17.9 C
Ohrid
Tuesday, May 17, 2022

Ако има договор, Париз ветува брз старт на преговорите

НАЈЧИТАНО

Скопје и Софија продолжуваат со разговорите за изнаоѓање решение за спорните прашања со цел деблокада на нашите евроинтеграции. Северна Македонија смета дека е можно фер решение, но нагласува дека на потег е Бугарија и посакува процесот да се заокружи со сеопфатен документ, со јасно утврдени обврски на двете страна.

Бугарската страна потврдува дека се преговара, но посочува дека ништо конкретно нема да биде потпишано на 22 мај, за кога е најавена посета на бугарска делегација на Скопје. Во исто време, од Ке Д’Орсеј стигна порака дека во случај на договор меѓу Скопје и Софија, Франција е решена да организира меѓувладини конференции на ЕУ со Северна Македонија и Албанија, што е можно поскоро за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската унија.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера потврди дека министерствата за надворешните работи на Северна Македонија и Бугарија комуницираат, но дека немаат усогласено документ кој може да биде основа за носење одлуки во двете држави. Тој, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на фабриката „Брако“ во Велес, истакна дека на земјава и треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави и за кое ќе постои консензус.

– Што се однесува до јуни како некаков датум, точно е дека тогаш ќе има Самит на ЕУ, но ние воопшто не се врзувавме со датуми зашто ни треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави и за кое ќе постои консензус, бидејќи тоа треба да биде основа за градење на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во иднина, како меѓу себе, така и во рамки на ЕУ – потенцира Ковачевски на прашањето со какви пораки се враќа од Брисел и дали има поголем оптимизам сега за придвижување на работите во јуни.

Ковачевски потврди дека со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел разговарал за проширувањето на Унијата и за статусот на преговорите со Бугарија. Во овој контекст повтори дека преговорите се водат принципиелно, врз основа на европските вредности и со достоинство и почит меѓу политичарите.

Премиерот на Бугарија Кирил Петков, исто така, потврди дека разговорите меѓу владите во Софија и Скопје продолжуваат, но ги отфрла информациите дека ќе биде потпишан конкретен договор во текот на посетата на бугарската делегација на Северна Македонија на 22 мај.

– Средбата се уште не е финализирана, но едно е сигурно, ние само го продолжуваме конструктивниот дијалог, но нема да биде потпишано ништо конкретно – изјави Петков.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ синоќа потенцира дека интензивно се разговара со бугарската страна во рамки на декларацијата на Собранието и нашите црвени линии и интереси, а дали ќе се постигне договор тоа сега зависи од Бугарија.

– Можно е фер решение. Сметаме дека најдобро е процесот да се заокружи со сеопфатен документ, кој што јасно ќе ги утврди обврските и на наша, но и на бугарска страна. Секако сме разговарале за тоа и досега, се останато е на неодреден терен. Формата е помалку важна, важна е содржината кои чекори да се направат и тие да водат кон тргање на ветото, па да имаме попријателска агенда. Ние ги водиме разговорите на таа основа. После настанот во Битола има одреден застој, но комуникацијата не е прекината – рече Маричиќ во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител.

Тој повтори дека земјава е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ, а дали тоа ќе се случи зависи од позицијата на Бугарија, но и од амбиентот што ќе се создаде во Унијата. Во контекст на војната во Украина и сите кризи кои ни се случија нам и на Европа, вели вицепремиерот, вистински момент е тоа да се случи за време на француското претседателство.

Разговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија, заедно со ситуацијата во Украина, беа тема и на средбата на шефот на дипломатијата Бујар Османи со неговиот француски колега Жан-Ив Ле Дриан, на маргините на министерскиот состанок на глобалната коалиција против Исламска држава во Маракеш,

– Францускиот министер, ја подвлече целосната поддршка на Франција за постигнување балансиран и взаемно прифатлив компромис меѓу Бугарија и Северна Македонија – информира Министерство за надворешни работи и Европа на Франција по средбата.

Ле Дриан потсетил дека Франција е решена, во случај на договор, да организира меѓувладини конференции меѓу Европската унија и Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската унија.

Министерот Дриан ја повтори француската поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан и во тој контекст ја спомена конференцијата меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, која ќе ја организира Париз во јуни во рамките на претседавањето со Советот на ЕУ.

Поддршка за интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, дојде и од амбасадорот на Италија во земјава Андреа Силвестри, кој ја повтори поддршката на Рим за старт на преговорите на двете земји со Унијата.

– Италија ја поддржува Македонија за влез во Европската унија. Тоа е нашиот став и ги поддржуваме и Северна Македонија и Албанија во Европската унија. Нема друга алтернатива – порача Силвестри, при посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ и на Општина Штип.

Заедничката мултидисциплинарна експертска Комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, вчера и завчера во Софија ја одржа 19-тата средба. Од македонскиот тим во Заедничката комисија, соопштија дека средбата поминала во конструктивна атмосфера и дека се водела дискусија на која биле разменети неколку предлог идеи за препораки за учебниците од основното образование, кои се однесуваат на средновековниот и раноосманлискиот период.

– На средбата беа усогласени и потпишани записници од претходните средби. Со заемен договор на двајцата копретседатели на Комисијата, договорено е наредната средба на Комисијата да се одржи во средината на септември 2022 година – стои во соопштението од македонскиот тим.

Заменик-претседателот на бугарската страна на Комисијата, доц. Наум Кајчев, меѓутоа за БТА изјави, дека на состанокот во Софија не е постигнат напредок.

– Долго се разговараше за учебниците по историја за седмо одделение во Република Северна Македонија, кои се однесуваат на средниот век. За жал, поради долгите дискусии, не успеавме да постигнеме договор и да оствариме напредок за овие прашања, така што разговорите продолжуваат – изјави Кајчев, додавајќи дека немало време да го отворат прашањето за чествувањето на Гоце Делчев.

Договорено било следните три состаноци на Мешовитата комисија да се одржат во втората половина од годинава, а следниот редовен состанок ќе биде во Скопје околу 13-14 септември.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

НАЈНОВО