25.9 C
Ohrid
Tuesday, August 9, 2022

ЕСМ тврди дека веќе го набавува, експерите се сомневаат дека количината ќе биде доволна

НАЈЧИТАНО

ЕСМ тврди дека има договорена континуирана набавка на јаглен за потребите на производството на електрична енергија, откако во јавноста експерти и опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Владата доцни со набавка на јаглен и ќе прогласи кризна состојба, за да може да го активира договорениот кредит од ЕБРД од 100 милиони евра за ликвидноста на компанијата, за да може таа во текот на годината да има пари да купува струја, ако има недостиг од јаглен и од мазут за домашните капацитети.

Владата најави дека за да се преживее зимата сепак ќе се купува не само струја, туку и јаглен и мазут. Пак ќе се воведе кризна состојба и дека е планирано да работат сите три блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино.

Од ЕСМ велат дека последната набавка од 550.000 тони, а се бараа 600.000 тони јаглен, веќе се реализира. Овој јаглен како што појаснија од компанијата ќе се користи за облагородување на домашниот јаглен кој е нискокалоричен.

Според договорите од последниот тендер еден тон јаглен е купен од 55 до 65 евра, за што ЕСМ ќе плати близу 32 милиони евра. Јагленот треба да го донесат 3 фирми кои треба месечно да испорачуваат по 50.000 тони јаглен: „High Towers“ од Албанија која ќе обезбедува јаглен со потекло од Албанија, „Квантум Солушнс“ од Скопје која увезува јаглен од Грција и „Енергија Икс“ од Скопје која јагленот ќе го увезува од Албанија.

РЕК Битола ќе добие 400.000 тони јаглен албанската компанија за што ќе плати 22,2 милиони евра без ДДВ.

Скопските компании „Квантум Солушнс“ и „Енергија Икс“ треба да обезбедат 100 тони јаглен од Грција и 50.000 тони од Албанија. „Квантум Солушнс“ ќе наплати 6,3 милиони евра, додека договорот со „Енергија Икс“ е на околу 3,25 милиони евра.

Од ЕСМ појаснуваат дека овој јаглен не се користи директно во производството на електрична енергија туку за хомогенизација на домашниот јаглен.

– Набавениот јаглен ќе се користи за хомогенизација на нашиот јаглен, односно подобрување на калоричната вредност на нашиот јаглен ископан во РЕК Битола кој е со ниска калорична вредност. Тоа значи дека набавениот јаглен нема да се троши на еден блок, туку континуирано на сите три блока се со цел добивање поголемо производство на електрична енергија. И понатака согласно планот ќе се врши набавка на дополнителни количини на јаглен – појаснија од ЕСМ за Плусинфо.

Тендерот за обезбедување јаглен за РЕК Осломеј, велат од ЕСМ, прекинат поради грешка во техничката документација. За овој производствен капацитет во мај се бараа 350.000 тони јаглен.

Според најавите на министерот за економија за разлика од лани кога овој капацитет работеше со привремен режим, годинава ќе работи во целата грејна сезона. Лани овој капацитет потроши 175.000 тони јаглен и 5.360 килограми мазут.

ЕСМ од следната година планира да го активира и рудникот за јаглен Живојно.

– Процедурата за дозвола за експлоатација е при крај, изработен е Главен рударски проект и се очекува во наредната година да се добијат првите количини на јаглен од Живојно за потребите на термоелектраните во РЕК Битола – велат од ЕСМ.

Експертите по енергетика и ВМРО-ДПМНЕ се скептични дека ЕСМ ќе успее да ги обезбеди потребните количини јаглен и покрај убедувањата од страна на власта дека нема да имаме проблеми со струјата оваа зима. Тие не се убедени дека сите капацитети ќе бидат во погон во критичните моменти, а и не се направени договори за увоз на струја и набавки на јаглен и мазут. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека новата кризна состојба се планира за да се реализираат тендери во четири очи.

Поранешниот раководител во РЕК Битола, Споро Мавровски вели дека многу тешко ќе се реализира планот на производство на термоелектраните.

– Еден од блоковите во РЕК Битола сè уште не може да се активира, бидејќи не е завршен ремонтот, а како ќе биде потоа ќе видиме наесен. Ланското искуство, не сакам да се повтори. Во Осломеј допрва ќе се праваи ремонт. До ноември мислам дека нема да се реши и проблемот со третиот блок во РЕК Битола. Но и да е така нема доволни количини јаглен. Домашно производство на јаглен скоро и да нема. На депонијата во РЕК моментално не можат да се видат поголеми количини јаглен кои треба да бидат во износ од 300.000 до 400.000 тони, ако работат двата блока. Кога ќе стигне увезениот јаглен е прашање -вели Мавровски.

Во однос на изедначувањето на калориската вредност на јагленот со кој се облагородува домашниот јаглен Мавровски прашува како тоа ќе се врши, кога во РЕК Битола нема набавено таков систем.

– Најверојатно тоа ќе се прави директно на депонијата, но како, тоа само тие од РЕК знаат. Ваков систем требаше да се набави уште одамна за да се меша јагленот од трите домашни рудници за да се добие јаглен со еднаква калориска вредност. Згора на тоа, на депонијата за јаглен со оглед на дневните потреби за производство на трите блока, ако се вклучат, треба да има по 300.000 тони јаглен, а такви резерви во Битола нема – вели Мавровски.

Според него, за активирање на рудникот Живојно се потребни најмалку 5 до 6 години.

– Еднаш веќе кажав парите што лани беа издвоени за купување струја, јаглен и мазут од околу 170 милиони евра можеше да се искористат за отворање на рудникот Живојно и тоа надворешниот коп. Но тоа не се случи. Сега повторно се најавува дека следната година ќе проработи рудникот, а не е направено ништо – вели Мавровски.

РЕК Битола, според ЕСМ, годишно произведува 5.000.000 тони јаглен, што задоволува околу 90% од годишните потреби на јаглен. Годишните потреби на јаглен за производство на електрична енергија се движат од 6,5 до 7,5 милиони тони јаглен само за работа на трите блока на термоелектраната во Битола.

Според познавачите на состојбите за работа на трите блока во овој енергетски капацитет кој е главен производител на електрична енергија во земјава дневно се потребни од 6.000 до 7.000 тони јаглен. Или годишно трите блока трошат 7.560.000 тони јаглен. Тоа значи дека за нивна работа годишно треба да се увезат 2,5 милиони тони јаглен.

Според Државниот завод за статистика, во мај годинава, за кога се последни подартоците, се потрошени 544 181 мегават часови електрична енергија.Бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 75,7 отсто во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 97,5 отсто од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија. Во овој месец се произведени 458. 613 тони лигнит.

Нето производството на струја во мај изнесува 383 553 мега ват часа а се потрошени 462 462 мегавати.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО