More

    Брисел ѝ порача на Македонија да направи нова стратегија за сивата економија

    spot_img

    Советот на ЕУ денеска ги објави своите препораки од вчерашниот заеднички дијалог за економија и финансии помеѓу Унијата и државите од Западен Балкан и Турција, на кој секоја земја поднесе свои планови, јави дописничката на МИА од Брисел.

    Европската Унија за Северна Македонија препорачува да се искористи фискалниот простор во Буџетот за 2022 за да се ублажат потенцијалните последици од економските шокови преку таргетирана поддршка за најранливите домаќинства и фирми. Земјава би требало во својот среднорочен фискален план за Буџетот за 2023 да предвиди постепено намалување на примарниот дефицит за да се врати на своето ниво пред кризата, односно 2019, препорачува ЕУ.

    Унијата смета и дека треба да се етаблира единица за управување со јавни инвестиции во Министерството за финансии и да се обезбеди нејзино соодветно функционирање. Се препорачува и сеопфатна даночна реформа и законски измени преку кои ќе се придонесе за зголемување на приходите со тоа што ќе се прошири даночната база.

    Втората препорака за учесниците во економско-финансискиот дијалог е да се поднесе нов закон за јавно-приватно партнерство до Собранието. Имплементацијата на ова партнерство да се обезбеди преку функционален регистар за јавно-приватно партнерство, како и централен мониторинг на сите фискални ризици од страна на Министерството за финансии.

    ЕУ и Северна Македонија се согласиле дека е потребно внимателно да се анализира развојот на цените и да се биде подготвен за стегнување на монетарната политика за да се одржи ценовна стабилност на среден рок. Важно е да се задржи и независноста на централната банка и за оваа цел да се изземе Народната банка од законот за јавни службеници.

    Се препорачува, исто така, дека треба да се користи списокот на зацртани парафискални давачки за тие да се проценат и оптимизираат на централно и локално ниво. Дигитализацијата на јавните услуги за бизнисите и граѓаните треба да се зајакне и да се усвои нова сеопфатна стратегија за формализирање на сивата економија за периодот 2023-2025, стои во документот од Советот.

    ЕУ препорачува да се зголеми и бројот на вработени во Одделот за енергија на Министерството за економија. Потребно е и да се усвои и примени законодавство за енергетска ефикасност, како и да се етаблира Фонд за енергетска ефикасност, како што е предвидено.

    Шестата препорака која произлегува од Дијалогот е да се развие обука со фокус на инклузивноста и потребите на пазарот на трудот, како и нова методологија за оваа цел, потоа да се продолжи со напорите за зајакнување на политиките за пристап до пазарот на трудот, посебно за невработените со ниски компетенции и за лицата во ранливи ситуации.

    Препораките се резултат на средбата одржана вчера помеѓу претставниците на Европската комисија, Европската централна банка, централните банки на шесте земји од Западен Балкан и на Турција, како и владини претставници од овие седум држави.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img