8.9 C
Ohrid
Wednesday, October 5, 2022

Бесими ги повика синдикатите на преговори

НАЈЧИТАНО

Владата има слух и преку дијалог со вклучените страни ќе се дојде до одржливо решение, како што тоа беше направено и со зголемувањето на минималната плата, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за ТВ Телма, како одговор на барањето на  синдикатите за зголемување на платите на администрацијата преку усогалсување со минималната плата, како и за барањето за зголемување на пензиите.

– Разговорите со синдикатите за ова прашање е тековен процес и постојано се разговара. Се разговараше за минималната плата и се дојде до решение кое ќе се применува како во приватниот, така и за вработените во јавниот сектор. Ќе седнеме во наредниот период и ќе ги видиме можностите, но на прашањето треба да гледаме реално и од аспект на продуктивноста. Во овој момент не може да кажам ниту дали ќе има зголемување, ниту дека ќе нема. Она што можам да кажам е она што е планирано, а тоа е проектиран дефицит од 4,3 проценти од БДП и ако не го оствариме проектираниот раст од 4,6 проценти, а го реализираме Буџетот целосно, тоа ќе значи дека ќе имаме поголем дефицит и дополнително зголемување на инфлацијата – рече министерот, потенцирајќи дека не се сите механизми исцрпени и дека штрајкот е последно решение.

Според него, треба да се дојде до издржано решение, како во однос на прашањето за платите, така и за барањето за зголемување на пензиите.

Во однос на прашањето за пензиите посочи дека и тоа ќе се решава преку дијалог со претставници на пензионерите и оти и тука ќе се оди со одржливо решение преку промена на методологијата.

-Работиме на различни сценарија. Се прават анализи на промена на методологијата за да се најде системски одржливо решение, кое треба да се најде во подобрување на продуктивноста во економијата и со тоа и да има раст на пензиите – рече  Бесими.

Тој потсети на мерките што ги презема Владата за справување со енергетската криза, нагласувајќи дека сите се насочени кон тоа да нема голем пораст на цената на електричната енергија на регулираниот пазар, како и на основните прехранбени производи кои забележуваат раст под влијание на растот на цените на светските берзи.

Министерот очекува состојбата со растот на цените да се стабилизира во вториот квартал од годината, дека проекцијата на инфлацијата е 2,4 отсто во моментов, но зависно од тоа како ќе се движат цените, таа може да биде и повисока.

Тој рече и дека финансиите се стабилни и во наредниот период се земаат предвид сите ризици за тие да останат на стабилно ниво. Во Буџетот има доволна ликвидност и реализацијата на буџетските приходи, иако сме на почеток на годината, се согласно проекциите.

Бесими се осврна и на новите инструменти кои ќе бидат понудени за да се финансираат предвидените проекти преку развојни, проектни и зелени обврзници, како и обврзница индексирана со инфлација која е наменета пред се за граѓаните за да се мотивираат да инвестираат, а и да се намали сивата економија преку повелкување ќеш или заштеда, а сето тоа во рамки на законските решенија. Тоа е предвидено во рамки на домашното задолжување, додека за задолжување во странство, како што посочи, во Буџетот е предвидено издавање еврообврзница од 250 милиони евра, за која се следат состојбите и ќе биде издадена, како и во претходната година, кога на пазарот ќе има најповолни услови.

-Средствата од задолжувањата ќе одат за капитални проекти, така што и овие обврзници се наменети  се за одредени проекти, развојните за капитални проекти и зелената е за проекти за зелен развој, соопшти Министерството за финансии.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО