25.9 C
Ohrid
Thursday, July 7, 2022

Кои документи се потребни за поставување фотонапонска електрана на куќа?

НАЈЧИТАНО

Не е така лесно да се постави фотонапонска електрана на куќа или погон како што на прв поглед изгледа. Покрај финансиска конструкција, потребно е да се обезбедат и низа документи за да се заврши постапката како што треба. Експерти велат дека во најдобар случај постапката може да трае 6 месеци, ако се имаат подготвено сите документи и е набавена целокупната опрема, но може да потрае и подолго и зависи од експедитивноста на административните органи кои најчесто ги издаваат документите и одобренијата и дали сопственикот на објектот поседува имотен лист од катастар.

Владата го промени Правилникот за обновливи извори на енергија со кои овозможи потрошувач-производител да постави производна постројка со инсталирана моќност 6 kW, за домаќинствата и 40 kW, за мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник, за задоволување на сопствени потреби и продажба на струјата.

Оваа измена, но и сè поскапата струја која ја плаќаат домаќинствата и малите корисници, ги натераа да размислуваат за ваков вид на инвестиција.

Пресметките се дека на едно семејство му се потребни од 4.000 до 6.000 евра за да ја почне и заврши постапката со сите документи за поставување на фотонапонски електрана на покривот.

– За производство на 6 kW струја колку што вообичаено е потребно за едно семејство потребни се од 12 до 15 квадрати фотоволтаици. Нивната набавка со целокупната документација чинат од 4.000 до 6.000 евра зависно од тоа дали има или нема градежни документи. Вложувањето е исплатлива и се враќа за 5 години, ако се произведува струја само за сопствени потреби, а 10 години, ако дел до струјата се враќа во системот. Во иднина бидејќи цената на струјата ќе расте, вложувањето ќе биде поевтина бидејќи и опремата ќе има пониска цена – вели Маријан Ненов.

Според него, домаќинствата кои поставуваат фотонапонски електрани на сопствени објекти за задоволување на сопствените потреби од струја не би требало да поднесуваат никакви документи, но ако ја продаваат струјата тогаш состојбата е поинаква.

– Ако јас на мојот објект сакам да поставам фотонапонски електрана за сопствени потреби кој треба да ми даде одобрение. Самиот одлучувам дали статиката на покривот е добра или не. Мислам дека за тоа не треба да се бараат посебни елаборати и да се изложуваат граѓаните на дополнителни трошоци. Во правилниците не е дефинирано ова и граѓаните се изложуваат не непотребни трошоци преку изготвување на елаборати. Но, ако сакам да вратам дел од произведената струја во системот, тогаш ќе треба да ги исполнам сите законски предвидени постапки и да ги поднесам сите документи. – вели Ненов.

Од Стопанската комора за енергетика информираат дека интересот кај граѓаните и компаниите е голем за поставување на фотонапонски електрани на објектите. Дневно примаат и по 10 барања за изработка на проектна документација за инсталирање соларни системи, за разлика од порано кога имало само по две-три барања годишно.

Што всушност е потребно за да се постави фотонапонски електрана на покривот на куќата или производствениот погон, според актуелните правилници и закони.

Во основа за поставување фотонапонски централа на покрив, покрај пресметките колку панели се потребни за задоволување на потребите од струја за сопствени потреби – за домаќинство или компанија, треба да се обезбедат повеќе документи.

Прво што треба да се направи е да се добие решение за поставување на фотоволтаици на покривот од Општината во која е објектот. А да се добие тоа потребно е:

  • објектот да има имотен лист, односно да е запишан во катастар,
  • да има подготвен елаборат за статика на покривната конструкција, го подготвуваат градежни инженери
  • и да има елаборат за електрика на фотонапонски електрана, кој го  подготввуаат во Стопанската комора за енергетика.

Покрај ова потребно уште и да се достави пријава во „ЕВН дистрибуција“ за добивање точка на приклучок за произведената електрична енергија и да се склучи договор со снабдувачот кој ќе го преземе вишокот произведена електрична енергија, ако се продава  вишокот на произведена електрична енергија.

И за овие постапки се потребни документи кои треба да се достават до компанијата.

Ова е во случај кога објектот на кој треба да се постави фотонапонска електрана е легализиран. Доколку нема имотен лист, односно е дивоградба, прво ќе треба да се легализира. Оваа постапка трае подолг период и зависи од општинската администрација.

Со последните измени на Правилникот за обновливи извори се овозможи и заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда кои склучиле договор за вршење управувачки услуги со управител на станбени згради, да може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновливи извор до 6 kW, а произведената електрична енергија да се користи за потребите на заедничките делови во станбената зграда.

Владата и годинава ќе субвенционира дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година.

Во Програмата за промоција на обновливи извори на домаќинствата за 2022 година се испланирани 60 милиони денари.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО