14.4 C
Ohrid
Tuesday, September 27, 2022

Државни институции и претпријатија само на ЕВН му должат 35 милиони евра

НАЈЧИТАНО

Колкав е долгот за неплатени сметки за струја на државните институции, општините и јавните претпријатија и установи тешко може да се каже, со оглед дека тие се снабдуваат со струја на отворен пазар. Компаниите кои ги снабдуваат со струја од отворениот пазар не ги откриваат должниците, но велат дека имаат загуби. Со оглед дека се најавуваат уште повисоки цени на струјата за време на зимскиот период, се очекува долговите на овие државните и општинските институции јавни претпријатија и установи дополнително да растат, а со тоа и загубите на компаниите кои ги снабдуваат со струја.

Само кон ЕВН институциите, општините и јавните претпријатија должат 35 милиони евра, од кои 17 милиони евра должат општините, 10 милиони евра министерствата и 8 милиони евра на јавните претпријатија.

Најголемиот дел од државните и општинските институции, јавни претпријатија и установи со струја се снабдуваат на отворен пазар или поради откажување на договорите од дел од снабдувачите, преминаа кај ЕВН како краен снабдувач, каде што исто така добиваат струја по цена што е актуелна на берзите.

ЕВН веќе исклучи дел од ваквите должници, повикувајќи се на правилата за снабдување, според кои корисниците кои го пречекоруваат рокот за плаќање наведен во самата фактура, ги исполнуваат условите за исклучување. Но, дел од нив нема да може да бидат исклучени, бидејќи законски не е дозволено. Тие и натаму ќе трошат електрична енергија и ќе трупаат долгови, како кон ЕВН, така и кон другите снабдувачи со струја од отворениот пазар.

Потрошувачи на кои не смее да им се прекине испораката на електрична енергија се болниците, клиниките, специјалните здравствени установи (станици за итна помош и друга итна интервенција, стационари, заводи за трансфузија на крв – земање и преработка на крв, центри за дијализа, здравствени домови), објектите за водоснабдување на населението и пречистителните станици, објектите и средствата во јавниот сообраќај (аеродроми, железнички и автобуски станици и станици за сигнализација во јавниот сообраќај), хидрометеоролошките и сеизмолошките станици и детските градинки.

Колку вакви државни институции и јавни претпријатија ѝ должат на ЕВН? Од компанијата не кажуваат, бидејќи не смеат да ги откриваат податоците за клиентите, но со оглед на фактот што голем дел од овие јавни установи и претпријатија имаат долгови и кон други домашни компании, се претпоставува дека имаат и големи долгови за струја.

Владата не води евиденција за тоа која институција не ги платила сметките за струја и нема збирна информација за долгот, бидејќи, како што велат од таму, секоја институција управува самостојно со финансиите и е одговорна како ги троши.

– Институциите за чии сметки за електрична енергија е задолжена Службата за општи и заеднички работи немаат заостанати долгови по оваа основа и имаат редовно снабдување. Струјата за нив се набавува на слободниот пазар. За останатите институции, договорите за снабдување со струја не се централизирани и секоја институција е одговорна сама за себе – велат од Владата.

Со оглед дека Министерството за финансии нема објавено податоци за пријавените долгови на институциите, јавните претпријатија и јавните установи за третиот квартал, не може да се види колкави се нивните долгови. Во јуни нивните обврски само кон приватниот сектор (во кој спаѓаат и снабдувачите со струја на отворен пазар) изнесуваа 197 милиони евра.

Општините и јавните претпријатија под нивна надлежност веќе една година алармираат дека не можат да се справат со долговите, меѓу кои и за струјата. Дел од јавните претпријатија на општините организирани во Здружението АТКОМ велат дека трошоците за струја веќе им го зафаќаат целиот буџет со кој располагаат, па ако ги платат сметките нема да можат да работат.

– Според некои пресметки, трошоците за струја, во зависност од претпријатијата, во минатиот период се движеа од 20 до 25 отсто во вкупните трошоци, но со моменталните зголемувања на цените, трошоците за струја ќе се зголемат повеќекратно и во некои претпријатија може да се движат од 60 до 90 отсто – велат од АДКОМ.

ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ: ВЛАДАТА ДА НЕ ГО КРИЕ ПРОБЛЕМОТ!

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека владата не смее да го става под тепих проблемот што институциите не можат да ги платат сметките за струја, бидејќи тие се финансираат од државниот буџет.

– Струјата мора да се плати, бидејќи компаниите кои ја произведуваат или ја продаваат ќе трупаат загуби кои потоа ќе треба да се покријат од некаде. Владата нека не го крие проблемот и нека се обиде да го реши навреме, бидејќи повторно ние, од нашиот џеб, преку даноците, ќе ги платиме сметките. Од каде ќе најдат пари сега институциите за високите сметки за струја кои ги добиваат? – ПРЕДУПРЕДУВА Хајредини.

Според него, најголем проблем е тоа што Владата се обидува да се меша во цената на струјата и со тоа прави крива слика на фактичката состојба.

– Она што Владата вели дека обезбедува евтина струја сега треба да ја покрие разликата до реалната цена на струјата. Тоа ќе оди од буџетот, а ние ќе го платиме преку даноците. Значи, Владата вели дека дава, а не кажува дека зема од даночните обврзници за да обезбеди евтина струја – вели Хајредини.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО