26.9 C
Ohrid
Tuesday, July 5, 2022

Македонци возат по 200 километри за да набават поевтин зејтин

НАЈЧИТАНО

Наглото поскапување на цените на основните продукти во супермаркетите ширум земјава ги натера граѓаните да почнат да бараат алтернативни патишта и да смислуваат нови начини како со помалку пари да ја наполнат потрошувачката кошница.

Еден од тие патишта води надвор од границите на државата, односно до маркетот „Лидл“ во Врање, Србија.

Плусинфо разговараше со семејство од Скопје кое скоро секоја втора сабота во месецот се упатува кон Врање и ги купува основните продукти по драстично пониска цена од таа во нашите супермаркети.

Како што велат нашите соговорници, од недела во недела сѐ поголем е бројот на возила со македонски регистарски ознаки кои натоварени до кров со српски производи чекаат ред за да ја поминат српско-македонската граница.

– Разликата во цените е неверојатна и можеби ќе ви делува неисплатливо да возите 200 километри во двата правци, ама верувајте дека се исплати. Скоро секоја втора сабота во месецот ние одиме во Врање на пазарење. Не паметам колку време не сме влегле во македонски супермаркет. И во Врање и во Скопје ќе ги најдете истите производи, само што тука ќе ги платите двапати поскапо. Засега не ни прават проблем на граница, иако гледаат дека сме изнапазариле сѐ и сешто. Единствениот услов е да купуваме херметички затворена храна. Значи, можете да си купите вакумирани производи, кашкавали, сирење, пијалаци, ама одбегнувајте производи што се продаваат рефус, односно на мерење – објаснува Силвана од Скопје.

Таа со својот сопруг викендов била во Врање на пазарење, па за среќа, ја зачувала фискалната сметка и ни ги кажа точните цени на производите.

– Едно литро зејтин во Врање чини 110 денари, а тука е 160 денари. Разликата е дури 50 денари, па ние најчесто купуваме по еден пакет со шест шишиња зејтин. Еден килограм брашно таму е 35 денари, а тука е 60 денари. Шпагетите и нудлите таму се по 25 денари, а тука се 75 денари. Еден килограм пилешки стек во Врање чини 200 денари, а кај нас е 305 денари. Едно пакување кори за пита таму е 30 денари, а тука е 50 денари. Прашок за перење облека од 8.4 килограми таму чини 380 денари, а тука истиот тој прашок е 800 денари – вели нашата соговорничка.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО