27.9 C
Ohrid
Tuesday, August 16, 2022

Во последните 72 часа опожарена е 141 локација во Грција

НАЈЧИТАНО

Повеќе од 550 пожарникари интервенираат во трите големи пожари во Грција во три различни делови на земјата, на Лезбос, на Пелопонез и кај Еврос, кои се активни веќе неколку дена, јави дописничката на МИА од Атина.

Во областа Суфли кај Еврос во близина на Националниот парк Дадиа, пожарот избувна во четвртокот, а во текот на викендот откако огнената стихија се доближи до населени места, превентивно беа евакуирани жителите.

Интервенираат 320 пожарникари со 13 пешадиски тима, 68 возила, два авиони и четири хеликоптери, а помагаат и војската, полицијата, пожарникари волонтери, како и цистерни од општините.

Рано утрово, дождот го олесни гаснењето на пожарот и напорите да се спаси Националниот парк.

Во областа, од вчера е и министерот за климатска криза и цивилна заштита Христос Стилианидис.

Вчера избувна пожар во западниот дел на Пелопонез во областа Илиа, во близина на античка Олимпија, а утрово интервенираат 159 пожарникар со седум пешадиски тима, 59 возила, четири авиони и четири хеликоптери.

Веќе трет ден, активен е и шумскиот пожар во јужниот дел на островот Лезбос во кој во саботата изгореа куќи, а превентивно беа евакуирани жители на селата во близина на приморското место Ватера.

Во гаснењето на пожарот интервенираат 83 пожарникари со пет пешадиски тима, 21 возило, шест авиони и два хеликоптери, а помагаат и пожарникари волонтери и цистерни од општините.

Во трите пожари предизвикана е и материјална штета со изгорена голема површина.

Рано утрово избија шумски пожари во Касандра и Ситонија на Халидики.

Инаку, во изминатите 72 часа, односно за само три дена во Грција бил регистриран вкупно 141 пожар, а повеќето од нив веднаш биле ставени под контрола, соопшти портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому.

Иконому истакна дека од „ланското непријатно искуство“ со пожарите извлекле поуки, се реорганизирале и оваа година можат подобро да управуваат со пожарите, како во однос на превенцијата, така и во однос на справувањето.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО