More

    Македонија поразена од Португалија

    spot_img

    Заврши фудбалскиот сон на Македонија. Нашиот национален тим загуби од Португалија (0-2) во Порто во рамки на финалниот бараж за Светското првенство (СП) кое во 2022 година ќе се игра во Катар и така не успеа да се пласира за првпат на светската фудбалска сцена.

    Македонските „рисови“ ја импресионираа Европа со победата кај Италија во Палермо (0-1) и сите потајно се надеваа на ново чудо. Сепак, селекторот Сантош одлично ја имаше прочитано концепцијата и играта на Македонија и ги затвори сите обиди кон голот на Селекао. Така, Португалија предвoдена од Кристијано Роналдо патува на светската сцена, а човек на натпреварот беше Бруно Фернандеш кој заврши како двоен стрелец.

    Милевски изврши две замени од тимот во Палермо и им даде шанса на Елмас и Костадинов. Неговиот колега Сантош одговори со десет стартери од победата против Турција и повратникот Пепе во срцето на одбраната. Првата закана беше центаршутот на Нуно Мендеш, кој не заврши кај ниту еден од домашните напаѓачи. Затреперија срцата на македонските фанови во 14. минута, кога дијагоналата на Кристијано Роналдо заврши за сантиметар крај дирекот.

    Македонија возврати со иницијативата на Елмас и блокираниот удар на Алиоски. Во 20. минута се разви убав наш напад по десната страна, Стефан Ристовски нафрли, Алиоски улови волеј, но биеше непрецизно. Четири минути подоцна нашата одбрана заспа по корнерот од десната страна, но по наша среќа ударот на Роналдо со глава заврши над голот.

    Кога навидум нашата контрола на португалската креација беше целосно, една грешка на капитенот Ристовски средината на теренот му дозволи на Роналдо да го најде Бруно Фернандеш, а овој со прецизна дијагонала по земја го матира Димитриевски (1-0). Во 40. минута пак погреши нашата одбрана, но Жота од тежок агол биеше во надворешниот дел на мрежата. Првиот дел заврши со одличниот удар на Кансело во надополнувањето, кој заврши преку пречката.

     

    Вториот дел почна нешто слично како и првиот. Немаше преголем ризик, а Благоја Милевски внесе двајца офанзивни играчи во тимот затоа што мораше да тргне на гол. Прво шанса доби Бојан Миовски, потоа и Дарко Чурлинов. Се играше 64. минута, кога Португалија преку една класична контра дојде до 2-0 со вториот гол на Бруно Фернандеш. Откако Барди загуби топка, пресече Пепе, го проигра Отавио, а тој нафрли до играчот на Јунајтед кој од прва реализира.

     

     

    Последните дваесет минути беа само формалност за домашните. Македонија беше под притисок, се обидуваше да нападне, ама недостасуваше реализацијата. Во два наврати се бараше и пенал, прво по фаул над Елмас, потоа и над Миовски во иста акција, ама судијата Тејлор одлучи дека нема елементи за најстрога казна со која нашиот национален тим ќе се вратеше во средбата на „Драгао“.

    Ждрепката за групната фаза на Светското првенство кое ќе се игра во ноември и декември ќе се одржи во петок.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img