26.9 C
Ohrid
Tuesday, July 5, 2022

Доделено признанието „Инженерски прстен“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

НАЈЧИТАНО

Доделено признанието „Инженерски прстен“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

Претседателот Стево Пендаровски денеска го врачи признанието „Инженерски прстен“ на 12 најуспешни студенти кои дипломирале на факултетите што негуваат инженерски дисциплини во Република Северна Македонија.

Манифестацијата „Инженерски прстен“ се одржува по 19. пат во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека со доделувањето на ова признание, придонесуваме за афирмирање на инженерските професии, а и самата оваа манифестација придонесува за промоција на инженерството.

„Машинци, архитекти, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски и шумарски инженери, добитници на инженерскиот прстен, но и сите останати инженери се движечка сила на секоја држава. Тие млади луѓе веќе суштински придонесуваат за македонската економија, а со тоа и за благосостојбата на сите наши граѓани“ рече претседателот Пендаровски на церемонијата на доделувањето на признанието „Инженерски прстен“, која се одржа во Кабинетот на претседателот.

Видео материјал:

– Обраќање на претседателот Пендаровски: https://youtu.be/UqolZigcbR4

– Инсерти: https://youtu.be/YEUuZG0zCC4

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани,

И годинава, на 19-тото по ред доделување на инженерските прстени на најуспешните студенти од инженерските дисциплини, имам особена чест да ви се обратам како традиционален покровител на оваа значајна манифестација.

Дозволете, најпрво, најискрено да се заблагодарам на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на посветеноста во реализацијата на овој проект и секако, на одличната соработка со мојот кабинет.

Без сомнение, со доделувањето на ова признание, придонесуваме за афирмирање на инженерските професии, а и самата оваа манифестација придонесува за промоција на инженерството. Од она што низ годините го гледаме на овие наши заеднички собири, како и од списокот на добитниците на наградата, можеме да се пофалиме со квалитетен инженерски подмладок кој се повеќе е ценет и кај нас и во странство.

Машинци, архитекти, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски и шумарски инженери, добитници на инженерскиот прстен, но и сите останати инженери се движечка сила на секоја држава. Тие млади луѓе веќе суштински придонесуваат за македонската економија, а со тоа и за благосостојбата на сите наши граѓани. Верувам дека, како што е случај во развиените земји, и кај нас, се повеќе соодветно ќе се вреднува значењето на инженерските струки, а тие се повеќе ќе стануваат привлечни за младите.

За тоа да се случи, очекувам надлежните институции, секоја во рамките на своите надлежности да придонесат за понатамошниот развој на инженерството кај нас.

Почитувани добитници на признанието Инженерски прстен,

И на денешново доделување, повторно, сакам да ја изразам својата надеж дека најголем дел од вас ќе продолжи да се надградува, да напредува и професионално да се реализира во својата родна земја.  За таа цел, треба да ги отвориме научно-образовните институции и државните институции и органи, но, пред се, стопанските субјекти, за во нив младите инженери да ги реализираат своите знаења и квалитети и професионално да се наградуваат.

Темата за инвестирањето во младите инженери и воопшто во младите не смее да остане само на ниво на пригодна политичка реторика, туку тоа треба да функционира и во пракса. Сите сме заситени од флоскули и убави зборови, додека во реалноста промените не се случуваат со потребното темпо.

Живееме во сложени времиња со постојани тензии, здравствени и економски кризи кои влијаат на нашето спокојство, благосостојба и квалитет на живот. Да се обединиме зад добрите идеи и проекти и да ги искористиме овие години за повлекување на вистинските чекори во насока на развој и напредок на нашата татковина. Проблемите се решаваат само со креативност, иновативност, упорност и самодоверба, а во тој процес движечката сила треба да  бидат нашите млади со чии знаења и вештини, енергија и мотивираност ќе можеме да ги надминеме сите предизвици.

Со желба за просперитетна, модерна и економски силна Република Северна Македонија во која вие ќе си го најдете своето место, Ви честитам на добивањето на Инженерскиот прстен  за 2022 година и Ви посакувам, пред се, добро здравје, многу среќа и успех во градењето на вашите инженерски кариери.

Благодарам.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО