18.2 C
Ohrid
Friday, July 1, 2022

Затвореникот Борис Кусиников од Гевгелија, човек на возраст од 78 години, е сериозно болен

НАЈЧИТАНО

Затвореникот Борис Кусиников од Гевгелија, човек на возраст од 78 години, е сериозно болен. Неговата општа здравствена состојба е лоша, а неговата дијагноза бара задолжителна консултација со кардиохирург, кој треба да одлучи дали има потреба од хируршка интервенција.

Прегледот, закажан за в понеделник, 6 јуни, со упат од гевгелиската болница во Клиниката за кардиохирургија во Скопје, сепак, нема да го спаси Боро од тешкиот затворски живот во „Идризово“, кој е уште потежок кога човек е болен. Тој сега се наоѓа дома во Гевгелија, на едномесечен прекин на затворската казна (од 9 мај до 8 јуни, со решение на директорот на Управата за извршување санкции во Скопје УП1 бр. 08-256 од 6 мај 2022 година).

Во меѓувреме, осуденикот Боро побарал надлежниот судија за извршување санкции да донесе одлука прекинот да му се продолжи, затоа што се очекува лекарската „пресуда“ за него да биде – операција. Тој исто така ја побарал на увид и медицинската документација, врз основа на која било донесено решението за едномесечен прекин на издржувањето на казната.

Упорното одбивање на Основниот суд во Гевгелија да им ја достави документацијата на осуденикот и на неговиот бранител Ристо Џаков и молкот за барањето за продолжување на прекинот, за Кусиникови беше сигнал дека повторно им се спрема ујдурма. Тие имаат многу лошо искуство со гевгелиските делители на правдата.

Плусинфо веќе пишуваше за случајот на Кусиников, месец дена откако беше заминал на издржување на затворската казна во „Идризово“ во Скопје. Таму тој ја издржува казната од 7 години и 6 месеци затвор, поради две кривични дела Убиство во обид според член 123 од Кривичниот законик и едно кривично дело Предизвикување општа опасност, според член 288 од КЗ. Како што веќе пишувавме, гевгелиските судии уверливо не докажаа дека Боро Кусиников се обидел да убие две лица. Никој, всушност, не бил убиен, ниту пак ранет, а според верзијата на Боро, тој само се заканил со пиштол плашливец, не со вистинско оружје. Енигмата остана, истрагата не го нашла оружјето со кое Кусиников наводно извршил убиство во обид и предизвикал општа опасност, а целата постапка се одвивала со многу пропусти. Како и да е, гевгелиските обвинители и судии успеале експресно да го пратат на робија.

Судијката за извршување санкции „пресуди“ – Боро мора да се врати во „Идризово“ и таму да се лекува

Стравувањата на Кусиникови дека нешто лошо им се спрема деновиве се покажаа оправдани. На 31 мај на Боро конечно му беше дадена медицинската документација од прегледите во април годинава (ја доби и Плусинфо), а само еден потоа, на 1 јуни, гевгелиската судијка за извршување санкции Билјана Делова Николова донесе решение со кое барањето на осуденикот за продолжување на прекинот на казната се отфрла како неосновано.

Кусиников има право на жалба на оваа одлука во рок од 3 дена, а ќе одлучува Кривичниот совет на Основниот суд во Гевгелија. Ако Советот ја потврди одлуката, Боро в среда на 8 јуни ќе мора да се врати во „Идризово“. Тој ден судијката Билјана Делова Николова во своите раце ќе ја преземе одговорноста за неговата здравствена состојба и за сите последици.

Во образложението на нејзиното решение да го одбие барањето на Боро Кусиников за продолжување на едномесечниот прекин на издржување на казната, судијката Делова Николова педантно ги препишала најважните работи од медицинскиот наод од ЈЗУ Здравствен дом Скопје Амбуланта КПУ „Идризово“ за осуденото лице Боро Кусиников од 18 април годинава (бр. 03-1451/2 од 26.04.2022).

Во медицинскиот наод се вели дека осуденикот Кусиников е во лоша здравствена состојба поради оштетениот кардиоваскуларен систем и поради загрозената работа на срцето, поради атерматозно проширените крвни садови и проширувањето на почетниот дел од аортата. Тој има и други здравствени проблеми кои се во склоп на возраста, но во затворски услови дополнително му ги отежнуваат секојдневните активности и извршувањето на личните потреби.

Сето тоа гевгелиската судијка го навела во образложението на својата одлука, како и фактот дека лекувањето на осуденото лице се спроведува во комплексот клиники „Мајка Тераза“, на ниво на примарна здравствена заштита, а лицето е под постојан надзор на домскиот лекар и на кардиолози од скопската Клиниката за кардиологија.

Што премолча судијката Билјана Делова Николова во своето решение?

На бранителот Џаков судијката му забележува дека доставил барање до Судот за продолжување на прекинот заради хируршка интервенција на срцето кај Кусиников, но не доставил нова медицинска документација во поткрепа на барањето. Гевгелиската обвинителка Васка Садикова Ковачева на 26 мај годинава се изјаснила дека на Боро не треба да му се продолжи прекинот на издржување на казната. Охрабрена, судијката за извршување санкции го одбила неговото барање, повикувајќи се на член 224 став 2 од Законот за извршување санкции, во кој се вели дека прекин подолг од 30 дена може да се одобри само во случај ако не постојат услови за лекување во установата или установата да го прати во соодветна здравствена установа.

И ние внимателно го прочитавме решението ПК бр 3/22 од 1 јуни 2022 година, донесено од судијката за извршување санкции Билјана Делова Николова, од Основниот суд во Гевгелија. И забележавме еден многу важен пропуст во него.

Имено, во медицинскиот наод за Боро Кусиников, што гевгелиската судијка опширно го цитира во своето решение, се вели и тоа дека „од страна на кардиолог е препорачана консултација со кардиохирург за најмногу 3 месеци, за потребата од евентуална интервенција“. Д-р Јулијана Ангелова, општа лекарка која го потпишала медицинскиот наод, не пропуштила да го наведе тој битен детал. Таа очигледно била одговорна и свесна дека клучната одлука за медицинската состојба за Боро Кусиников треба да ја донесе кардиохирург.

Ете, тој важен детал судијката Билјана Делова Николова го пропуштила во образложението на своето решение. Случајно ли е тоа?

А што ако, недај боже, се случи најлошото?

Случајно или не, работата за Боро е – врвка. Сосема е можно в понеделник на 6 јуни кардиохирург да му препорача хируршка интервенција. Но, ако се случи Кривичниот совет на Основниот суд во Гевгелија да ја отфрли жалбата на осуденикот и да го потврди решението на судијката Делова Николова, Боро Кусиников на 8 јуни пак ќе биде зад решетките на својата ќелија во „Идризово“.

Како ќе биде опериран, ако мора? Дури и да биде однесен на операција директно од „Идризово“, дали тоа значи дека и рехабилитацијата после операцијата би ја минал во затворски услови?

Навистина зачудува зошто судијката за извршување санкции не донела решение прекинот на казната на Боро Кусиников да продолжи и во следните 3 месеци. Кога веќе се знае дека времето на прекинот не се засметува како дел од казната. Зошто е толку важно на еден 78-годишен старец да не му се даде да здивне, да се окрепи малку, па дури и да се покаже дека не мора да оди „под нож“? Од каде таа суровост?

Веројатно овие прашања си ги поставуваат и странски дипломати кои се заинтересирани за случајот. Дознаваме дека викендов Боро Кусиников ќе го посетат претставници на една амбасада во Скопје, во обид да му помогнат.

Нам ни останува да го поставиме и најважното прашање. Ако, недај боже, здравствената состојба на Боро Кусиников толку се влоши што тој почине во „Идризово“, кој ќе биде одговорен? Злата судбина? На Боро, кого не успеавме лично да го запознаеме, ние му посакуваме многу здравје, но ако нешто се случи, ќе бидеме тука да потсетиме на суровоста на оние кои одлучиле човекот да го држат зад решетки по секоја цена, дури и по цена таму да го остави животот. Некој ќе мора да одговара.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО