14.4 C
Ohrid
Tuesday, September 27, 2022

Владата има иницијални преговори за закуп на складиштен простор на гас во Бугарија откако увиде дека обезбедувањето гас може да биде проблем за компаниите кои го користат

НАЈЧИТАНО

Владата има иницијални преговори за закуп на складиштен простор на гас во Бугарија откако увиде дека обезбедувањето гас може да биде проблем за компаниите кои го користат, ако Русија реши како одговор на европските санкции да ги затвори вентилите за овој енергенс во зимскиот период.

Експертите и покрај тоа што сметаат дека добра опција е да се складира природен гас како можност за излез од кризна ситуација, сепак се скептични дека вакво нешто може да се реализира со оглед на фактот дека Бугарија нема доволно складиштен простор за обезбедување гас за сопствени потреби, а не да овозможи складирање гас за друга земја. Дополнително, нема инфраструктура преку која би можел тој гас да се донесе во земјава.

Во Европа и во нашето соседство складирањето на гасот е практика веќе подолг период.

Засега не се откриваат детали од преговорите, но анализите за можностите за складирање гас се прават на моменталната годишна потрошувачка која последните две години се движи помеѓу 400 и 450 милиони нормални метри кубни природен гас. Такви се очекувањата и за годинава.

Експертите сметаат дека опцијата за складирање гас е добра иако е покрената многу доцна, но се скептични дека вакво нешто може да се реализира во Бугарија со оглед на фактот дека и оваа земја има проблем да обезбеди гас за сопствени потреби и дека нема складиштен простор.

– Добро е што се преговара за една ваква работа, но за да се реализира ќе бидат потребни најмалку 4 до 5 години. Бугарија и самата има проблем за обезбедување на своите потреби на гас, ако продолжи да биде санкционирана од Русија. Она што во Бугарија се најави како можност за добивање гас од Грција може да профункционира од октомври, но секое вакво големо вложување при пуштањето има технички проблеми, а ќе се јават и таму. Што значи дури следната година Бугарија може да планира гас од Грција. До тогаш, ако не добива руски гас тешко дека ќе ги задоволи сопствените потреби, а не и да складира гас за Македонија. Но можеби за вршење политички притисок врз земјава што го прави и сега, Бугарија сепак ќе најде простор да складира гас и за нас – вели професорот Константин Димитров.

Тој смета дека ако државата е подготвена да плати одредена цена и во рубљи ќе има гас и од Русија.

-Да, ако се има пари Русија нема зошто да не ѝ пушти гас на земјава. Но, се прашувам дали увозниците веќе имаат подолготрајни договори за гасот или поради финансиските импликации од променливата цена не се осмелуваат да прават подолготрајни договори и се определуваат за месечни договори и како ќе имаат пари така и ќе увезуваат гас – вели Димитров.

Тој сепак прашува до каде е стигнато писмото со намери за ваква опција кое го најави министерот за економија.

Скоро идентичен став има и професорот Ристо Цицонков кој смета дека дополнителен проблем во приказната е тоа што Бугарија нема услови за складирање гас, а ние немаме алтернативна инфрструктура за преземање на гасот.

– Бугарија нема складишта за гас, барем јас немам таква информација. И ако успее да направи тоа ќе биде за течен гас. Оваа соседна земја има среќа што низ неа поминуваат повеќе гасоводи, но сепак има проблем да обезбеди доволни количини гас за себе. Прашање е како тогаш би можела да складира гас за нас – вели Цицонков.

Но, додава тој, проблем е и тоа што ние со Бугарија немаме инфраструктура преку која би можел тој гас да се донесе во земјава.

– И да речеме еве има договор за складирање на гас и за земјава, тогаш кои се опциите тој гас да стигне овде. Зарем ќе го носиме како течен со камиони како што тоа го правиме за Струмица. Колку камиони би биле потребни за да се задоволат потребите на компаниите од гас. Освен оваа опција ние немаме опција превоз со воз или друг гасоводен приклучок кој нѐ поврзува со Бугарија. Да заклучам, ние немаме друга инфраструктура освен онаа од рускиот гасовод. И да бидеме јасни, ако снема гас од Русија, ние нема да имаме гас – вели Цицонков.

И професорот Антон Чаушевски смета дека е добра идејата да се складира гас за да се одбегне кризна состојба, но вели, треба добро да се анализираат финансиските реперкусии од тој проект.

– Во една ваква кризна ситуација за обезбедување продорен гас добро е да се има алтернатива и за складирање гас, но треба да се има предвид и фактот дека тоа ќе ја чини многу земјава. Не знам колку тоа би чинело и како би се транспортирал тој гас до нашиот гасовод. Сепак, сметам дека тоа би била една од опциите за обезбедување гас за претстојната зима – вели Чаушевски.

Владата има големи очекувања во однос на алтернативата на рускиот гас во формирањето на првата регионална работна група која е дел од платформата на ЕУ за купување енергија.

– Важно е да се знае дека Европската комисија и Бугарија се договорија во Софија да ја формираат првата регионална работна група, како дел од Платформата на ЕУ за купување енергија. Преку новата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас, во која учествува и земјава – ќе се решаваат регионалните потреби за гас и струја, инфраструктурата, цените, но и намалувањето на зависноста од руските извори на енергија – велат од владата.

Проектот е најавен со цел увид во потребите за електрична енергија и гас, цените и тековите, како и инфраструктурните аспекти.

– Регионалната работна група ќе се концентрира на годината што претстои и ќе обезбеди специфична регионална експертиза и знаење за развој и спроведување на акцискиот план „REPowerEU“ за намалување на зависноста од руските фосилни горива, пополнување на складиштето пред следната зима и дополнително забрзување на декарбонизацијата на енергетски сектор. Ќе го поддржи и координира спроведувањето на заедничките планови за подготвеност во регионот, вклучувајќи меѓународно купување, складирање и интерконекции со што се придонесува за безбедноста на снабдување во регионот, енергетската заедница и пошироко. Работата на работната група особено ќе се надоврзе на подготовките на Европската комисија за одреден број на сценарија за енергетски прекин, во тесна координација и солидарност со земјите-членки и меѓународни партнери – појаснуваат од владата.

Европските држави кои како и нашава ја санкционираа Русија веќе подолг период складираат гас за потребите на стопанството во нивните земји. И земјите од соседството веќе го прават тоа. Србија која со години складира гас договори и складирање гас во соседна Унгарија.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО