20.9 C
Ohrid
Sunday, October 2, 2022

Москва не повика на општа мобилизација и по повеќе од четири месеци војна против Украина

НАЈЧИТАНО

Москва не повика на општа мобилизација и по повеќе од четири месеци војна против Украина. Во воените дејствија се професионални војници и војници со договор, како и членови на приватни воени компании. Распоредени беа и мажи регрутирани од самопрогласените „републики“ Доњецк и Луганск.

Сепак, службите за регрутирање поактивно од кога било бараат војници со договор, според различни извори, пишува „Дојче Веле“.

Повик и до ветераните

Еден ветеран (име познато на редакцијата) кој не живее во Русија вели дека неодамна добил покана од локалната служба за регрутирање на неговата руска адреса.

– Во служба сум на список над 20 години, од кога бев војник. Јас сум ветеран и не знам каква врска има тоа. Веројатно се работи за прикриена мобилизација – вели Александар, кој и самиот го осудува рускиот напад врз Украина.

Очигледно се повикуваат се повеќе Руси кои биле во војска и имаат борбено искуство. Тоа е темата на руската социјална мрежа ВК – засегнатите разменуваат совети како најдобро да одговорат на поканата.

– Мојот син отиде во службата за регрутирање на 14 јуни. Ја погледнаа неговата лична карта и прашаа дали сака договор. Потоа го пуштија да си оди – пишува на таа мрежа Ана, членка на женска група во Архангелск.

Активистот за човекови права Александар Горбачов, кој ги советува регрутите, забележа зголемена потрага по војници со договор од почетокот на војната, особено во последниот месец.

– Претходно договорот се даваше само на регрути и мажи кои доброволно доаѓаа во канцеларијата. Немаше масовни јавувања – вели тој.

Оксана Парамонова, шефица на организацијата за човекови права „Војнички мајки од Санкт Петербург“, вели дека властите директно ги контактираат компаниите со списоци на вработени кои се поканети. Повик примен на работното место не може да се игнорира со закон. Таа додава дека службите за регрутирање никого не тераат да потпише договор со армијата. Исклучок е Руската Република Чеченија. Тамошните мажи биле киднапирани, мачени и кривично гонети и со тоа принудени да одат на фронтот, објави неодамна интернет порталот на руски јазик „Инсајдер“. „Војнички мајки“ потврдуваат дека тоа не е вообичаено во другите региони на Русија.

– Има случаи каде што нема директен психолошки притисок, туку потенцијалните војници се намамени со плати, бенефиции и услови за работа – вели Парамонова и додава дека многумина им се пожалиле дека не се почитуваат условите од договорот.

Сепак, често излегува дека војниците со договор не ги прочитале правилно нивните договори пред да ги потпишат.

Компензација без преседан

Во многу случаи, дури и не е неопходно да се принудуваат луѓето да одат во војна. Затоа што често може да видите редици пред мобилните станици за регрутирање. Рускиот претседател Владимир Путин на крајот на мај ја укина старосната граница за отслужување воен рок. Сега можат да аплицираат луѓе над 40 години. И многумина го прават тоа.

Надоместокот е исто така важен поттик. Секој што ќе го потпише договорот добива плата од 200.000 рубљи месечно – што е приближно 3.500 евра. Тоа е чудесна плата за руски улови – дури пет пати повеќе од просечната. Според Александар Горбачов, редовната плата на договорен војник во мирно време била 25.000 рубљи, околу 400 евра.

Сепак, во огласите не пишува дали се работи за борбено дејство. За тоа има само индиректни предупредувања. На пример, на крајот од описот пишува: „За време на извршување на специјалната воена операција, може да се склучи договор за четири месеци или повеќе“.

Општата мобилизација е ризична

– Нема прикриена мобилизација во смисла на принудно регрутирање за учество во борбени операции во Украина – изјави Олег Игнатов, аналитичар на Меѓународната кризна група.

Западните медиуми и официјални лица очекуваа Путин да објави општа мобилизација на прославата на Денот на победата на 9 мај. Тоа не се случи, но не може да се исклучи во иднина – вели Игнајтов. Тој смета дека оваа одлука се избегнува од политички причини, за да не се предомислат многу поддржувачи на војната во Русија. Игнатов вели дека недостатоците на руската пешадија при напредувањето во Донбас досега се компензирани со артилериската супериорност на Москва. Но, руските воени сили не би биле доволни да ги заземат градовите Днепар, Одеса или Киев.

– Не знаеме до каде сака да оди Русија во Украина. Доколку се чувствува заглавена, може да се прогласи општа мобилизација – рече тој, пренесе „Дојче веле“.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО