22.9 C
Ohrid
Friday, July 1, 2022

Како француските медиуми ја толкуваат ситуацијата во која се наоѓа Македонија

НАЈЧИТАНО

По Грција, која стоеше на патот со години, потоа Франција, која и се спротивстави, Бугарија стави вето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската унија, а во исто време и Албанија е колатерална жртва. Падот на бугарската влада вечерта на 22 јуни, ден пред балканскиот самит во Брисел дополнително го компромитира деблокирањето на ситуацијата, анализира Мари Вердие новинарката на париски „Ла Кроа“, пренесува дописникот на МИА.

Заканата за бојкот сè уште лебдеше ден пред самитот за Западен Балкан од главните заинтересирани страни. Премиерите на Албанија Еди Рама и на Северна Македонија Димитар Ковачевски, придружувани од претседателот на Србија Александар Вучиќ, конечно одлучија овој четврток, на 23 јуни, да заминат во Брисел заедно со другите лидери на земјите од регионот, кои многу долго тропаат на вратата на Европската Унија.

Еди Рама, во твитот објавен на 22 јуни го сумираше незадоволството: „Се чини дека ќе има уште едно „Не, извини!“ тоа е она што ќе го слушнеме на крајот! Цела Унија киднапирана од Бугарија, не е добра глетка за гледање! Што правиме таму?!“

Овој самит требаше да го одбележи „повторното ангажирање и реинвестирање на ЕУ во регионот на Западен Балкан“, како што потсети извор од Елисејската палата. Сепак, тој ризикува да заврши во ќорсокак, дури и ако оние околу претседателот сè уште сакаат да веруваат во решение во последните денови од француското претседателство со Советот на ЕУ, пишува понатаму „Ла Кроа“.

Бугарија е таа што ги блокира пристапните преговори со Северна Македонија. Сепак, падот на владата на Кирил Петков остава малку надеж за успешен исход на спорот.

– Откако дојде на власт минатиот декември, проевропскиот реформатор никогаш немаше одврзани раце да стави крај на бугарските идентитетски тврдења. Бугарија има преголеми барања, во однос на историјата, но и на јазикот, го смета македонскиот за бугарски дијалект и бара бугарското малцинство да биде запишано како конститутивен народ во македонскиот Устав, резимира Горан Секуловски, специјалист за југословенскиот простор на Иналко. „ЕУ не можеше да ја скрши бугарската брава, па оттука и укорот што дозволи да биде фагоцитирана од Бугарија“ –  додава тој. Сепак, падот на премиерот, кој отвора голем период на неизвесност, во позадина на системската политичка нестабилност во Софија, предизвикува страв од нов ќор-сокак.

– Сепак, ниту една земја не направи толку многу напори и жртви како Северна Македонија во нејзиниот процес на демократизација и решавање на споровите со соседите – забележува Флорен Марсиак, ко-директор на Балканската опсерваторија во Жан Жор. Огорченоста, вели, ги освојува сите балкански земји кои се чувствуваат маргинализирани, а згора на тоа, Украина го апсорбира целиот дипломатски капитал.

Треба да се верува дека ќе падне проклетството на Северна Македонија, земја која официјално аплицираше за членство од 2005 година и која сè уште го гледа нејзиниот пат кон интеграција блокиран. Дваесет години Скопје беше под гневот на Грција, која бараше поранешната југословенска Република Македонија да го смени името за да се разликува од сееврниот грчки регион.

Штом овој историски спор беше решен во 2018 година, Франција го презеде противењето за проширување во 2019 година. Хоризонтот конечно се чинеше јасен во пролетта 2020 година, кога европските лидери се согласија за нова методологија за членство и дадоа зелено светло за отворање на преговори со Скопје и со Албанија. Но, тогаш Бугарија стави вето, објаснува „Ла Кроа“

Албанија го носи најголемиот товар од оваа блокада. Европските лидери ги здружија двете земји во нивниот марш кон членство, иако тоа теоретски се заснова на заслугите и напредокот на потребните реформи. Што се однесува до укинувањето на визите за Косово, препорачано со години, ова прашање, иако технички решено, не е на агендара на самитот.

Босна и Херцеговина останува надвор од опсегот на членство. – Сега треба да бидете кандидат за кандидатурата, ЕУ бара од неа реформски план од четиринаесет точки, кој е невозможно да се спроведе, коментира Флорен Марсиак. Горчината е огромна, Босанците си велат дека војната им била бескорисна, дека ќе им треба нова војна за да напредуваат кон ЕУ, завршува демохристијанскиот дневен весник „Ла Кроа“.

Тут л’Ероп: „Членство на Западен Балкан во ЕУ: Што сакаат земјите-членки?“

Во регионот на југоисточна Европа, неколку земји со години тропаат на вратата на Европската унија и сè уште го чекаат повторното започнување на проширувањата. За да се приклучи, на Западен Балкан му треба едногласно да се договорат земјите-членки, објаснува францускиот веб портал Тут л’Ероп посветен на европските интеграции,  пренесува дописникот на МИА.

Новиот самит ЕУ-Балкан кој се одржува денеска и утре во Брисел, според веб порталот, има за цел да направи преглед на тековниот процес на кандидатура. Последен пат ваква средба се одржа по повод Самитот во Брдо на 6 октомври 2021 година, организиран од словенечкото претседателство со Советот на Европската унија. Единствената земја од Западен Балкан што стана членка на ЕУ беше Хрватска во 2013 година.

Останатите шест земји од Западен Балкан кои не се членки на ЕУ не се сите во иста фаза во процесот на интеграција, се наведува во анализата. Меѓу нив, четири се официјално признати како кандидати: тоа се Северна Македонија (од 2005 година), Црна Гора и Србија (од 2012 година) како и Албанија (од 2014 година). Босна и Херцеговина и Косово се сметаат за „потенцијални кандидати“. БиХ се декларира во 2016 година, но се уште не добила кандидатски статус. Што се однесува до Косово, се посочува, дека земјата ја изрази својата намера за влез во ЕУ, но сè уште нема поднесено барање.

Финалната декларација на Самитот во Брдо во октомври 2021 година ја потврдува „недвосмислената поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“ на 27-те и инсистира на посветеноста на Унијата „на процесот на проширување“. Особено поради взаемниот стратешки интерес на двете страни. Изгледите што беа реафирмирани на овој состанок, се наведува во текстот, беа особено рефлектирани со економски и инвестициски план од 30 милијарди евра за седум години со цел да се финансира транспортот, енергетската транзиција, здравството, обуката или дигитализацијата на економијата на овие земји кандидати.

– Сепак, пречките за европската интеграција опстојуваат. Како што се повторливите тензии од гранична или етничка природа меѓу населението на поранешна Југославија. Но, поделбите меѓу земјите-членки на ЕУ по ова прашање исто така го забавуваат процесот. Сегашното блокирање од Бугарија на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е пример за тоа – стои во анализата.

Во контекст на војната во Украина од крајот на февруари 2022 година, се посочува, неколку земји-членки на Унијата неодамна ставија до знаење дека сакаат повторно да го започнат проширувањето на Балканот. По повод состанокот на земјите од југоисточна Европа во Солун на 10 јуни 2022 година, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го искористи овој самит за да предложи интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ до 2033 година.

– Австрија, исто така жесток бранител на идејата за брз пристап на Балканот, од своја страна повторно ги покани своите европски партнери да испратат „јасни сигнали“ до балканските земји за време на самитот на 23 јуни, особено до Македонија и Албанија и Босна и Херцеговина, нагласувајќи го „големиот потенцијал на Русија за дестабилизација не само во источна Европа, туку и на југоисток“. Истовремено, Словенија ќе изврши притисок за време на следниот Европски совет на 23 и 24 јуни Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус за ЕУ – наведува францускиот веб портал.

За Тут л’Ероп, една од главните актуелни пречки за интеграцијата на Западен Балкан е бугарското вето кое бара Северна Македонија да ја вклучи заштитата на бугарското малцинство во нејзиниот Устав.

Софија веќе во 2020 година ја отфрли „преговарачката рамка“, која требаше да го сочинува патоказот за пристап на Скопје во Европската унија. Згора на тоа, ова вето ја спречува и Албанија да напредува во процесот на проширување бидејќи земјите-членки одлучија да ги поврзат македонската и албанската кандидатура. Затоа, убедувањето на Бугарија ќе биде една од целите на самитот ЕУ-Балкан на 23 јуни 2022 година, оценува веб порталот во анализата.

На чело на ротирачкото претседателство на Советот, Франција формулираше решение за надминување на ветотот од бугарската влада.

– Неодамна во Софија беше предложено почитувањето на идниот билатерален договор со Северна Македонија, кој ќе ги реши нивните разлики, да биде дел од преговарачката рамка на земјата. Предлог позитивно оценет од владата на Кирил Петков. Но, во зафатот на големата политичка криза, се чини малку веројатно дека Бугарија ќе го укина ветото до крајот на неделата. Од друга страна, ветото би можело да биде повлечено во блиска иднина, по самитот на Балканот, лидерот на десноцентристичката опозициска партија ГЕРБ, поранешниот премиер Бојко Борисов, изјави дека го поддржува францускиот предлог. Ова дава парламентарно мнозинство во Бугарија подготвено да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија – посочува веб порталот.

Но, овие две земји, како и другите земји кандидати во регионот, се наведува, нема да можат веднаш да се интегрираат во ЕУ – времето врши притисок. Во Западен Балкан, силите кои се натпреваруваат со Унијата, Кина и Русија на чело, се во потрага и се обидуваат да го прошират своето влијание што е можно повеќе. За да одговори на оваа вонредна состојба без да го запре процесот на проширување, Емануел Макрон на 9 мај го претстави проектот за Европска политичка заедница (ЕПЦ).

Целта на оваа заедница, како што објаснува Тут л’Ероп, е да се создаде структура која ќе ги обедини земјите од Европа кои сè уште не можат да се приклучат на ЕУ или кои не сакаат да го сторат тоа околу заедничките демократски вредности. Оваа организација, која има за цел да биде комплементарна на Унијата, а не како алтернатива на членството, би била наменета да ја олесни соработката меѓу државите во клучните области, како што се безбедноста, енергијата или инфраструктурата. Конкретно, за ЕПЗ ќе се дискутира на самитот на Дваесет и седумте, на 23 и 24 јуни. И доколку идејата се оствари, земјите од Западен Балкан секако ќе бидат поканети да учествуваат, заклучува францускиот веб портал во анализата. 

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО