More

    Владиците на МПЦ-ОА ќе молчат до Педесетница

    spot_img

    Неколку дена пред историската заедничка литургија во Цариград, која треба да се одржи на празникот Педесетница на 12 јуни, во Македонската православна црква (МПЦ-ОА) владее молк.

    Обидувајќи се да дознаеме какво е расположението кај македонските владици во пресрет на големиот ден кога треба да се официјализира историската одлука на вселенскиот патријарх Вартоломеј за прифаќање на нашата црква во литургиско и канонско единство, членови на Синодот на МПЦ-ОА нѐ брифираат дека им е забрането да се изјаснуваат по тоа прашање пред да се изјасни вселенскиот патријарх.

    Дипломатски и недефиниран одговор добивме и на прашањето дали со сигурност ќе се вратиме радосни и со кренати глави од Цариград или сепак постојат макар и минимални шанси да се вратиме свенати и попарени.

    Сѐ што се случува е прашање на вера, а не на човечко мудрување и анализирање. Имајте го ова на ум.

    г. ПименМитрополит европски

    – Не смееме да даваме изјави пред да ја слушнеме официјалната одлука на вселенскиот патријарх. Се извинувам, ама тоа е став на Синодот и ние мора да го почитуваме таквиот став. Искрено и јас не знам што точно ќе се случи за време на средбата во Цариград. Исто како што и верниот народ и вие новинарите се наоѓате во една недоумица, така и ние се наоѓаме во недоумица. Сигурно дека Вселенската патријаршија нешто подготвува за в недела и најверојатно тогаш ќе го слушнеме ставот на вселенскиот патријарх Вартоломеј, но засега не знаеме што ќе биде и како ќе биде. Ве замолувам, да бидеме трпеливи и да почекаме да се случи тоа што ќе се случи – ни изјави еден од владиците на МПЦ-ОА.

    Единствениот владика кој јавно проговори на оваа тема, а кој, исто така повика на трпеливост, е митрополитот европски г. Пимен. Тој преку статус на Фејсбук му порача на верниот народ да не дозволи чудото да падне во сенка на чудното, бидејќи, како што вели, повкусни и поблагодатни се плодовите од чудото, отколку меѓусебното јадење.

    „Помина цел месец од благата вест кога цариградскиот патријарх Вартоломеј ни соопшти дека се враќаме во евхаристиско единство со сиот православен свет. И почнаа прашањата, сомнежите, анализите… Набргу потоа патријархот српски Порфириј, на првото сослужување со нашиот архиепископ охридски и македонски Стефан, рече дека сме историски сведоци на чудо. Чудо кое, побрзо од било кој што очекуваше наше признавање, наше добивање на автокефалност, се случи. Чудото се случи и веќе функционира и ги дава своите плодови. Но, со чудото се роди и нешто чудно. Е да, тоа е чудното во Црквата, кога малкумина прашуваат кога почнува литургијата, како да постам, кога да се причестам, кога бараат да се помолиш за нив, кога бараат црковна литература за растење во верата, кога малкумина ја знаат наизуст ‘Оче наш’ или ‘Верувам’, а во истовреме кога сите знаат од кај требало да стигне Томосот за автокефалност, како требало владиците да преговараат, кој Томос е вистински, а кој лажен, кој ни копа грoб за да го изгубиме идентитетот и црквата како сме ја однародиле, кој треба да оди во Цариград, а кој во Белград, кој е заслужен за признавањето, а кој бил безумен и предавник, кое име треба да го носиме како црква Христова македонска или Охридска, како ќе ја подариме дијаспората на Фанар…. Немојте браќа чудото да падне во сенка на чудното. Повкусни и поблагодатни се плодовите од чудото, отколку меѓусебното јадење, верувајте – пишува г. Пимен.

    Наместо постојано да прашувате, порачува тој, молете се постојано и ќе видите како лично Господ Бог ќе ви ја открие тајната на заедничарењето.

    „Сѐ што се случува е прашање на вера, а не на човечко мудрување и анализирање. Имајте го ова на ум. Секое добро од Бога Вознесениот и фала Му и слава Му за сѐ!“, напиша владиката на Фејсбук.

    Сѐ е спремно за големиот ден во Цариград

    Сѐ е подготвено за големиот ден кога ќе се официјализира историската одлука на вселенскиот патријарх г. Вартоломеј за прифаќање на нашата славна и древна Охридска архиепископија во литургиско и канонско единство, соопшти Комисијата за односи со верските заедници по средбата на нејзиниот директор Даријан Сотировски со поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.

    Во соопштението на Комисијата се вели:

    „Се одржа редовна работна средба помеѓу архиепископот г.г. Стефан и директорот на македонската државна Комисија за односи со верските заедници г-дин Даријан Сотировски. На средбата беше споделена радоста од позитивниот развој на процесот на препознавање и прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридската архиепископија. Во пресрет на долгоочекуваното сослужување на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија на 12 јуни во патријаршиското седиште во Фанар, се разгледаа досега преземените подготвителни активности, по што се заклучи дека сѐ е спремно за големиот ден кога ќе се официјализира историската одлука на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј за прифаќање на нашата славна и древна Охридска архиепископија во литургиско и канонско единство“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img