15.9 C
Ohrid
Tuesday, September 27, 2022

Групата ЦИВИТАКС бара општествен консензус за повисоки и повеќе даноци

НАЈЧИТАНО

Најавените даночни реформи, се поблиску до ад-хок мерки поттикнати од фискална нужност, отколку до реформи, бидејќи не се базираат на економски и финансиски анализи кои се транспарентни и стратешки врамени кои ќе обезбедат предвидливост за сите засегнати страни, наведува Групата ЦИВИТАКС во својот јавно објавен став за најавените даночни реформи на владата.

Експертите од 9 членови Групата невладини организации и поединци сметаат дека овие „даночни реформи“ се фокусираат и се базираат само на зголемување на даночна база заради фискални цели и потсетуваат дека  даночни реформи се повеќе од прибирање на приходи во централниот буџет.

„Даночни реформи треба да бидат најмалку заради фискален ефект, а повеќе за: ефикасен и еднаков третман на економски оператори, обезбедување на еднаков даночен товар на даночните обврзници и отстранување на пазарни девијации, јасно дефинирање на даночни цели, стабилност и предвидливост на даночниот систем, јасно кодифициран административен даночен систем во законската и подзаконската регулатива кој овозможува максимизирање за усогласување со даночната регулатива од страна на даночните обврзници, јасна поврзаност на даночниот систем со фискалните, економските и социјалните цели во државата“ се вели во ставот на ЦИВИТАКС.

Според ЦИВИТАКС, недостасува консултација со целосни и истовремено достапни информации за сите. Укажуваат дека даночните измени, од кои дел имплицираат важни промени во даночниот систем, не се објавени официјално, туку во јавноста излезе презентација која Министерството за финансии ја користело на средби со бизнис секторот.

Пред да предложи даночни реформи, сугерира Групата, Владата треба да го даде извештај за резултатите постигнати во борбата со сивата економија.

Експертите од оваа невладина група остро се спротивставуваат на намерата да се воведат придонеси на договори за привремено и повремено вршење работа, од повеќе причини.

„Со сегашната намера за определување придонеси на овие договори, третманот на надоместот се менува од промет од извршени услуги во приход од работа. Ваквото произволно и паушално менување на правниот (и даночниот) третман на надоместоците од договорите за привремено и повремено вршење работа е сериозно удирање по правните темели и флагрантно поткопување на владеењето на правото. Без анализа на тоа кои се лицата кои вршат привремена и повремена работа, дејноста во која тоа го прават, нивниот профил и сл., секое решение е однапред осудено на малверзации и, во крајна линија, неможност за имплементација“, појаснуваат од ЦИВИТАКС.

ЦИВИТАКС го смета за оправдано отстранувањето на прагот за неплаќање социјални придонеси на доходот од вработување.што било нивно барање од 2018 година.

Оттаму велат дека е добро да се дебатира за прогресивниот данок на личен доход, бидејќи земјава треба да цели кон одредена прогресивност кај доходите на граѓаните и компаниите, но укажува дека оваа дебата треба да се отвори многу порано, најмалку на почетокот на годината, да трае, со вклученост на засегнатите страни и граѓанското општество, до постигнување целосно прифатливо решение.

Но велат од Групата поразително за носителите на политиките е инсистирање на решение за прогресивен данок на доход во услови на повеќекратна криза.

„Во овој период земји како Шпанија и Полска воведуваат дополнителен данок на екстра-профитабилни дејности кои таквите профити ги оствариле во време на криза“ подвлекуваат од Групата.

Оттаму сметаат дека е потребен и општествен консензус за трошењето на народните пари.

„Владата мора да поработи на ефикасноста на расходната страна на буџетот, на зголемена одговорност и отчетност, на зголемување на казнивоста на злоупотреба од висока корупција и целосно одронување на државата, како што е елаборирано од почетокот на овој став. Исто така, да работи на намалување на нејзината улога на пазарите за да остави средствата да бидат ефикасно алоцирани од економските оператори, да го намали бројот на регулаторните тела и разни буџетски корисници од прва линија кои не ја извршуваат функцијата за која постојат и ќе мора да го консолидира обемот на јавниот сектор. Воедно и да го намали државниот апарат и мора да ја зголеми ефикасноста на јавната администрација до степен кога мора да има и отпуштања на оние кои не можат да ги совладаат потребните вештини и знаења за да одговорат на потребите на граѓаните“, се вели во ставот на Групата ЦИВИТАКС.

Групата ЦИВИТАКС е основана во 2018 годинакако неформална група од 14 основачки и 29 придружни влијателни граѓански организации и физички лица.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО