15.9 C
Ohrid
Saturday, August 20, 2022

Колку е безбедно да си опозициски пратеник и од тебе да зависи промената на Уставот?

НАЈЧИТАНО

Да не сте ни во кожа, ама не се плашиме од никого. Вака, кратко и прецизно, народните избраници од опозицијата ни одговорија на прашањето „што сѐ ги очекува пратениците кои веќе се изјаснија дека одбиваат да гласаат за уставните измени со цел да влезат Бугарите во Преамбулата?“.

Закани, уцени, непристојни предлози, заплашувања, вршење притисок врз членови на потесното семејство и врз блиски роднини, па дури и физички пресметки и уништување на приватен имот. Вакво нешто опозициските пратеници со коишто разговараше Плусинфо очекуваат да им се случува во следниот период, бидејќи, како што велат, токму од нив најмногу зависи дали во Собранието ќе биде обезбедено двотретинско мнозинство кое е потребно за да се извршат измените на Уставот.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека во следниот период очекува секакви притисоци со цел да го натераат да го смени мислењето и да гласа „за“ промена на уставните измени, но, како што посочува, машки ќе издржи до крај и нема да попушти.

Ќе има секакви закани и притисоци, ама јас лично не чувствувам никаков страв, бидејќи знам дека сум застанал од страната на народот. Ако се плашиме, тогаш не треба да се занимаваме со политика.

Бојан СтојаноскиПратеник, ВМРО-ДПМНЕ

– Очекувам сѐ и сешто, ама нашиот став како партија е повеќе од јасен. Овојпат никој од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот, а најголема гаранција за граѓаните е зборот на пратениците, бидејќи секој од нас е избран од одредена група на граѓани, па ние сме должни да бидеме искрени со тие граѓани. Ќе има секакви закани и притисоци, ама јас лично не чувствувам никаков страв, бидејќи знам дека сум застанал од страната на народот. Ако се плашиме, тогаш не треба да се занимаваме со политика. Јас само ќе ве потсетам дека во изминатиот период му ја запалија куќата на потпретседателот на партијата, а бомба му фрлија во дуќанот. Исто така, на пратеникот Петар Ристески му ја запалија викендицата, а по кратко време ја затворија истрагата како несреќен случај. Сега, на истиот тој пратеник му го запалија автомобилот. Но, ниту потпретседателот, ниту пратеникот Ристески, досега не се откажале од политиката и воопшто не го намалиле интензитетот на јавните настапи во однос на критиките кон власта. Ние сме свесни со што се соочуваме, а од овие бандити на власт може буквално сѐ да се очекува. Сепак, овојпат климата е поинаква, бидејќи сега не се спротивставуваш на 44 пратеници, туку на 73 проценти од народот којшто не ги поддржува постапките коишто ти како Влада ги преземаш – објаснува Стојаноски.

Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ смета дека овојпат не постојат шанси да се повтори епизодата од 2018 година, кога осуммина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ решија да ги поддржат уставните измени.

– Власта е повеќе од свесна дека сега работите се драстично променети во однос на 2018 година, бидејќи 73 проценти од граѓаните не го поддржуваат ова што го прават властите, а јас мислам дека со објавувањето на Протоколот, тој процент направи скок на 83 проценти. Јас како пратеник никогаш нема да гласам спротивно на волјата на гласачите и мислам дека на Македонија и на македонското општество им е потребна европеизација, а не бугаризација. Ние бараме фер шанса, бараме да ги исполнуваме копенхагеншките критериуми и бараме да ни се мери како за другите држави, така и за нас. Воопшто не размислувам на притисокот што ќе следува во следниот период. Тие со мене знаат на што се и тие многу добро знаат дека не им се плашам – рече Пренџов.

Верувајте, во политичките партии, па и во редовите на пратениците во Собранието, има луѓе со краток фитил. И како размислуваат тие луѓе? Ако некој не размислува како мене и ако не е дел од мојата политичка партија, тогаш ајде да му го запалиме автомобилот или да му фрлиме бомба во куќата. Значи, состојбата е многу страшна.

Тито ПетковскиПоранешен претседател на Собранието

Според поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, политичарите во земјава сѐ уште се однесуваат како да се на дивиот запад.

– Не постои друг начин, освен да се зголеми чувството на одговорност кај секој пратеник во македонското Собрание. Доминантно е чувството на пратеникот дека тој припаѓа на одредена политичка партија и со него може секако да се манипулира, додека, пак, Уставот инсистира пратеникот да ги претставува граѓаните во Парламентот. Конечно треба да се зголеми одговорноста и комуникацијата во Собранието да биде цивилизирана, да има почитување. Но, кај нас не постои политичка култура. Во Македонија не може да се оди напред доколку не седнат сите пратеници на иста маса и не почнат да носат одлуки со консензус. Но, кај нас се создаваат огромни тензии, нетрпеливост, омраза и често доаѓа до несакани инциденти. Јас не би сакал во земјава да се повторат некои сцени кои подоцна се рефлектираат врз состојбите во Собранието, а на крајот и врз состојбите на граѓаните. Едноставно, нема лек. Јас не познавам друг лек освен луѓето да сфатат дека мора да се однесуваат свесно и одговорно. Ете, ноќеска некој му го запалил автомобилот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е скандалозно. Класичен криминален чин. Верувајте, во политичките партии, па и во редовите на пратениците во Собранието, има луѓе со краток фитил. И како размислуваат тие луѓе? Ако некој не размислува како мене и ако не е дел од мојата политичка партија, тогаш ајде да му го запалиме автомобилот или да му фрлиме бомба во куќата. Значи, состојбата е многу страшна. Се наоѓаме во еден наш македонски див запад. Чувствителен е периодот и за жал, може сѐ да се очекува – објаснува Петковски.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО