13.3 C
Ohrid
Monday, October 3, 2022

Белгија одби да го затвори небото

НАЈЧИТАНО

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, попладнево се обрати пред белгискиот федерален парламент со истото барање: НАТО да обезбеди затворање на небото над Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Украинскиот претседател продолжува со својата турнеја пред парламентите ширум светот за да побара воена и хуманитарна помош за неговата земја.

Во неговиот воведен говор, Зеленски ја опиша драматичната ситуација во Мариупол каде илјадници Украинци веќе загинаа, многумина се обидуваат да побегнат во услови на блокада на хуманитарните коридори од страна на Русија и затворен пристап до морето.

– Нема храна, нема лекови, нема живот, нема ништо од она што е есенцијално за преживување и покрај тоа не застанува борбата против освојувачите, бранителите на Мариупол имаа избор да го остават градот во рацете на освојувачот, но не го сторија тоа – рече Володимир Зеленски пред белгиските пратеници и белгиската влада преку видео врска.

Но, додаде тој, за да може Украина да продолжи да се бори потребна е зајакната помош.

– Што чекате за да обезбедите затворање на небото, Европејците немаат доволно храброст тоа да го сторат, додека Украина ги дава своите животи за да ја обезбеди сигурноста на Европа – им порача украинскиот претседател.

Тој ги критикуваше и оние кои продолжуваат да тргуваат со Русите, вперувајќи го прстот пред сѐ кон трговијата со дијаманти во градот Антверпен.

– За некои, руските дијаманти се поважни, прифаќањето на руските бродови и приходот од тие бродови се поважни – рече Зеленски.

Зеленски сепак се заблагодари што Белгија беше меѓу првите земји што испратија воена помош во Украина и што веќе прими над 30.000 бегалци од Украина, но побара дополнително оружје за украинската војска и силни санкции против Русија.

– Мирот е поважен од дијамантите, од бродовите на пристаништата, од нафтата и гасот од Русија, помогнете ни, испратете оружје, примете не како членка на ЕУ, ќе ви возвратиме многу брзо – рече украинскиот претседател.

Премиерот на Белгија, Александер Де Кро, вети дека санкциите против Русија ќе останат на сила уште долго време и дека Русија ќе биде сѐ поизолирана дипломатски, како и дека Путин никогаш нема да ја освои Украина, но порача и дека затворање на украинското небо од страна на НАТО не може да се испорача.

– Ја разбираме вашата фрустрација, барате затворање на небото од страна на НАТО, но да бидеме искрени, ова би значело соборување на руски авиони и ескалација која ќе го внесе целиот европски континент и пошироко, без решение. НАТО не е страна во овој конфликт и не треба да стане страна, тоа не е одговорот што сакавте да го слушнете, но верувам дека го разбирате аргументот – одговори Де Кро.

Белгискиот премиер го увери Зеленски дека Белгија е на страната на Украина и дека веќе во овој момент нова воена помош е на пат кон неговата земја.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО