25.9 C
Ohrid
Tuesday, August 9, 2022

Градоначалниците бараат чаре за презадолжените општини

НАЈЧИТАНО

Владата треба сериозно да го зголеми процентот од ДДВ и од персоналниот данок, кој ќе им го дава на општините, тие да можат да се развиваат, наместо дополнително да трупаат долгови. Така се решаваат проблемите, а не со носење измени на Законот за финансирање на локалната самоуправа, со кои симболично ќе се зголемат парите кои ќе одат кај локалната власт.

Градоначалниците тврдат дека Владата требаше да го приспособи процентот кој се издвојува од уплатениот ДДВ и персоналниот данок за општините на барањето на ЗЕЛС и да се усогласи со регионите и со државите од ЕУ, каде што издвојувањата за ДДВ се движи од 10 до 20 отсто, а кај персоналецот дури и до 30 отсто.

Градоначалниците  сметаат дека во услови на презадолжени општини овие пари ќе бидат капка во морето од долгови. Тие очекуваат владата да ја продолжи одлуката за можноста за зголемување на општинските буџети за околу 20 отсто, ако имаат обезбедено приходи,  со цел да им се овозможи да ги балансираат зголемените трошоците за струја и други енергенси кои ги наметна енергетската криза.

Со измените и дополнувањата на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, донесени неодамна, се предвидува зголемување на средствата кои се трансферираат од Централниот буџет кон општините. Предвидено е од 1 јануари 2024 година зголемување на процентот од персонален данок од 3% на 6% за општините. Дотогаш, во преодниот период, предвидено е зголемување на процентот на 4% во 2022 година и 5% во 2023 година. Предвидено е и постепено зголемување на стапката на дотација од ДДВ од 4,5% на 6% во 2024 година.

При тоа, обезбедените средства ќе се распределуваат на три дела: основен дел од 4,5% од наплатениот ДДВ во претходната фискална година, а остатокот се дели на два еднакви дела – дел за перформанси и дел за изедначување. Во преодниот период стапката на дотација ќе се покачи на 5% во 2022 година и 5,5% во 2023 година.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, вели дека е логично владата да се придржува кон барањата на ЗЕЛС, кои се прецизни и кај ДДВ и кај персоналниот данок, бидејќи тоа ќе значи и поголема децентрализација на власта, а општините ќе имаат можност за побрз развој.

– Тие даноци ги уплаќаат граѓаните на локално ниво и дел од нив треба да им се вратат на тие граѓани. Европски и регионален стандард е за ДДВ одливот кон општините да се движи од 10 до 20 отсто, а кај персоналниот данок во некои земји оди и до 30 отсто. Доколку овие средства се плаќаат кон општините реално би се почувствувал нивниот развојот. Но, ова покачување на дотациите кон општините е симболично и значително нема да го подобри финансискиот капацитет на локалните самоуправи. Тоа значи дека општините нема за имаат доволно средства за да реализираат капитални вложувања и нема да остварат реален развој. За жал, која власт и да е во РСМ, процесот на децентрализација оди споро. А секој, додека е во опозиција, децентрализацијата на власта ја става како приоритет – вели Димитриевски.

Сепак, додава тој, секое зголемувања на финансиските средства од централната кон локалната власт е добро.

МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ: НИЕ СМЕ НАЈЦЕНТРАЛИЗИРАНА ДРЖАВА ВО РЕГИОНОТ, А ДА НЕ ЗБОРУВАМЕ ЗА ЕУ!

– За жал, ова сè уште е централизирана држава, со најниско ниво на финансиска децентрализација во регионот, а да не зборуваме за земјите од ЕУ. Мислам дека Владата првенствено треба да најде начин за плаќање на зависните трошоци од пренесените надлежности во сегментот на образованието, социјалата, детската заштита, училишните и старечките домови. Бидејќи на сите досегашни барања на ЗЕЛС за исплата и покривање на овие трошоци нема позитивен одговор. Тоа значи дека оваа фискална година општините нема да можат да ги платат во целост со блок трансакциите реалните трошоци за затоплување на училиштата и другите институции, а тоа е нивна обврска со законот за локална самоуправа и законот за финансирање на општините – вели кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Градоначалникот на општина Карпош Стевче Јакимовски вели дека измените на законот за финансирање на локалната самоуправа и процентите на зголемување на делот од ДДВ и на персоналниот данок кои ќе одат за општините е поповолен за руралните општини.

– Руралните општини немаат сопствени приходи, па ова зголемување оди во нивни прилог. За градските општини, иако е добро што ќе добијат повеќе пари назад од ДДВ и од персоналниот данок, сепак е незначително, со оглед што овие општини најголемите приходи ги добиваат од комуналиите – вели Јакимовски.

Според него, процентот на зголемување на парите кои ќе одат во општините е во рамките на државните можности.

– Ние во ЗЕЛС бараме усогласување со европските стандарди, но каде сме ние во однос на стандардот на граѓаните. Таму државните буџети располагаат со повеќе пари, бидејќи и платите на граѓаните се повисоки – вели тој.

Според него, главен проблем кој итно треба да го реши владата зголемување на лимитот на буџетите на локалните самоуправи.

– Ако не се задржи можноста на зголемување на буџетите за 20 отсто, како што беше во годините на ковид-кризата, не знам како општините ќе успеат да ги балансираат поголемите трошоци за струја и другите енергенси. Сметам дека со оглед на актуелната криза владата треба да ја продолжи оваа одлука. Инаку, не знам како општините ќе ги подмируваат овие трошоци – вели Јакимовски.

Според измените на законот, доколку општината заклучно со третиот квартал оствари реализација на сопствените приходи на основниот буџет над 75%, има можност дополнително да ги зголеми планираните приходи до најмногу 20%. Одредбите ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2025 година, а до започнувањето на примената на овие одредби предвиден е преоден период. Имено, во 2023 година сопствените приходи на основниот буџет на општините може да се планираат со пораст од 20%, со маргина од плус 10%, ако приходите во третиот квартал се реализираат 75% од планот. Во 2024 година тие може да се планираат со пораст од 15%, со маргина 15%.

Општините општините со децении трупаат долгови кои не можат да ги отплатат. последните информации се дека тие должат над 75,7 милиони евра.

Димитриевски вели дека најголемиот долг на општините е кај јавните претпријатија и тоа главно поради затезните камати, кои им ги наплаќа државата преку управата за јавни приходи.

– Сакам да напоменам дека финансиските проблеми се огромни, особено во јавните претпријатија и тоа како резултат на високите затезни камати кои ги наплаќа УЈП од  јавните претпријатија, како долг за наплатен ДДВ во периодот од 2005 до 2010 година. Средствата кои ЈП никогаш не успеваат да ги наплатат од граѓаните за дадените услуги, бидејќи граѓаните поради социо-економската положба не можат да ги платат – вели Димитриевски.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО