2.1 C
Ohrid
Monday, November 28, 2022

Најмалку 129 лица загинаа во стампедо на стадион во Индонезија

НАЈЧИТАНО

Најмалку 129 луѓе загинаа откако полицијата употреби солзавец за да ги растера немирите на фудбалските навивачи во провинцијата Источна Јава во Индонезија, во една од најтешките трагедии на стадионите во светот, јави ДПА.

Повеќето жртви починаа од недостаток на кислород за време на стампедо, откако навивачите влегоа на теренот на стадионот Канџурухан бидејќи домаќинот на натпреварот „Арема Маланг” синоќа загуби со 3-2 од ривалскиот клуб од Источна Јава „Персебаја Сурабаја”, изјави началникот на провинциската полиција Нико Афинта.

– Жалиме за трагедијата – рече Афинта на денешната прес-конференција.

Тој кажа дека на стадионот имало само неколку навивачи на Персебаја бидејќи им било забрането да присуствуваат на натпреварот со оглед на жестокото ривалство меѓу двата клуба во највисоката лига во земјата.

Началникот Афинта, додаде ДПА, кажа и дека меѓу загинатите има двајца полицајци.

Шефот на здравството во градот Маланг, Виџанто Видјојо, изјави дека бројот на загинати е 129, утврден врз основа на информациите собрани од болниците во градот.

– Ќе формираме центар за повици за да обезбедиме информации за семејствата кои ги бараат своите најблиски – рече тој.

Поради соноќешниот инцидент одложени се сите денешни преостанати натпревари, додека Индонезиската фудбалска асоцијација (PSSI) соопшти дека Арема веќе нема да биде домаќин на натпреварите во остатокот од сезоната.

Формиран е тим за да го истражи инцидентот, се наведува во соопштението на Индонезиската фудбалска асоцијација (PSSI), додава ДПА.

Началникот на полицијата кажа дека безбедносниот персонал ги следел процедурите кога испукале солзавец, откако околу 3.000 навивачи веќе упаднале на теренот.

– Доколку навивачите ги следеа правилата, овој инцидент немаше да се случи – рече тој.

Според безбедносните прописи на ФИФА, на безбедносниот персоналот на стадионите му е забрането да користи гас и огнено оружје за контрола на толпата.

– Фудбалската асоцијација на Индонезија можеби била немарна што не ја информирала полицијата дека безбедносните процедури на фудбалските натпревари не се исти со оние на демонстрациите – додаде тој.

Сведоци изјавија дека навивачите не ги напаѓале ривалските навивачи. Тие своето разочарување од играта и резултатот го демонстрираа кон своите играчи и официјални лица, додека го напуштаа теренот, пренесе ДПА.

Претседателот на Индонезија Јоко Видодо побара истрага за трагедијата.

 

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО