16.1 C
Ohrid
Saturday, August 13, 2022

Експертите загрижени, а ЕСМ тврди дека струја до јануари сигурно ќе има

НАЈЧИТАНО

Ако ништо не се преземе да се обезбеди јаглен, гас и мазут и навреме да се заврши ремонтот на термоелектраните, тешко дека ќе можеме да се надеваме на редовно снабдување со електрична енергија претстојната зима, велат експерти. Но, според нив рестрикциите ќе бидат последното решение за состојбата, ако се јави проблем со увозот на електрична енергија.

Од државниот производител на електрична енергија АД ЕСМ, пак, тврдат дека се направени сите подготовки производството и снабдувањето со струја да тече нормално до крајот на годината до кога се обврзни од владата да обезбедат 100 отсто од потребите за домаќинствата и покривање на загубите на електродистрибуција и МЕПСО.

Владата сѐ уште не обелодени никaкви мерки поврзани со снабдувањето со енергенси за претстојната зима. Вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи само рече дека мерки ќе има, но не кажа какви ќе бидат.

Дел од експертите, како што велат, не гледаат дека владата или енергетските компании преземаат мерки за обезбедување енергенси за претстојната зима, што, пак, води до рестрикции и тешкотии со снабдувањето.

– Не гледаме дека некакви мерки се преземаат, ниту од владата, ниту од ЕСМ. Не сум видел дека има тендер за набавка на јаглен, гас, мазут. А како течат ремонтите во термоелектраните не се знае. Трансформаторот кој беше проблем во РЕК Битола уште не е поправен. Еден од блоковите во оваа термоелектрана редовно не е во функција, има и проблеми со ископот на јаглен, а најверојатно има проблеми и во ТЕЦ Неготино каде што замина кадарот кој работеше на котлите. Лани работеше само еден од котлите што говори дека има некаков проблем и таму. Со оглед на искуството од лани може да очекуваме испади на блоковите во критичните моменти. Но, факт е дека во услови кога цел свет обезбедува енергенси за зима, нашата влада само будно ја следи состојбата и не презема никакви мерки. Тоа значи дека ќе имаме тешкотии во снабдувањето кои ќе бидат покриени со рестрикции или поинаку кажано, официјално класични рестрикции нема да има, но тие ќе се реализираат преку најразлични начини за заштеда на струјата (тоа ќе се реализира преку намалување на пример на температурата на греење и застои како што ги имавме лани кога граѓаните се мрзнеа) – вели професорот Константин Димитров.

Тој потсетува дека и увозот на струја може да биде проблематичен бидејќи дел од земјите веќе одлучија да не извезуваат струја.

– Романија и Унгарија веќе го сторија тоа, а дел од производните енергетските капацитети во остатокот од Европа имаат проблем со обезбедување гориво за работа на термоелектраните и нуклеарните централи, а хидроелектраните поради сушата не можат да ги произведат планираните количини струја. Со еден збор ќе биде тешко да се помине зимата без проблеми. И за очекување е дека владата која во овој период не прави ништо на зима да ни каже дека цел свет има проблеми, па и ние треба да ги имаме – додава Димитров.

Професорот Антон Чаушевски, пак, смета дека не треба да се очекуваат рестрикции на струјата во текот на зимата бидејќи според него, недостигот од домашното производство ќе се покрие со увоз на струја.

– Мислам дека владата има поука од ланските случувања со енергенсите и навреме заедно со ЕСМ ги врши набавките на потребните енергенси и ги сервисира капацитетите. Не знам како се реализира ланската набавка на 900.000 тони јаглен и дали има нови набавки и во кој период треба да се реализираат, но верувам дека веќе е договорено континуирано снабдување на термоелектраните со потребните енергенси за нормална работа за најмалку 6 месеци однапред. Не очекувам рестрикции бидејќи тоа е последната опција кога нема доволно производство и нема можности за увоз – вели Чаушевски.

Но, и тој вели дека годинава ќе има тешкотии не само да се произведе туку и да се купи струја бидејќи нејзината цена не се намалува туку расте на берзите.

– Најверојатно ќе треба владата да помогне со финансиски средства за да се обезбедат тие 20 до 30 отсто струја која се увезува, но и да ги помогне компаниитекои дополнително со високите цени на струјата се изложени на трошоци – вели тој.

Експертите сепак велат дека доколку нема редовно снабдување со топлинска енергија граѓаните ќе се префрлат на греење на струја што дополнително ќе ја зголеми потрошувачката на струја и ќе го оптовари системот.

За да не дојде до вакви кризни ситуации експертите велат дека треба да се инвестира во енергетски капацитети кои би ги задоволиле домашните потреби од електрична енергија, а погонското гориво на секој од нив да биде од различен извор.

И Македонската асоцијација на енергетичари деновиве излезе со став дека треба итно да се зголеми производството на струја за да нема проблеми во текот на зимата. Тие побараа и средба со владата на која очекуваат да ги изложат своите размислувања кои и какви мерки треба да се преземат за повисоко производство на електрична енергија.

Покрај набавка на јаглен и на мазут за термоелектраните во МАЕ бараат владата да им овозможи на компаниите кои поставуваат фотоволтаици за да произведуваат струја за сопствените потреби полесно да ги завршат процедурите, а производството од обновливи извори на енергија целосно да биде насочено кон компаниите кои се соочени со високи цени на увезената струја.

Од АД ЕСМ, пак, тврдат дека нема да има проблеми со снабдувањето со струја, барем до крајот на годинава како што ги задолжи владата. Но какво ќе биде снабдувањето до крајот на зимата не се знае.

Од компанијата велат дека се преземени сите мерки за исполнување на обврските дадени од владата за испорака на 100 отсто од потребната електрична енергија за ЕВН Хоум за периодот јули-декември 2022 година и за покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродистрибуција и покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО.

– Планот за производство за годинава е зголемен за 20%, а за негова реализација, пред сè, се оди преку зголемување на ископот на сопствен јаглен, а потоа со набавка на јаглен заради зголемување на производството на електрична енергија преку РЕК Битола и РЕК Осломеј. Испораката на јаглен тече по основ на договорите кои веќе се склучени во претходниот период, а во тек се и нови постапки за набавка. Во моментов се испорачува јаглен од Грција и од Албанија. Исто така, се обезбедуваат услови за функционирање и на ТЕЦ Неготино, односно тече испораката на мазут за термоелектраната Неготино, а во тек е набавка и на нови количини мазут за претстојниот период – велат од компанијата.

Оттаму додаваат дека капацитетите се подготвени, а сите постапки за набавка на енергенси се почнати навремено и се спроведуваат сите чекори во насока за целосно обезбедување на домашно производство на електрична енергија за потребите на граѓаните.

– Капацитетите се подготвени за производство, со ремонти кои во одредени електрани се веќе изведени или ќе бидат завршени во текот на летната сезона. Снабдувањето со електрична енергија на ЕВН Хоум е планирано да се врши од сопствено домашно производство, односно со Планот за производство за 2022 г не се планирани набавки на електрична енергија – велат од ЕСМ.

Но од компанијата не понудија информација, колку струја се планира да се увезе за да се помине зимскиот период кој трае подолго од 31 декември и дали се веќе договорени количините кои ќе треба да се увезат. Најверојатно, тоа ќе се знае по донесувањето на производниот план за следната година и ќе зависи од тоа дали владата повторно ќе ги задолжи да произведуваат струја за потребите на домаќинствата за периодот јануари-јули 2023 година.

Поскапувањето на струјата на енергетскиот пазар во светот достигна историски димензии, а енергетските експерти во светот не гледаат можност цената на струјата да се стабилизира со оглед на климатските промени, сушата како и актуелната криза со гасот и нафтата предизвикани со војната во Украина. Владите на државите од ЕУ со месеци се обидуваат да обезбедат енергенси за зима и подготвуваат мерки за штедење.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО