25.9 C
Ohrid
Wednesday, July 6, 2022

Боки 13 си го бара телефонот, судијката вели дека ништо битно немало во пораките на Ватсап

НАЈЧИТАНО

Судијката Софче Гаврилова на денешниот судски процес за „Меѓународен сојуз“ во Основиот кривичен суд донесе лаптоп со цел да докаже дека може да се отворат пораките на Ватсап од мобилниот телефон на обвинетиот Бојан Јовановски, но нагласи дека во нив не е најдено ништо значајно за постапката.

– Од сè што прегледавме, не најдовме нешто значајно за оваа постапка – рече судијката.

Одбраната потоа истакна дека нема да почне со сослушување на предложените сведоци, односно изведување на вербални докази, сѐ додека не биде овозможено изведување на материјалните докази содржани во телефонот на првообвинетиот Јовановски.

– Сѐ додека материјалните докази во конкретниот случај, единствено содржината од Ватсап комуникацијата од одземениот телефон на обвинетиот Бојан Јовановски, не биде екстрахирана во законски предвидена форма, и изведена како доказ во оваа постапка, ние како одбрана нема да пристапиме кон давање исказ на обвинетите како доказно средство кое што го предвидува Законот за кривична постапка – посочи адвокатот Сашо Дуковски.

Тој побара од судот ова барање да не се третира како бранење со молчење.

– Го молам судот без измени и дополнувања, вака како е наведено, да постапува по ова што јас сега го кажав, и би замолил, истото да не се третира како некакво си бранење со молчење или некаква друга правна формулација, затоа и ќе повторам и со тоа завршувам, дека, сѐ додека не се изведат материјалните докази, посочив кои, давањето одбрана е беспредметно и во ништо нема да помогне за утврдување на фактичката состојба – кажа Дуковски.

Првообвинетиот Јовановски од судот побара да му биде вратен телефонот за кој рече дека ќе му бидат доволни три до седум дена да ги екстрахира податоците, дотолку повеќе што предложените и прифатени сведоци има право како првообвинет да ги презентира пред судот.

– Укажувам и потенцирам на судот дека јас како првообвинет во оваа постапка, не се откажувам од правото на давање своја одбрана и исказ, апелирам и го замолувам судот да ми овозможи, согласно законските предвидени процедури според ЗКП во смисла на водењето на главната расправа, остварување на секоја предвидена и одобрена фаза од страна на судот во однос на доказната постапка – рече Јовановски.

Тој посочи дека изведувањето на материјалните докази па потоа изведувањето на вербалните докази, односно сослушувањето на предложените, па потоа прифатени сведоци од судот, се тесно поврзани со неговиот исказ кој што треба да го даде како првообвинет во постапката.

Судот на денешното рочиште истакна дека во целост се грижел за остварување на правата на одбраната во постапката и за обезбедување правично и фер судење.

– Токму во таа насока, судот за одбраните на повеќе од обвинетите обезбеди докази од правни лица и институции токму за одбраната да ги употреби во оваа постапка – истакна судијката Софче Гаврилова Ефремова.

Во однос на телефонот на обвинетиот Јовановски, односно материјалите кои се содржани на него, таа истакна дека тој е одземен и обезбеден во првата постапка која што се водела против Јовановски, позната како „Рекет 1“. Таа посочи дека податоците од телефонот на обвинетиот се обезбедени од институција која е овластена, стручна и компетентна и постапува согласно правните правила.

За случајот со невладината организација Меѓународен сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се товари за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО