More

    Многу даночни оптоварувања, за мали ефекти

    spot_img

    Вработените и самостојните вршители на дејност (адвокати, нотари, консултанти, занаетчии …) кои сакаат дополнително да штедат за пензија, да имаат приватно здравствено осигурување или да го осигуруваат животот од 1 јануари годинава ќе плаќаат персонален данок од 10 отсто на уплатените премии. Ќе се даночи и колективното осигурување во компаниите. Исто толкава стапка на данок ќе плаќаат и граѓаните кои имаат капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, доколку ги поседувале повеќе од две години. Данок ќе се плаќа и за користење на становите и моторните возила коишто работодавачите им ги даваат на користење на работниците или со нив се врши превоз на работници. По влезот на земјава во ЕУ, пак ќе се плаќа и данок на каматите на депозитите.

    Ова е предвидено во последните измени на Законот за данок на личен доход донесени на крајот на минатата година, кои се дел од новиот концепт за проширување на даночната база на владата. Со овие измени всушност се кратат дел од досегашните даночни ослободувања. Владата смета дека на овој начин ќе обезбеди поголема праведност на даночниот систем и поправична распределба на даночниот товар по основ на данокот на личен доход помеѓу доходот од труд и доходот од капитал.

    Од износите кои треба да бидат наплатени годинава по овие основи владата очекува да инкасира плус 24 милиони евра во Буџетот.

    Граѓаните незадоволи, експертите се чудат
    Компаниите, кои веќе се засеганти од измените на законот за данок на личен доход, речиси и да не реагираат на укинувањето на овие даночни олеснувања. Нема реакција ниту од бизнис заедниците, а граѓаните, како и обично, се затечени од новите давачки.

    – Зарем не им е доста од тоа што веќе го плаќам кон државата, па требаше сега дополнителното да ми го оданочат и пензиско осигурување? Најверојатно, владата мисли дека ова е луксуз како перки од ајкула. Слушам дека данок од доход ќе се плаќа и за колите кои ни ги даде фирмата на користење. Па, ова е сè само не држава! Нели рекоа дека нема дополнителни даноци, а сега на мала врата протнуваат да плаќаме за нелогични работи. Е, затоа си одат луѓе од земјава! Барем еднаш да кажаа некоја убава работа за граѓаните – вели Анастасија Е. од Скопје.

    Даночни експерти велат дека овие измени ги засегаат граѓаните, но на удар ќе бидат осигурителните и пензиските друштва, бидејќи може да се очекува намалување на уплатите за осигурувања од живот, како и дополнително пензиско и здравствено осигурување.
    – Државата кај нас стана „вреќа без дно“. Наместо да ги скратува трошоците и да ги собира даноците сè повеќе посега по нелогични решенија. Ова ќе биде поизразено во наредниот период, бидејќи кај нас снемува работна сила, младите си одат и нема кој да плаќа даноци. И затоа ќе се товарат тие што веќе плаќаат даноци, наместо да се намалува сивата економија – вели даночниот експерт Павел Гацов.

    Што велат осигурителните друштва
    Осигурителните друштва сметаат дека ова даночно оптоварување ќе ја наруши нивната работа преку намалување на приходите и резервите, а ќе влијае и на државниот буџет, бидејќи очекуваат намалување и откажување на уплатените премии за животното осигурување. Тие оценуваат дека оваа даночна промена е непотребна бидејќи пред 4 години веќе имаше промени кај ова осигурување.

    – Најавените измени на даночната регулатива предвидуваат укинување на наведените даночни ослободувања, што негативно ќе влијае на намалување на премијата за осигурување на живот и ќе придонесе за намалување на финансиските резултати на друштвата за осигурување на живот, како и намалување на даночните приходи по основ на данок на добивките на друштвата. Намалувањето на премијата за осигурување на живот ќе има и директни негативни ефекти на даночните приходи кои ќе влезат во буџетот. Имајќи го предвид фактот дека даночните ослободувања се однесуваат само на износот на годишна премија во висина од две просечни плати по вработен, а останатиот износ на премија се оданочува, сметаме дека вкупниот даночен приход ќе се намали. Исто така намалувањето на уплатената премија, но може да дојде до раскинување на договорите за осигурување на живот, како и откуп на осигурувањето од страна на договорувачите правни лица, што ќе предизвика нерамнотежа во билансите на друштвата за осигурување на живот преку намалување на издвоените резерви за покривање на обврските кои произлегуваат од тие договори, што следствено ќе предизвика неможност за вложување на средствата кои служат како покритие на резервите во нови емисии на државни обврзници – инструмент кој на пазарот на осигурување најмногу се користи токму од страна на друштвата за осигурување на живот – велат од Триглав осигурување живот.

    Оттаму додаваат дека, иако осигурувањето на живот бележи значителни стапки на раст во последните десетина години, во споредба со државите од нашиот регион оваа индустрија уште е далеку од потенцијалот и значењето што осигурувањето треба да го има во вкупната економија.

    – Осигурувањето на живот во Македонија е на последно место во споредба со земјите во регионот, особено ако се анализира густината на премијата, каде со само 16 евра премија за осигурување на живот по глава на жител, Македонија е на дното, споредена со земјите од регионот. Податоците за пазарна пенетрација каде што премијата за осигурување на живот учествува со 0,3% во БДП на државата исто така ја сместуваат Македонија на последното место во споредба со земјите од регионот – велат од друштвото.

    Во оваа осигурителна компанија сметаат дека државата, наместо да го оданочува осигурувањето на живот, треба да ги зголеми даночните ослободувања.

    – Сметаме дека, сосема спротивно од предложените измени, потребно е да се размислува во насока на воведување на дополнителни даночни ослободувања, како што впрочем се или биле имплементирани во даночната регулатива во повеќе земји во фазата на развој на осигурувањето на живот. Дополнителни даночни олеснувања, кои се однесуваат на ослободување од данокот на личен доход при исплата на осигурени суми за доживување и дефинирање на целосната премија за осигурување на живот, уплатена од правни лица за своите вработени како даночно признаен расход, силно ќе придонесат за зголемување на атрактивноста на осигурувањето на живот – велат од Триглав осигурување живот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img