16.2 C
Ohrid
Friday, August 12, 2022

Дали и оваа и следната недела ќе гледаме работници кои работат на градежни објекти, во рудници со отворен коп, на земјоделските површини, на екстремно високи температури и со високо ултравиолетово зрачење?

НАЈЧИТАНО

Дали и оваа и следната недела ќе гледаме работници кои работат на градежни објекти, во рудници со отворен коп, на земјоделските површини, на екстремно високи температури и со високо ултравиолетово зрачење? Метеоролозите за крајот на неделава и почетокот на следната најавуваат топлотен бран со температури до 41 степен кои на одделни работни места на отворено можат да се искачат и до 70 степени.

Работниците и синдикатите велат дека тоа ќе зависи од добрата волја на работодавачите бидејќи прашањето не е регулирано законски и се е сведено на препораки кои не ги обврзуваат работодавачите да ја запрат работата и да го организираат процесот во поиздржливите делови од денот. Експертите, пак, велат дека работодавачите треба само да го почитуваат законот за безбедност и здравје при работа бидејќи решението на проблемот е во него.

Законите кои се однесуваат на заштита на здравјето на работниците и за нивните права не утврдуваат на која температура треба да се запре работењето, но затоа пак, предвидуваат да се утврди ризикот на секое работно место и да се организира работата според најповолните методи на заштита за да се зачува здравјето на работниците. Последните години за регулирање на прашањето се користи препорака усвоена од Владата, во која се вели дека работодавачите треба да ја организираат работата на отворено на начин да избегнуваат тешка физичка работа и изложување на вработените на директна сончева светлина при високи надворешни температури. Се препорачува да се избегнува физичка работа на отворено и директно сончево зрачење, пред сè, во периодот од 11 до 17 часот или нејзино редуцирање.

Ова, велат од Синдикатот на градежни работници, се применува само кај 20 отсто од градежните компании, а кај 80 отсто од нив можат да се видат работници како работат на скеле на екстремни температури и без соодветна заштита.

– Проблем е што со години не успеавме да се избориме ова прашање да се регулира со закон. Имаме препораки од Владата, кои не се обврска за работодавачите. Ако имаме законска регулација тогаш ќе имаше критериуми, мерки и секако казнени одредби за работодавачите кои не ги почитуваат, но се е сведено на препораки и добрата волја на работодавачите – вели претседателот на Синдикатот на градежниците Иван Пешевски.

Во нерегулирани услови, додава тој, синдикатот нема сила да затвора градилишта, ниту. пак, да тужи,па се е сведено на инспекторите кои се недоволно активни.

– Но, сепак во компаниите каде што имаме синдикални организации успеавме да се почитуваат нашите препораки за организирање на работниот ден така што во периодот од 11 до 17 часот да не се работи, односно да се работи во две смени, да се обезбеди соодветна заштитна опрема за секое работно место, но, пак велам дека тоа е резултат само на добрата волја на работодавачите. Во 80 отсто од приватните компании работата на минус 40 и на плус 70 степени на асфалтирање на пат е нормална работа, бидејќи државата законски не го регулирала тоа поинаку – вели Пешевски

Генералната секретарка на Синдикатот на индустријата енергетиката и рударството (СИЕР) Маре Анчева вели дека синдикатите тешко можат да се договорат со работодавачите за тоа под кои услови во време на екстремно високи или ниски температури треба да се прекине работата.

– Наш проблем се рудниците на отворено каде што работниците работат на екстремно високи или ниски температури. Се обидуваме да утврдиме некои критериуми под кои треба да се одвива работата на отворено или да се запре производниот процес во колективните договори, но тешко ни оди бидејќи немаме поткрепа во ниту еден закон. Работодавачите се повикуваат само на препораките на владата кои всушност и не предизвикуваат обврска за работодавачите за портокалова или црвена фаза. Порано постоеја правилници кои се однесуваа на овие прашања, но сега нив ги нема и нема на што да се повикаме – вели таа.

Експертите велат дека кога работниците вршат работа на отворено на екстремни температури, работодавачите мора да го применуваат Законот за безбедност и здравје при работа и подзаконските акти, а нивна обврска е и да ги утврдат ризиците за безбедноста и здравјето на вработените преку процена на ризикот на работното место.

– Доколку вработените забележат штетност на работното место (екстремна топлина) тие ова мора да го искомуницираат со работодавачот. Работодавачот мора заедно со стручното лице за заштита при работа и лекарот по медицина на труд да ја преоцени новонастанатата ситуација и врз основа на нивните експертизи да донесе конкретни решенија што треба да се направи за да се заштитат безбедноста и здравјето на вработените. Ова треба да биде внесено во процената на ризик. Доколку работодавачот не постапи по оваа дојава на штетност, вработените имаат право да одбијат да работат до отстранување на присутната штетност на работното место. Моја препорака е, доколку вака постапат, да ја пријават својата одлука и до државниот инспекторат за труд, а ќе помогне доколку се информира и конкретниот синдикат, но секако и Македонското здружение за заштита при работа – вели м-р Милан Петковски, дипломиран инженер по заштита при работа, стручно лице за безбедност при работа.

Според него, Законот и правилниците се добра основа за создавање на систем за заштита при работа, но подобро е да се регулира преку колективното договарање.

– Овие работи мора да бидат предмет на конкретно договарање преку колективните договори на ниво на гранка и ново на работодавач, а во истите ќе бидат конкретно наведени стандардите за работа на отворено во екстремни услови. На овој начин еднаш за секогаш ќе почнеме да ги применуваме ЕН стандардите, а не само декларативно да зборуваме дека сме за европски правила – вели тој.

Петковски додава и дека работодавачите треба да бидат свесни дека на работниците мора да им обезбедат услови за работа според сите стандарди.

– Чесно е, кога работодавачите можат да седат под церада во кафуле и да пијат кафе на ова топло македонско сонце и да бидат разладувани со вентилатори кои ја овлажуваат микросредината, зошто тогаш истиот тој принцип не би можел да се примени и на работните места кај градежниците, доколку е невозможно да се престане со работа во конкретниот временски период од 11 до 16 часот? – забележува Петковски.

Тој апелира да се следат препораките на министерствата за здравство и за труд и социјална политика, во кои кон високите температури се пристапува како кон природна непогода.

– Следствено на овие препораки, работодавачот е должен да го приспособи работното време на вработените, при тоа ажурирајќи ја процената на ризик на работните места каде што работат конкретните вработени – додава тој.

Од Организацијата на работодавачи сметаат дека прашањето треба да биде решено со посебен Правилник во кој ќе биде утврдена температурата од која не треба да се работи на отворено.

– Патот до регулирање на прашањето е да се донесе правилник како и за многу други работи во кој ќе се утврдат температурите и критериумите под кои услови треба да е запре работата на отворено. Но сепак и кога нема таков правилник имаме процени на работни места во кои се укажува на сите ризици на секое работно место и кои мерки треба да ги преземе работодавачот. Ако се почитуваат тие нема да имаме проблеми околу тоа кога треба да се прекине работата на отворен простор – вели Ангел Димитров, член на Организацијата на работодавачи.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО