22.9 C
Ohrid
Friday, July 1, 2022

Ковачевски: Францускиот предлог за кревање на бугарското вето е неприфатлив во оваа форма каква што е сега

НАЈЧИТАНО

Францускиот предлог за кревање на бугарското вето е неприфатлив во оваа форма каква што е сега, објасни македонскиот премиер Димитар Ковачевски пред присутните на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел на заедничката пресконференција со Александар Вучиќ и Еди Рама.

– Ќе бидам директен, предлогот во ваква форма е неприфатлив за мене, за претседателот, коалиционите партнери и за граѓаните – рече Ковачевски.

Премиерот сепак остави простор предлогот да се доработи до крајот на француското претседателство, според македонските предлози. Тој уште еднаш ги повтори црвените линии кои вчера ги објави на Фејсбук, чиста формулација за македонскиот јазик, јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања да не бидат критериуми во преговарачката рамка, a преговорите со ЕУ да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот.

– Сакам да се заблагодарам на Макрон за францускиот предлог. Ние ги соопштивме нашите црвени линии – рече тој.

– Сите 27 лидери кои се приклучија, влегоа гордо со сите свои културни и лингвистички различности. Ништо повеќе од ова не бараме ни ние. Почит за лингвистичкиот, културниот и историскиот идентитет на мојот народ – гордо изјави Ковачевски.

– На самитот денес изразив незадоволоство од пристапот. Македонија е кандидат веќе 21 година. Ќе бидам директен уште веднаш. Губиме драгоцено време. Ова е сериозен удар врз кредибилитетот. Не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерален проблем. Бугарија од друга страна реши да се стави во минатото и повторно да поставува услови. Ова на никој не му одговраат, освен на трети страни. Македонија направи многу. Време е ЕУ да испорача – додава тој.

Премиерот ги увери граѓаните на Македонија дека никој не може однадвор да им наметне решение.

– Граѓаните може да бидат спокојни. Никој не може без наша согласност да ни наметне нешто. Ние направивме сѐ, сега ЕУ е на потег – додаде премиерот.

Ковачевски рече дека ја слушнал идејата на Емануел Макрон за европската геополитичка заедница, односно европска „втора лига“ и рече дека Македонија е заинтересирана.

– Денеска ја слушнавме идејата на Макрон за европска геополитичка заедница. Оваа иницијатива ја поздравуваме, сметаме дека веднаш треба да биде имплементирана, но сакаме да видиме како таа детално ќе функционира.

Премиерот најави и дека иницијативата Отворен Балкан ќе продолжи, како и напорите нашата земја одвнатре да се европеизира.

– Во меѓувреме Македонија, Албанија и Србија ќе ги европеизираат своите општества преку Отворен Балкан, иако иницијативата нема да биде замена за членството во ЕУ – рече премиерот, а потоа се обрати и на англиски јазик пред присутните.

Тој во говорот повтори и дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Македонија.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО