во Скопје, а според информациите тие би требало да ги одржуваат куќните совети – додаваат од ДСЗ.

Во Скопје има на повеќе локации каде што има засолништа во случај на непогоди, под скопското Кале, во населбите Аеродром и Ново Лисиче, во Капиштец. За дел од нив во минатото се зборуваше дека се користени за одгледување на печурки, но дали е тоа така и сега од ДЗС не ни дадоа одговор.

Жителите од Аеродром и Ново Лисиче знаат, дека уште со изградбата на овие места, речиси во секоја зграда имаше засолниште за станарите од тој влез, каде што можеа да се скријат во случај на некаква непогода, но состојбата во новоизградените објекти не е таква.

– Заклучно од 2008 година, новоизградените објекти немаат обврска при добивање на дозвола од страна на општината за градба да приложат елаборат за градење на засолниште – нè информираат од Дирекцијата за спасување и заштита.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО