15.9 C
Ohrid
Friday, May 20, 2022

Бугарското вето е безбедносен ризик за ЕУ

НАЈЧИТАНО

Бугарскиот премиер Кирил Петков по успешно завршените преговори за купување на американски гас, по поволна цена, даде мошне изненадувачка изјава во врска со спорот со Македонија. Петков истакна дека донел одлука Македонија и Албанија да ги започнат преговорите за членство во Европската Унија.

– Одлучив дека иднината на Северна Македонија и на Албанија мора да биде во ЕУ. Ова е добро за регионот – изјави Петков.

Сепак, бугарскиот премиер навести дека евентуалниот компромис со македонската страна, можеби значел и крај за неговата влада во Софија. Во однос на компромисот за ветото за евроинтеграцијата на Скопје и за тоа што ќе се случи со односите ако неговата влада падне, Петков рекол дека не може да биде одговорен за ништо во таков случај.

Петков изненади со изјавата

Професорот и прв министер за надворешни работи на Македонија, Денко Малески, вели дека изјавата на Петков е многу добра за нас, а воедно тој гледа и аналогија во решавањето на овој спор со Преспанскиот договор, со кој беше прекинато децениското непријателство на Македонија и на Грција.

– Прво тоа е една многу изненадувачка изјава, која е многу добра по нас. Ако направиме паралела со спорот со Грција околу името, ќе се присетиме дека и тогаш имаше мошне цврст консензус на грчките партии, обединети околу тоа дека името Македонија е грчко и дека не смее да биде во називот на една млада словенска држава. Но, Ципрас го проби консензусот, под притисок на САД. Во еден момент се појави потреба за решавање на овој спор, со цел да се подобри безбедносната ситуација на Балканот и тоа како резултат на затегнатите односи со Русија. Тогаш Американците престанаа да се однесуваат кон спорот како кон билатерален проблем и овозможија тој да биде решен – вели Малески.

Тој смета дека сега имаме речиси идентична состојба додека се одвива руската инвазија во Украина.

– Сега повторно имаме безбедносен фактор, со цел да се збијат редовите, за да се спречи рускиот пробив – додава Малески.

Тој не е сигурен дали Петков ќе успее да се снајде со предизвикот, односно дали неговата влада ќе го преживее симнувањето на ветото за македонската интеграција.

– Петков е под силен притисок и ќе видиме дали ќе попушти, а потоа ќе видиме и дали неговата влада ќе преживее. Но, само со храбри одлуки и преземање ризик овој проблем може да се надмине. Ќе потсетам дека со Преспанскиот договор, процентот на незадоволни граѓани и во Грција и во Македонија беше 70 отсто. Невозможно е да се бара некаков национален и сепартиски консензус, кога се бара компромис за вакви спорови – смета Малески.

Петков даде изјава во проста реченица

Изненаден од изјавата на бугарскиот премиер е и Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор на Македонија во Софија. Тој вели дека изјавата на Петков е добра, но е кажана во проста реченица, плашејќи се дека тоа што премиерот навистина сакаше да го каже е содржано во вториот дел од просто-проширената реченица.

– Мислам дека изјавата на Петков е само половина кажана. Тој даде одговор во проста реченица. Кажа дека иднината на Македонија и на Албанија е во ЕУ, но не кажа што ќе направи со ветото. Односно дали ветото ќе биде оставено за подоцна и дали можеби ќе се претвори во дел од преговарачкиот процес со Унија – вели Ѓорчев.

Тој открива дека тоа е стара бугарска стратегија и ние не би смееле во моментов тоа да го прифатиме.

– Очигледен е притисокот на САД врз бугарските политичари и може да се случи тие навистина да го тргнат ветото, но нивните барања да станат дел од преговарачката рамка со ЕУ, односно стандардите што тие ги бараат да влезат во поглавјето 35 од преговорите, наменето за општи прашања. Тогаш Бугарите сосем легитимно можат на секој Министерски совет на ЕУ да се повикаат на нашето неисполнување на условите од поглавјето 35 и да го обесмислат преговарачкиот процес – додава Ѓорчев.

Тој исто така е мошне резервиран околу расположението во бугарската јавност, да ѝ се попушти на Македонија на каков било начин во преговорите.

– Петков не би можел да направи ништо без партнерите од коалицијата. Ќе видиме дали и тие се согласни да го тргнат ветото – додава Ѓорчев.

Големи протести во Бугарија веќе најавија дел од опозициските партии, доколку Петков реши спротивно на националните интереси да го симне ветото за Македонија.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО