24.9 C
Ohrid
Thursday, July 7, 2022

Ковачевски му честита на поглаварот Стефан за автокефалноста

НАЈЧИТАНО

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, по повод одлуката за стекнување автокефален статус со кој МПЦ-ОА се прифаќа како еднаква со другите сестрински цркви во православната заедница.

На средбата, премиерот Ковачевски на Архиепископот охридски и македонски Г.Г. Стефан му го предаде писмото со честитки по тој повод во негово име и во име на Владата на Република Северна Македонија.

„Бидете горди и радувајте се затоа што на Вашата генерација ѝ припадна честа и подвигот МПЦ-ОА, како наследничка на древната Охридска архиепископија, да биде впишана како автокефална, еднаква со сите други, во диптихот на Вселенската патријаршија во која се запишани сите канонски православни цркви во светот.

Ваше Блаженство, го избравте единствениот пат за решавање на заслужениот статус на МПЦ-ОА. Со оваа канонски исправна одлука, со радост и без најмала воздржаност ќе ја дочекаме заедничката служба со претставниците на останатите православни цркви во седиштето на Цариградската патријаршија со која ќе се прифати МПЦ-ОА како рамноправна сестринска црква.

На верниот македонски народ му честитам на трпеливоста и на истрајноста. На вербата дека заслужуваат да го дочекаат денот кога ќе бидат прифатени во љубов и кога ќе се радуваат на возобновена Охридската архиепископија во лицето на МПЦ како еднаква и официјално прифатена во заедницата православни цркви.

Во историскиот чин за прифаќање на МПЦ-ОА како канонска автокефална црква се вградени и големите дела на Светите Кирил и Методиј, на Свети Климент, како и делата на сите останати црковни и духовни големци во редот на нашата историја, вградени во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ.

Од духовните плодови и придонес на тие наши големци во историската низа на нашиот континуитет, денес Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа. Нека ни остане засекогаш во паметење денот кога МПЦ-ОА ја стекна својата автокефалност“, се наведува во честитката од Ковачевски до поглаварот Стефан.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО