More

    Османи молчи, критичарите кренаа паника

    spot_img

    Можно ли е сеопфатниот договор што вчера го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи да значи признавање на македонскиот јазик според Уставот на Република Македонија донесен во 1991 година, како и признавање на македонскиот народ од 1945 година, додека, пак, луѓето коишто живееле на оваа територија до 1945 година да се сметаат за дел од бугарскиот народ?

    Оценувајќи дека преговорите се наоѓаат во една покритична фаза, министерот Османи не сакаше да прецизира што точно би опфатил сеопфатниот договор и како со него ќе се решат отворените прашања со источниот сосед, па тоа премолчување како да ги охрабри критичарите во земјава да се посомневаат дека се крчка нов понижувачки пакт на штета на Македонија.

    Поранешниот амбасадор Ристо Никовски за Плусинфо вели дека сеопфатен договор со Бугарија е возможен единствено ако прифатиме дека сме Бугари и дека зборуваме дијалект на бугарскиот јазик.

    Сеопфатен договор со Бугарија е возможен единствено ако прифатиме дека сме Бугари по род и дека зборуваме дијалект на бугарскиот јазик.

    Ристо НиковскиПоранешен амбасадор

    – Првиот чекор на Македонија кон Бугарија мора да биде поништување на досегашниот Договор за пријателство. Тој договор е кочницата за нашиот напредок кон Брисел и како таков ќе остане сѐ додека е на сила. Најавите на министерот Бујар Османи за некаков сеопфатен договор покажуваат дека тој или не знае што зборува или воопшто не ги разбира работите. Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека Македонија ќе преговара најмалку 15 години со Европската Унија и дека тие во тој процес ќе ги реализираат сите свои фантазии во однос на Македонија. Сеопфатен договор со Бугарија е возможен единствено ако прифатиме дека сме Бугари по род и дека зборуваме дијалект на бугарскиот јазик. Никаков друг сеопфатен договор не е возможен – објаснува Никовски.

    Реакција пристигна и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат дека во преговорите со Бугарија не смее да биде оспорена македонската национална посебност, ниту засебноста на македонскиот јазик.

    – Имаме информации дека дејствијата во процесот на преговори се многу подлабоки од менување на Уставот. Бараме писмени гаранции кон кои ќе се обврзе Бугарија, а зад чие барање ќе застане премиерот Димитар Ковачевски. Тој мора да знае дека привремената заслепеност од функцијата е минлива и дека не смее да има пазарење на сметка на македонските национални интереси. И тоа треба да му го каже и на неговиот министер Бујар Османи. Македонија мора да добие писмени гаранции дека никој веќе нема да ја блокира само поради тоа што не сакаме да правиме ревизии на историските вистини коишто се потврдени од антифашистичката коалиција во Втората светска војна – рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

    Од друга страна, Османи уверува дека најавата за сеопфатниот договор ќе значи и зацврстување на нашата позиција со гаранции дека веќе нема да има нови барања од бугарска страна.

    – Ние баравме да има сеопфатен договор со кој ќе се затворат сите барања еднаш засекогаш, односно нема да има постојано појавување на нови барања, нови позиции, туку сите елементи кои се важни за нас и за Бугарија ќе се врзат во еден сеопфатен документ на меѓусебно зависни и временски зависни елементи. Погрешна е перцепцијата дека најавата на еден таков сеопфатен договор ќе направи некакво поместување од нашата позиција – рече Османи, одговарајќи на прашањето дали земјава со ваквиот потег можеби крева бело знаме пред бугарските уцени.

    Првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, во разговор со Плусинфо смирува дека идејата за сеопфатен договор во моментов е сѐ уште флуидна и дека допрва ќе треба да се прецизираат деталите.

    Сеопфатниот договор ќе ни понуди гаранции дека Бугарија нема да изнаоѓа нови изговори и нема да поставува нови услови кога се работи за решавање на билатералниот проблем со Македонија.

    Денко МалескиПрв министер за надворешни работи

    – Како што јас го разбрав тоа што го зборуваше министерот за надворешни работи, сеопфатниот договор ќе ни понуди гаранции дека Бугарија нема да изнаоѓа нови изговори и нема да поставува нови услови кога се работи за решавање на билатералниот проблем со Македонија. За успешно да работат оние неколку комисии коишто се формираа за физичко поврзување на двете соседни држави, многу е важно ние да го започнеме процесот на преговори со ЕУ. Што се однесува на историската тема, јасно се виде дека е многу чувствителна и дека ќе биде потребно време за да се апсолвираат тие прашања. Можеби тоа време е во процесот на преговорите со Унијата. Отприлика така ми изгледа идејата за креирање сеопфатен договор. Идејата во моментов е флуидна и допрва ќе треба да се прецизира. Но, повеќе од очигледна е нашата желба за да ни се даде зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, а историската тема со Бугарија да се развлече во периодот на преговори – објаснува Малески.

    На источните соседи, пак, очигледно им се брза. Бугарскиот претседател Румен Радев денеска побара јасни гаранции од Македонија за почитување на правата на Бугарите во земјава. Тој побара јасни гаранции за заштита на бугарското културно и историско наследство во Македонија пред почетокот на преговорите на земјава со ЕУ.

    – Пред да се отвори вратата за преговори, треба да се види јасен и одржлив процес на искоренување на јазикот на омразата. Бугарија сериозно ги сфаќа проблемите на македонските Бугари и високо го цени нивното мислење како побрзо Северна Македонија да го постигне членството во ЕУ. Јас барам да има јасни гаранции и одржлив процес на европската интеграција на Република Северна Македонија. Бугарија е земјата којашто сака тоа да се случи најмногу – рече Радев и додаде дека впишувањето на македонските Бугари во Уставот на Северна Македонија, освен што ќе доведе до гарантирање на нивните права, треба да биде и задолжителен услов за давање согласност од страна на Бугарија за почеток на преговорите.

    Фото: МИА
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img