26.9 C
Ohrid
Tuesday, July 5, 2022

Ковачевски на Преспа форум: Интегриран Западен Балкан е важен за обединета економски силна Европа

НАЈЧИТАНО

Премиерот Димитар Ковачевски со воведно обраќање ја отвори сесијата на тема „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“ во рамки на Преспа Форумот за дијалог.

Во фокусот на обраќањето на премиерот Ковачевски беа три клучни аспекти поврзани со темата и тоа усогласувањето на националното законодавство со законодавството на Унијата, Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ и економскиот бенефит како и Интеграција на регионот во ЕУ и Единствениот пазар на Унијата.

На сесијата учествуваа и премиерите на Србија Ана Брнабиќ, на Косово Албин Курти, Мајлинда Брегу, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Матео Бономи експерт за економија од Меѓународниот Институт во Рим.

Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето во целина:

„Ми претставува голема чест и задоволство што сме заедно на годинешната значајна меѓународна конференција Преспа Форум за Дијалог.

Задоволството е уште поголемо што сме заедно со моите колеги од регионот, претседатели на држави, министри, амбасадори, високи претставници на Европската Унија и Соединетите Американски Држави, но и претставници од меѓународните организации.

Темата со која го започнуваме денешниот ден на Преспа Форум за дијалог: „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана“ е од голема важност, особено во денешни услови на светски превирања, што уште повеќе ја нагласува потребата од интеграцијата на земјите од Западен Балкан кои природно припаѓаат во Европа.

Во ова мое излагање, не би сакал да се навраќам на минатото, бидејќи загубено е драгоцено време, особено кога станува збор за евро-интегративниот процес на Северна Македонија. Обично дискусиите на Балканот најчесто се водат за минатото и историјата и постојат политичари кои уживаат да зборуваат за теми од минато и историја особено од соседството, а тоа се и најлесни теми за зборување, бидејќи кога зборувате на граѓаните за историјата тогаш всушност ништо и не им ветувате. Најтешко е да зборувате на граѓаните за економијата, бидејќи тогаш се ветува и тогаш граѓаните имаат очекувања за подобар животен стандард. Ќе зборувам за сегашноста и за плановите за иднината за сé она што ние како земја, во соработка со земјите од регионот и нашите стратешки партнери го реализираме со една единствена цел, економски развој и подобар стандард за граѓаните.

Ќе ставам фокус на три главни аспекти поврзани со темата:

1. Усогласување на националното законодавство со законодавството на Унијата, имплементација на стандарди и на структурните реформи;

2. Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ и нејзините бенефити;

3. Интеграција на регионот во ЕУ и Единствениот пазар на Унијата.

Во однос на првиот аспект сакам да нагласам дека нашата определба за членство во Европската Унија е јасна уште од независноста на државата. Ние сме земја кандидат за членство во Унијата, уште од 2005 година, пред 21 година е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Склучувањето на Спогодбата е од исклучително значење за развојот на односите помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, со што се внесе нов квалитет во меѓусебните односи и предвидуваше да се постигне асоцијација во текот на максимум 10 години, во две последователни фази. Иако оваа временска перспектива не се постигна, Спогодбата останува единствената правна рамка која ги регулира односите меѓу двете страни и која придонесува за политичката и економската стабилност на земјата, консолидација на демократијата и владеење на правото. Воспоставивме формална рамка за политички дијалог, на билатерално и регионално ниво, слободна трговска зона со ЕУ, а воедно се обезбеди економска, социјална, образовна, научна, технолошка, енергетска и културна соработка како и соработка во областа на животната средина. Спогодбата за стабилизација и асоцијација, останува на сила сè додека Република Северна Македонија не пристапи во Унијата.

Преговори, сè уште не сме почнале, и тоа секако се должи на предизвиците кои го попречија нашиот европски и интегративен пат. Но, еве нѐ денес, сè уште на истиот тој пат, бидејќи членството во ЕУ, за нас, нема алтернатива. За нас, ЕУ интеграцијата е прашање на прифатени највисоки западно-демократски вредности и посветеност за исполнување европски стандарди на работење во сите сфери на општеството и во сите институции.

Една од обврските која произлезе од Спогодбата беше усогласување на националното законодавството со правото на ЕУ и негово спроведување, особено во првата фаза, во поглавјата од внатрешниот пазар, со посебен фокус на конкуренција, интелектуална, индустриска и трговска сопственост, јавни набавки, стандардизација, акредитација, оценка на сообразност.

Република Северна Македонија има четири позитивни последователни извештаи на Европската комисија, како и 45 проценти усогласеност на националното законодавство со законодавството на ЕУ, а во некои сегменти сме и пред или на исто рамниште со земјите кои веќе повеќе години преговараат со ЕУ.

Нашето право е усогласено во голема мера во областите од внатрешниот пазар, царинската унија, даночната регулатива, сé со цел постепено приближување кон европските стандарди, за добивање на максимални придобивки во работењето на компаниите.

Во насока на креирање на економските политики, се подготвува Програмата за економски реформи како стратешки документ во економскиот дијалог со ЕУ. Овој документ претставува подготовка за учество во процесот на економски и фискален надзор на земјите членки на ЕУ, односно за вклучување во процесот на европскиот семестар за координација на економските политики во ЕУ, а се подготвува согласно заклучоците од Заедничкиот економско-финансиски дијалог. Во рамките на механизмот за социјално-економскиот дијалог кој се фокусира на приоритетите и реформите во областа на пазарот на трудот, вработувањето, образованието и социјалната политика, се подготвува Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика која се фокусира на три приоритетни области: пазар на труд и вработување, човечки капитал и вештини и социјална инклузија и социјална заштита. Исто така, земјата подготвува Стратегија за паметна специјализација како сеопфатен модел за одржлив економски раст, заснован на капацитетите на индустријата, науката и општеството, која треба да се поврзе со постојните стратегии за конкурентност иновации и стратегијата за истражување и развој.

Северна Македонија тековно ги исполнува и обврските кои произлегуваат од Енергетската заедница и Транспортната заедница и вложува значителни напори за продлабочување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија и во сите области на животната средина со цел достигнување на целите на Зелената агенда, одржливиот развој, како и рамномерниот регионален и локален одржлив развој.

Новата методологија за проширување на ЕУ од 2020 година е уште еден и најнов обид економските критериуми да се донесат во првите редови на процесот на пристапување кон ЕУ. Со формалното интегрирање на економските критериуми во „кластерот Темели“ на преговорите за пристапување кон ЕУ, исполнувањето на Копенхашките економски критериуми е меѓу главните политички приоритети што управуваат со целокупниот процес на претстојните преговори за пристапување кон ЕУ.

Со овој пристап на „кластер Темели“ на преговорите, напредокот на земјата кандидат во однос на прашањата за исполнување на Копенхашките економски критериуми ќе биде меѓу клучните области што ќе го одредуваат целокупното темпо на преговорите. Оттука, сите наши напори во претстојниот период неминовно ќе бидат насочени кон понатамошно прилагодување на нашиот систем за економско унапредување, не само заради обврските кон ЕУ, туку пред сé заради нас самите. Сите политики ќе се креираат во партнерство со бизнис заедницата, за да се креираат најдобрите решенија, кои ќе бидат во интерес на сите.

Имаме направено многу одрекувања, сме донеле тешки одлуки за зачленување во ЕУ и НАТО, за подобра иднина на граѓаните. Членството во НАТО е постигнато. Поради една блокада, Европската Унија не ги исполнува ветувањата, иако има широка поддршка од земјите членки, за што сум навистина благодарен јас и граѓаните на државата.

Продолжуваме да работиме на европеизација на севкупниот систем во државата, европските демократски и општествени вредности ги имплементираме дома. Ние сме дел од Европското семејство и ги делиме истите вредности.

Во однос на вториот аспект: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, може да кажеме дека сега се уште појасни и поаргументирани придобивките од слободниот проток на капитал, луѓе, стоки и услуги.

Неодамна на Самитот на Отворен Балкан кој се одржа на 7 и 8 јуни, тука во Охрид, бев домаќин заедно со лидерите на регионот. Тоа јасно дава на важност дека економските придобивки и доброто за граѓаните и стопанството се приоритет, како за Северна Македонија, така и за регионот. Сите земји, од Западен Балкан се добредојдени во оваа иницијатива. „Отворен Балкан“ како и унапредувањето на регионалната соработка во рамки на Берлинскиот процес, се стремат да ни овозможат поголем економски раст што е клучен предуслов за стабилност и просперитет. „Отворен Балкан“ ни обезбеди платформа да разговараме меѓу себе, да се договориме за заеднички проекти и средства за дејствување за подобрување на нашата заедничка иднина. Потенцијалите за економски заживување на регионот се неопходни, а тоа е и предуслов за понатамошна подготовка за идна интеграција во заедничкиот внатрешен пазар на ЕУ. Ова е одлична иницијатива, но не може да биде алтернатива на ЕУ.

„Отворен Балкан“ значи подобрување на конкурентноста, нови инвестиции, инфраструктурно поврзување, поголем пазар, мобилност и развој на бизнисите во регионот. Тоа значи и подобар стандард и квалитет на живот на сите наши граѓани од целиот Балкан. Со „Отворен Балкан“ ние не сме пазар со 2, туку сме пазар со повеќе милиони жители, а тоа значи потенцијал на регионот за повеќе инвестиции и економски бенефит.

Токму регионалното здружување верувам дека нé води побрзо кон третиот аспект кој го кажав на почетокот на моето обраќање, а тоа е Интеграција на регионот во ЕУ и Единствениот пазар на Унијата.

Фактот дека сите наши економии се најдиректно зависни и поврзани си Европската Унија најдобро зборува за важноста на пазарот и зајакнувањето на економските врски со ЕУ како за секоја земја поединечно, така и за регионот во целина. ЕУ е најважниот економски партнер, 80% од нашата надворешна трговска размена е со земјите членки на Унијата, 80% од стратешките странските инвестиции исто така се од земји членки на ЕУ кој процент заедно со Велика Британија е над 90%.

За нашата земја, за деловната заедница интеграцијата на регионот со ЕУ, односно во единствениот пазар е од голема важност. Пред две години на Самитот во Софија во рамки на Берлинскиот процес, се потпиша Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ како и Декларацијата за зелената агенда.

Неопходно е интензивно ефектуирање и забрзување на сите процеси особено од аспект што живееме во услови на најголемата светска криза, период на пост-пандемија и воена агресија врз Украина, која направи тектонски поместувања и поделеност на светот.

Неопходно е да работиме во интерес на граѓаните, на стопанството, на развој на регионот, сé со цел економски напредок.

После 65 години од потпишувањето на Римскиот договор на кој се темели денешната Европска Унија, повеќе од јасна е неопходноста за зголемување на единството во Унијата, за реализација на ветеното, за обединета, единствена и економски силна Европска Унија, со целосно интегриран Западен Балкан.“

Линк до видео од обраќањето на премиерот Ковачевски на Преспа Форумот за дијалог

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО