20.9 C
Ohrid
Tuesday, May 17, 2022

Во Битола се одржува 23 издание на Интернационалниот фестивал

НАЈЧИТАНО

Под мотото „Помеѓу“ од денеска до 21 мај во Битола ќе се одржи 23-то издание на Интернационалниот фестивал на монодрама.

На сцените на Центарот за култура и Битолскиот народен театар ќе се претстават професионални актери од земјава и од Велика Британија, Ерменија, Хрватска, Шпанија, Азербејџан, Полска, Израел, Бугарија, Молдавија и Романија. Ќе бидат изведени вкупно 13 монодрами со уметнички сензибилитет на новодефинираните театарски тенденции.

– Скапоцено е што мојот град Битола е запишан на светската мапа на фестивали на монодрама. Оваа година растеретени од ковид протоколите, со храбра одлука од наша страна да направиме повторно светски фестивал, зошто пред сe како актер, а потоа како директор на оваа национална институција од културата, знам колку овој проект е посебен, зошто не станува збор за никаква комерцијална, туку за сериозна и квалитетна уметничка продукција. Со поддршка на Министерството за култура, Општина Битола и на неколку спонзори, на кои сме им бескрајно благодарни работевме повеќе месеци на овој проект, кој бара и одлична мрежа на контакти низ светот, за што во ЦК имаме одличен тим кој стои позади фестивалот и селекција која тука, оваа година ќе го донесе најдоброто, истакна Маја Андоновски Илијевски.

Жири комисијата ќе биде составена од режисерот Владимир Милчин, актерката Бедиа Бегова и македонскиот писател и драмски уметник Сашо Димоски. Селектор на фестивалот е доајенот на македонскиот тетатар, актерот Петар Мирчевски.

– Слоганот „Помеѓу“ говори и за навистина тешката задача да се селектира од досега можеби најголемиот прилив на апликации за учество. Над 70 пријавени монодрами од целиот свет, а дури 11 беа од Хрватска, каде по неколку нивни гостувања на овој ист фестивал, стануваме славна точка, што е навистина убава вест. Помеѓу многу дилеми, што да се избере, зошто ние како директно инволвирани со месеци во овој проект, верувајте му се радуваме на фестивалот како на најголем театарски празник, бидејќи низ годините наназад не се забележал толкав голем интерес за учество. Програмата е затворена, има одличен избор и од аспект на текстови, и од аспект на продукција, а актерскиот чин на креирање на монодрама ќе го оживее театaрскиот свет на малку поинаков начин – истакна Петар Мирчевски.

Свеченото отварање на фестивалот ќе биде вечер, со претставата „Само глас“ на МНТ Скопје, додека затворањето е на 21 мај со претставата „Странци“ на Драмски театар Скопје. Годинава новина е дневната офф-програма која од 12.00 до 15.00 часот ќе се случува на делови и од Широк Сокак со учество на актери од Статуа Фест. Централна точка на оваа придружна програма ќе биде Јагода на крајот од оваа позната пешачка зона на Битола, каде актерите живи статуи и познатите артисти од битолската електронска сцена ќе имаат своја програма.

Графичката дизајнерка Ангела Христовска и продукцијата Сектор се автори на впечатливиот дизајн на плакатот и придружните промотивни материјали за фестивалот.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО