More

    Институциите допрва ќе носат правилници

    spot_img

    Министерството за труд и социјална политика информира дека работи на донесување посебен правилник за регулирање на прашањата поврзани со заштитата на безбедноста и на здравјето на работниците кои работат на отворено и под директни климатски влијанија, откако реагираа синдикатите дека поради немање законска подлога во колективните договори не можат да договорат прекинување на работа на отворено во компаниите за време на екстремно високи температури.

    – Во Советот за безбедност и здравје при работа е иницирано прашањето за донесување на овој правилник и се започнати дискусии поврзани со потребата од донесување на дополнителни подзаконски акти (правилници), меѓу другото и за регулирање на прашањата поврзани со заштитата на безбедноста и здравјето на работниците кои работат на отворено и под директно влијание на климатските влијанија. Се очекува во скоро време да биде донесен и тој правилник – велат за Плусинфо од Министерството за труд и социјална политика.

    Синдикатите се загрижени дека и во овој топлотен бран кој почнува од утре голем број работници ќе бидат принудени да работат на високи температури и под силно ултравиолетово зрачење, што може многу негативно да се одрази на нивното здравје. Претседателот на синдикатот на градежништво Иван Пешевски вчера во разговор за Плусинфо изрази загриженост за работниците во 80 отсто од градежните компании кои немаат синдикални организации, во кои работодавачите не ги почитуваат обврските од законот за безбедност и здравје при работа и ги оставаат работниците да работат на градежни објекти на екстремни температури и без соодветна заштита.

    Од Министерството велат и дека во периоди на висока температура се активираат инспекторите за труд кои прво ги опоменуваат работодавачите да се приспособат кон препораките и законските обврски за безбедност и здравје при работа, а потоа и изрекуваат казни.

    – Доколку работодавачите не ја почитуваат забраната за работа во периодот од 11 до 17 часот инспекторите изрекуваат инспекциска мерка забрана за работа која стапува во сила веднаш. Откако ќе се изрече забраната им се поведува прекршочна постапка со отпочнување на постапка за порамнување и врачување на прекршочни платни налози чија висина на глоба зависи од големината на работодавачот. Глобите за микро и мал работодавач се 500-1,000 евра во денарска противвредност, за среден од 1,000-2,000 евра во денарска противвредност, а за голем работодавач – од 3,000-4,000 евра во денарска противвредност. За работодавач физичко лице глобата е 250 евра во денарска противвредност. Исто така глоба има и за одговорните лица кај работодавачот и истите се движат од 300 евра во денарска противвредност за микро и мал работодавач, 400 евра во денарска противвредност за среден работодавач и 500 евра во денарска противвредност за голем работодавач – велат од Министерството за труд и социјална политика.

    Синдикатите, но и Министерството за труд и социјална политика и инспекторатот велат дека работниците многу малку се жалат кога работодавачите ги принудуваат да работат на отворено на високи температури.

    – Во изминатиот приод немаме претставки од работниците дека се принудувани да работат на високи температури. Тоа е резултат дека тие се плашат да ги пријават работодавачите за да не ја изгубат работата, но факт е дека во 80 отсто од компаниите од градежниот сектор се работи на екстремно високи температури, без обезбедена заштите и простории за ладење – вели Пешевски.

    Тој забележува дека инспекторите за труд ретко ги посетуваат овие компании иако се знае дека кај нив не се почитуваат законите, ниту препораките на државните институции кои во основа се незадолжителни за работодавачите.

    Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во минатото, до Државниот инспекторат за труд ретко има претставки од вработени за работа во услови на топлотен бран, а инспекторите во контролите на компаниите не утврдиле дека не се почитуваат препораките.

    – Доколку пристигнале претставки од работници тие најитно се решавани од страна на инспекторатот. Во контролните инспекциски надзори до сега, констатирано е дека работодавачите ги почитуваат забраните за работа кои им се изречени. Заради поголема ефикасност, се апелира до работниците и граѓаните да ги пријавуваат случаите – работење на отворено во услови на топлотен бран, за да може навремено да се преземат инспекциски мерки. Пријавите може да ги достават во архивата на ДИТ и електронски на prijava@mtsp.gov.mk – велат од Труд и социјала.

    Од Министерството тврдат дека Државниот инспекторат за труд преку своите активности и вршењето на инспекциски надзори е континуирано во функција на обезбедување на доследна примена на прописите од областа на безбеденост и здравје на работа и почитувањето на законската обврска на работодавачите да обезбедат соодветни услови за работа за своите вработени кои нема да го загрозуваат нивниот живот и здравје.

    – Во случај на прогласување на жолта (портокалова) фаза, трудовите инспектори од ДИТ ги интензивираат надзорите токму врз работните места и кај работодавачите каде што постои опасност од зголемена изложеност на работниците на високи температури и зголемено UV зрачење, а со тоа и непосредна опасност по здравјето, при што се донесуваат и соодветни решенија за отстранување на констатирани недостатоци или забрани за работа, согласно препораките на владата и владините институции и прописите од областа на безбедност и здравје на работниците – велат од Министерството.

    Експертите предупредуваат стриктно да се почитуваат законските одрдби од законот за здравје и заштита при работа за да се спречи да расте бројот на работници кои страдаат поради непочитување на законите.

    – Потребна е целосна одговорност и сериозност за справување со прашањата поврзани со безбедноста и здравјето на работните места, а со тоа константното присуство на над 1500 регистрирани потешки несреќи на работното место и над 40 смртни случаи за кој никој не сноси одговорност – вели м-р Милан Петковски, инженер по заштита при работа.

    Земјава, велат од Министерството за труд и социјална политика, има и Акциски план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението, во кој е даден посебен акцент и на активностите и мерките за заштита на работниците кои се изложени на влијанието од високи температури.

    – Во овој дел од особено значење е потребата од почитување на препораките за заштита на здравјето на работниците во услови на топлотен бран, како од страна на работодавачите, така и од страна на самите вработени. Согласно добиените информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, се прогласуваат високи температури од жолта (алармна) или портокалова (или црвена) фаза со кои е зафатена територијата на државата, и во согласност со Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, се објавуваат препораки упатени до населението, вклучително и работодавачите и вработените – објаснуваат од Труд и социјала.

    Во препораките од страна на Министерството за здравство кои досега биле носени, се наведува во периодот од 11 до 17 часот да не се вршат активности од страна на работодавачите на отворен простор или ако таквите активности не можат да се прекинат (на пример при асфалтирање, бетонирање и сл.) да се обезбедат дополнителни мерки за заштита на работниците, редовно да ги снабдуваат работниците со вода и други напитоци, да се прават чести паузи, да обезбедат места за заштита од сонце или да ги снабдат работниците со лична заштитна опрема која ќе ги штити од директна изложеност на сонце.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img