20.9 C
Ohrid
Thursday, August 11, 2022

Димитров вели дека историските и други прашања ќе бидат врзани со преговарачката рамка

НАЈЧИТАНО

Токму спротивното од она што македонските власти го тврдат за францускиот предлог е точно, вели поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во долг пост на Фејсбук. Аман, извикува тој, „тоа е голема лага“. Според Димитротв, историските и другите прашања и те како ќе бидат поврзани со преговорите и преговарачката рамка.

Еве како тој го објаснува тоа во својот пост:

„Значи аман!

Тврдењето дека билатералниот протокол (историските и други прашања) не е поврзан со рамката (пристапниот процес) и дека тоа се два одвоени процеси и дека спроведувањето на протоколите нема да влијае на динамиката на пристапниот процес едноставно НЕ Е ТОЧНО! Или уште подиректно Е ГОЛЕМА ЛАГА! Билатералните прашања сега би станале легитимни и од бугарски европски и тоа со наша согласност. И од тоа, нема да има бегање ниту поправен.

Во објавените документи (го користам преводот на македонски на владата) токму спротивното е напишано црно на бело.

Советот го поздравува потпишувањето на вториот протокол што е суштински елемент на пристапниот процес. Европската комисија ќе го следи напредокот во реформите во сите области, а посебно внимание ќе посвети токму на документите од членот 12 (протоколите по старо или годишните извештаи и мерки по ново). Советот ќе ги земе предвид оценките на комисијата за реформскиот напредок и за напредокот по билатералните точки по членот 12 кога ќе одлучува за сите понатамошни чекори за поглавјата или кластерите. Бугарија ќе се погрижи историјата да биде исто толку важна колку владеењето на правото, ако сакаме да мрднеме напред.

Еве ги и тие делови на документите и во текст и со слики:

“47. За таа цел, Комисијата внимателно ќе го следи напредокот на Северна Македонија во сите области, користејќи ги сите достапни инструменти, вклучително и

стручни пoосети на лице место од страна на Комисијата и од земјите членки, дијалогот според Спогодбата за стабилизација и асоцијација и индикатори од трети страни каде што е релевантно во согласност со подобрената методологија. Комисијата редовно ќе го информира Советот за напредокот на Северна Македонија во која било област во текот на преговорите, а особено кога ќе ги презентира предлог-заедничките ставови на ЕУ. КОМИСИЈАТА ЌЕ ПОСВЕТИ ПОСЕБНО ВНИМАНИЕ НА ЗАЛОЖБИТЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ДОБРОСОСЕДСКИ ОДНОСИ И РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА КАКО ШТО Е НАВЕДЕНО ВО СТАВ 5 (Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И МЕРКИ ЗА НЕГОВО ЕФЕКТИВНО СПРОВЕДУВАЊЕ СПОРЕД ЧЛЕН 12) и ќе ја информира Меѓувладината конференција за нивното спроведување.

  1. Советот ЌЕ ЈА ЗЕМЕ ПРЕДВИД ОВАА ПРОЦЕНКА ПРИ ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА ПОНАТАМОШНИ ЧЕКОРИ ВО ВРСКА СО ПРЕГОВОРИТЕ за соодветното поглавје или кластер.”

Заклучоците на Советот:

“Во таа насока, Советот го поздравува договорот за ПРОТОКОЛОТ од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана според член 12 од овој договор.

Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка, коишто ОСТАНУВААТ СУПТИНСКИ ЕЛЕМЕНТИ НА ПРОЦЕСОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ, како и на процесот на стабилизација и асоцијација.”

Бугарскиот парламент:

Притоа, при одобрувањето на францускиот предлог во Собранието, Бугарија јасно и гласно потенцира дека инсистира:

– „да се гарантира дека добрососедските односи остануваат хоризонтален критериум низ целиот пристапен процес на Северна Македонија и дека за нивната имплементација Европската комисија ќе го информира Советот пред секоја меѓувладина конференција.” (читај, ако Софија не е задоволна нема мрдање; ќе инсистираме на контрола врз известувањето на комисијата)

– „да се вклучи референца за Договорот за пријателство и протоколите од член 12 во преговарачката рамка во однос на одобрувањето на општите позиции од страна на Советот на ЕУ за меѓувладините конференции.”

Во историски моменти, немаме луксуз да бидеме ниту наивни, ниту да се правиме наудрени, ниту да веруваме во добрата волја на бугарската политика кон нас бидејќи неа ја нема. Изјавата на Радев, инаку говор на омраза, кога рече дека Бугарија нема да дозволи легитимизација на македонизмот во ЕУ, всушност е кратка дефиниција на целта на соседот. Таа цел не е остварлива, но тоа ќе го направи и нашето ЕУ членство неостварливо.

Да не се лажеме, Софија во вакви услови и со алатките што ги има во оваа преговарачка рамка ќе ја направи работата на историчарите исто толку важна колку борбата против корупцијата. И затоа процесот, ако се прифати предлогот, ќе биде една мачна агонија без крај.

ПС. Објавете го билатералниот протокол!“, пишува во постот поранешниот македонски министер за надворешни работи.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО