7.9 C
Ohrid
Wednesday, October 5, 2022

Наплатата на струјата по тарифи за нив е неправедна

НАЈЧИТАНО

Откако Регулаторната комисија за енергетика ги најави четирите блок тарифи за наплата на потрошувачката на електрична енергија, граѓаните останаа со многу прашалници особено за време на грејната сезона, како и за тоа колку ќе плаќаат за потрошената струја.

Најмногу нејаснотии има кај оние домаќинства во кои живеат повеќе луѓе, а потрошената струја се пресметува на едно броило, како и кај оние кои своите грејни тела кои го загадуваа воздухот, со субвенции од Град Скопје и владата, ги заменија со инвертер клима уреди.

– Во нашето домаќинство има шест члена, на долниот кат се моите родители, а на првиот јас со сопругата и со двете деца. Функционираме како две посебни живеалишта, но потрошената електрична енергија ни пристигнува на една сметка која ја делиме меѓу себе. Бидејќи функционираме така, нормално е да имаме вкупна месечна потрошена струја која според сегашните најави би нѐ ставила во блок 4, каде што ќе ни се пресметува како да сме мали бизниси – ни рече загрижениот скопјанец Влатко.

Тој размислува да го одвои броилото од тоа на родителите, но не знае каков ефект би постигнал со овој чекор. Ваквата услуга кај операторот ЕВН Македонија чини нешто над 200 евра.

Како што рекоа од Регулаторна, целта на воведувањето на блок тарифите е да се дојде до правда, па оние што трошат повеќе да плаќаат и повеќе, но тука се најдоа обесправени лицата кои своите грејни тела кои користеа мазут, дрва, јаглен и слично, во налетот на еко-акциите на државата, ги заменија со инвертер клима уреди.

– Во моментов се чувствувам измамена. Како ние сега да сме виновни што одлучивме да бидеме општествено одговорни и да го промениме начинот на загревање на нашиот дом. Ја дадовме печката на дрва и со помош на субвенции купивме клима-уред. И не само ние туку многу семејства, особено во Скопје се одлучија да постапат така и сметам дека тоа не е фер и не е наша вина што сакавме да придонесеме за почист воздух и за поздрава средина, а сега ни се враќа со воведување поскапа тарифа – вели Марија.

Таа размислува повторно својот дом да го затоплува со печка на дрва, затоа што според последното поскапување на струјата, најавените блок тарифи, но и најавите за повторно поскапување на електричната енергија, тешко дека ќе може да ги плати сметките. Сепак, како што вели Марија, таа стравува и да не биде казнета од инспекциите, поради тоа што кога ги зела субвенциите потпишала обврска дека повторно нема да користи печка на дрва за затоплување на домот.

Дека е ова неправда за потрошувачите смета и професорот во пензија од Машинскиот факултет во Скопје, Константин Димитров, кој истакна дека околу 60.000 домаќинства се повластени затоа што се приклучени на топлификацискиот систем, не трошат струја за греење и ќе бидат во ниска категорија потрошувачи на електрична енергија.

– Како што велиме на ниво на држава, се движиме кон енергетски ефикасни постројки, и каде што според акциските планови се препорачува користење на топлинските пумпи или т.н. инвертер клима уреди. Дури Градот Скопје и државата даваа и субвенции да се купуваат мали топлински пумпи, наречени комерцијално инвертери клими итн. И сега одеднаш тие ќе бидат на одреден начин казнети, бидејќи ги исфрлиле печките на дрва, ќе преминат на електрична енергија и ќе трошат поголема количина електрична енергија за разлика од претходно – вели Димитров.

Како што истакна тој, овие случаи досега не биле коментирани. Димитров додава дека кога ќе бидат усвоени овие блок тарифи ќе се видат сите пролеми.

Инаку според предлог-моделот на регулаторот, цената ќе зависи од потрошувачката само за делот од сметката што се однесува на високата, скапа тарифа.

Потрошената струја до 210 kwh за 30 дена, секое домаќинство ќе ја плаќа по една цена. Според предложеното, кога би се вовел моделот сега, таа цена би била пониска од актуелната за струјата во скапа тарифа.

Цената на скапата струја од 210 до 420 kwh, односно вториот блок, ќе се наплаќа во втора цена, која би била минимално пониска од актуелната.

Потрошената струја од 420 до 630 kwh ќе се наплаќа по трета тарифа, односно ќе влезе во третиот тарифен блок. Не е јасно колку би чинела, споредено со актуелните цени.

Четвртиот блок, односно четврта цена на електричната енергија ќе се наплаќа за сè што е потрошено над 630 kwh меѓу 7 и 22 часот. Оваа цена ќе биде како и пазарната, односно околу 15 денари за kwh, наспроти сегашните 7,32 денари за kwh во скапа тарифа.

Според најавите, блок тарифите се привремено решение со кое ќе се овозможи ограничените ресурси за домашно производство да се искористат поефикасно и да се стимулира рационална потрошувачка. Дебатите за крајниот изглед на моделот ќе продолжат. Промените во тарифите се очекува да стапат во сила од јули или август годинава.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО