8.9 C
Ohrid
Wednesday, October 5, 2022

Маричиќ го најави потпишувањето на Договорот со Фронтекс

НАЈЧИТАНО

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг состанок за поглавјето 24-Правда, слобода и безбедност, пред претставниците на Европската комисија го најави потпишувањето на Договорот со Фронтекс.

– Задоволен сум што преговорите за Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс, се завршени и што наскоро ќе го потпишеме овој важен договор, на македонски јазик, а во присуство на еврокомесарката за внатрешни работи, Јохансон – рече Маричиќ на состанокот.

Вицепремиерот и главен преговарач Маричиќ додаде дека овој договор е чекор кон подобро управување со границите и управување со нерегуларната миграција, што е заеднички интерес и на Северна Македонија и на Европската Унија, како што беше докажано во минатите времиња, особено за време на мигрантската криза во 2015 година.

Во своето воведно излагање, вицепремиерот за европски прашања Маричиќ посочи дека областа на правда, слобода и безбедност е област од особено значење со оглед на растечката рамка на заеднички правила за прашања како што се граничната контрола, визи, надворешна миграција, азил, полициска соработка, борба против организираниот криминал, борба против тероризмот, соработка во полето на дрогата, царинската соработка и судската соработка во кривичното и граѓанското право.

– Професионалната, доверлива и ефикасна полициска организација е од огромно значење во преговорите со Унијата. Политиките за миграција и управување со границите се исклучително важни и нивниот развој влијае на насоката на социо-економскиот развој на земјата, како и насочувањето и контролата на мерките што се преземаат за заштита на безбедноста на земјата и граѓаните – рече Маричиќ.

Главниот преговарач Маричиќ во делот на постигнувањата во изминатиот период на полето на борбата против организираниот криминал, истакна дека Северна Македонија на оперативно ниво учествува во голем број заеднички активности со земјите-членки на ЕУ и соседните земји, напоменувајќи дека Северна Македонија има на располагање широк спектар на стратешки документи, кои се засноваат на релевантни стратегии на ЕУ во повеќе области.

– Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал континуирано презема активности за меѓуинституционална координација и размена на податоци и информации помеѓу сите инволвирани институции, со што ги поддржува активностите што ги преземаат во сузбивање на организираниот и сериозен криминал – заклучи Маричиќ.

Утре 23.9.2022 година продолжува објаснувачкиот состанок за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност”, на кој Европската комисија, пред македонските и албанските преговарачки тимови, ќе го презентира новиот корпус на ЕУ acquis донесено во периодот по 2018/2019 година.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО