22.9 C
Ohrid
Friday, August 12, 2022

Долги колони возила и чекање и по повеќе од 1 час е секојдневна слика на граничните премини Табановце и Богородица во последниот месец

НАЈЧИТАНО

Долги колони возила и чекање и по повеќе од 1 час е секојдневна слика на граничните премини Табановце и Богородица во последниот месец. Граѓаните нервозни поради тоа што патувањето им станува неподносливо, но трпеливо чекаат да не предизвикаат непотребни караници и поголем застој. Од Царинската управа и од Министерството за внатрешни работи велат дека сите капацитети и кадри се ангажирани за да нема големи застои на граничните премини, но во овој период има голем бран патници поради годишните одмори.

Од владата, пак, велат дека со проектот Отворен Балкан кој ќе профункционира од почетокот на следната година, застои на граничниот премин Табановце повеќе нема да има.

Искуствата на луѓе кои деновиве минале на границата се различни, но сите забележуваат дека се чека долго поради големиот метеж.

– Чекаме близу еден час. Толку чекавме и на српската страна. Патуваме од Германија и знаете чекањето на границите иако го планирате кога тргнувате на пат сепак ви паѓа тешко на ова жешко време. Велат оди брзо, ама на овој метеж тешко дека брзо се поминува на граница. Гледам контролите се кратки, ама има многу возила. Нѐ чека уште една граница бидејќи одиме за Грција. Прво на одмор, па се враќаме во родниот крај да се видиме со семејството – вели нашинец вработен во Германија.

Српски граѓанин кој се враќа од одмор во Грција е разочаран што секоја година во лето треба да мине часови на граница.

– Секоја година е исто. Чекаме на нашата граница, па овде, па пак на Богородица и обратно. Да ти се одмили одморот. Во исто време доаѓаат и гастарбајтерите, па метежот се зголемува. А ако се појави некој понервозен цариник проблемот станува поголем. Затоа чекај на ова сонце и моли бога побрзо да се заврши оваа голгота. Ама не се пропушта Егејското Море – вели со насмевка тој.

И нашинец кој доаѓа од Швајцарија е незадоволен од состојбата.

– Неиздржливо е. Цела Европа можеш да ја поминеш и кога ќе стасаш на нашата граница чекаш со часови. Велат се контролира само на едната страна, тогаш зошто има ист метеж на двете страни? Зарем за проверка на пасошот треба да се чека олку, па проверка на возилото. Велат дека сѐ било дигитално, ама некој треба побрзо да работи со компјутерите – вели тој.

Само во текот на вчерашниот ден, според податоците на Министерството за внатрешни работи на граничниот премин Табановце поминале 17.760 патници, а на Богородица за 24 часа поминале 9.423 лица.

Од МВР и од Царинската управа велат дека застоите и подолгите чекања на сите гранични премини се поради летната сезона кога се користат годишните одмори.

– Единствена причина за повремените задржувања на патничките возила заради спроведување на пасошката контрола е поради енормно зголемената фреквенција на влез и на излез на граничниот премин Табановце, а поради зголемен проток на патници во екот на туристичката сезона. Напоменуваме дека во овој период од годината се регистрираат подолги задржувања и на други гранични премини, кои се користат од патнички возила до нивните дестинации, а се влез во земји од ЕУ – велат од Царинската управа.

Оттаму уверуваат дека подолги задржувања на патниците нема освен потребната царинска контрола.

– Во патничкиот промет се применуваат многу ретки селективни царински контроли на патнички возила, што се вршат без да се предизвика застој во протокот. Постапката за пасошка контрола од граничната полиција трае 1 до 2 минути – велат од Царинската управа.

И од МВР потврдуваат дека во овој период има зголемен број патници на граничните премини, но велат застоите се поради потребните контроли кои треба законски да се завршат кај секој патник, а тие се прават за многу кратко време.

– При зголемена фреквенција на возила се вршат минимални гранични проверки кои се состојат од брза и едноставна проверка со помош на соодветни технички уреди и со проверка во соодветните евиденции и електронски бази на податоци. Согласно Законот за гранична контрола, сите патници и возила мора да бидат соодветно евидентирани во системот за контрола на патници и возила. Се преземаат сите потребни мерки и активности со цел намалувањето на времето на чекање на сите гранични премини и максимално се користат сите расположливи кадровски технички и организациски потенцијали – велат од МВР.

За максимално забрзување на протокот, во екот на годишните одмори, велат од Царината во функција се ставени сите расположливи ленти на граничните премини.

– Конкретно на ГП Табановце, каде што бележиме најголема фреквенција на патнички возила, за влез во државата, работат 10 ленти, од кои 2 за товарни возила, 1 за автобуси, и 7 за патнички возила (две од нив се приспособени минатата недела). На ГП Богородица, кој исто така е оптоварен поради годишните одмори, работат 8 ленти, од кои 2 за товарни возила и 6 за патнички возила – објаснуваат од Царината.

На граничниот премин Табановце, функционира Оне стоп шоп кој е воспоставен од 2019 година. При влез во земјава контролата ја вршат нашите гранични служби, а при излез од неа српските, но и тоа не придонесува многу за намалување на метежот во летниот период.

Владата веќе го има согледано проблемот со застоите посебно на граничниот премин Табановце и очекува да се надмине со проектот Отворен Балкан.

– Проектот Отворен Балкан треба да заживее од 01.01.2023 година со што вакви застои на граничниот премин Табановце воопшто не треба да има. Со отворањето на нов граничен премин Лојане-Миратовац кој треба да биде наменет за патнички сообраќај во голем дел граничниот премин Табановце ќе се растовари од бројот на патници – велат од Владата.

Оттаму додаваат дека се преземат и активности за подобрување на состојбата и на граничниот премин Богородица, бидејќи најголем застој таму има поради камионите кои превезуваат нафта и нафтени деривати.

– Од страна на царинските власти на нашата држава, уште пред година дена е доставена иницијатива до нивните колеги од Грција, возила што превезуваат акцизна стока да бидат еднаш вагани, на заедничка вага која би требало да биде инсталирана на меѓу зона со што ќе се избегне двојно вагање на вакви возила, а со самото тоа драстично ќе се намали времето на чекање – велат од владата.

Оттаму убедуваат дека ќе се преземат и кадровски и технички мерки за да се подобри состојбата.

– По направената анализа, а со цел побрз проток на патници и стоки од страна на надлежните институции ќе се преземат дополнителни мерки во однос на физичко зголемување на бројот на лентите, како и кадровско доекипирање на овие два најфреквентни гранични премини – велат од Владата.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО