9.9 C
Ohrid
Thursday, December 8, 2022

Египет е едно од најпопуларните дестинации за македонските туристи

НАЈЧИТАНО

Египет е едно од најпопуларните дестинации за македонските туристи. Или беше до пред неколку дена, кога стасаа информациите дека две туристки од Европа загинале откако биле нападнати од ајкула. Тоа предизвика вознемиреност кај Македонците кои наскоро треба да отпатуваат на оваа туристичко место, или имале во план да заминат таму.

Кај нашите туристи кои сакаат својот годишен одмор да го поминат во Хургада постои одредена доза на страв по овие немили настани, но од туристичките агенции кај нас ја смируваат ситуацијата и велат дека местата се безбедни. При тоа потенцираат дека е потребно да се почитуваат правилата на локалните власти.

– Уште во мај уплативме за одмор во Хургада, Египет. Но, сега не знаеме што да правиме. Хотелот каде што ќе бидеме сместени е само на 500 метри од местото каде што ајкула усмрти човек. Многу ми е страв и не верувам дека ќе можам да влезам во водата. Планираме да го откажеме аранжманот, па со туристичката агенција водиме преговори за пренамена на уплатата и за закажување термин на друго место – вели М. Марковска од Скопје.

Од нашите туристички агенции организираат летувања во Египет, а со кои разговараше Плусинфо, велат дека засега ситуацијата е мирна и додаваат дека постојано сè во контакт со колегите од Египет, при што добиваат информации за безбедноста на туристите, кои ги пренесуваат на своите клиенти.

– Засега во нашата агенција нема откажувања на аранжманите за Хургада. Има јавувања од страна на клиентите за безбедноста, откако се случија двата напада од ајкули. Ние контактираме со колегите во Египет, тие нè уверуваат дека локалните власти, полицијата, како и во минатото, така и сега, редовно со радари го следат движењето на ајкулите и навремено предупредуваат. Мораме да потенцираме дека станува збор за изолирани случаи, при што не биле почитувани правилата кои важат во овие туристички места. Доколку туристите се одлучат да ги откажат своите аранжмани, за враќање на средствата ќе треба да се прочитаат правилата од договорот за патување, затоа што сепак не станува збор за елементарна непогода, војна, пандемија или слично, туку за индивидуални случки – велат од една скопска агенција.

Оттаму додаваат дека е важно да се почитуваат одредени правила, како што е забраната за пливање во море по времето до кое е дозволено, како и избегнување на пливање во небезбедна зона.

– Првата дама која, за жал, го загуби животот, го прескокнала базенот со корални гребени, кој е во небезбедна зона. Не влегла во морето на вообичаен начин. Тоа се случило околу 8 часот навечер, кога е многу добро познато е дека тие големи риби се хранат таму во тоа време. Од друга страна, да не ја оправдуваме ајкулата, но никако не треба да ја нервираме. Втората жртва носела голема количина храна за риби, сакајќи да ги нахрани и на тој начин најверојатно го предизвикала нападот на ајкулата – велат од агенцијата со која разговаравме.

Од агенциите упатија предупредување до туристите, без разлика каде ова лето ќе го поминат својот одмор, да ги почитуваат правилата на локалните власти и да не го ризикуваат сопствениот живот при некоја авантура, која како што може да се види, за жал може да има смртни последици.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО