More

    Жителите на Струга и денеска се разбудија со истрели и со уште убиени кучињa

    spot_img

    Жителите на градот Струга и денеска се разбудија со истрели и со уште убиени кучиња. За нешто помалку од 24 часа се убиени повеќе од дваесет бездомни кучиња и сè повеќе е очигледно дека убијците немаат намера да сопрат, а Министерството за внатрешни работи очигледно е незаинтересирано и неспособно да се справи со каубојците во Струга, се вели во соопштението на Здружението за заштита на животните Анима Мунди.

    Здруженијата за заштита на животните, независните активисти и љубители на животните велат дека ќе ги искористат сите ресурси со цел ова крвополевање да запре и злосторниците кривично да одговараат. За таа цел тие се обратија со отворено писмо до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кое ви го пренесуваме во целост:

    Почитуван г-н Спасовски,

    Ви се обраќаме по повод масовното убиство на бездомни кучиња во Општина Струга на ден 10.1.2023 година, а конкретно поради несоодветното и непрофесионалното постапување од страна на овластените службени лица при СВР Струга. Утрото на 10.1.2023 година, граѓани на Општина Струга биле сведоци на истрели од огнено оружје, при што, по кажување на сведоците, лице опремено со две пушки извршило убиство на повеќе од 10 бездомни животни на 7 различни локации. За ова сведочат и фотографиите направени од страна на граѓани кои го затекнале ова лице како шета утрото на 10.1.2023 година со огнено оружје низ Струга. Настанот е веднаш пријавен телефонски во СВР Струга од страна на граѓани, откако го слушнале пукањето и ги затекнале вработените на ЈП „Комунално“ Струга како ги собираат лешевите на убиените кучиња на улица, без притоа да го пријават настанот во СВР Струга, иако имале законска обврска да го сторат истото.

    При увидот од страна на полициски службеници при СВР Струга се затекнати лешевите од кучињата со прострелни рани, натоварени во возилото на ЈП „Комунално“ Струга и е земена изјава од пријавителите. Вашите полициски службеници, односно инспектори ОДБИЛЕ да повикаат јавен обвинител на лице место, одбиле да ги пратат лешевите по службена должност на обдукција, а со цел да се извадат куршумите и да се изврши вештачење со какво оружје е пукано и следствено, кој е сопственикот на оружјето и дали истото има дозвола за користење на истото. На прашањето на пријавителите, зошто одбиваат да постапат како што налагаат процедурите, Вашите вработени му се изнасмеале на пријавителот, прашувајќи го кој ќе ги плати обдукциите на кучињата, притоа не земајќи го предвид фактот дека преку таа постапка ќе се обезбедат клучни докази за пронаоѓање и утврдување на можни сторители на кривични дела.

    Па така, граѓаните кои пријавиле и биле затекнати на лице место преземале еден од лешевите и на сопствен трошок го однеле уште истиот ден на обдукција во ветеринарна амбуланта во Битола. Во обдукцискиот наод, пропратен со фотографии од процедурата, стои дека се извадени 7 (седум) куршуми само од едното куче кое било однесено на обдукција. Докторот по ветеринарна медицина се јавил во СВР Битола, барајќи полициските службеници да го преземат доказниот материјал по службена должност со записник и да го препратат до СВР Струга, но истите одбиле по основ дека ТОА НЕ БИЛО НИВНА РАБОТА. Па еве, сакаме да ја искористиме оваа прилика и да Ве прашаме, што всушност е работа на Вашите вработени? Прашуваме, чија должност е да го обезбеди потенцијалниот доказен материјал во постапка, притоа внимавајќи истиот да не се контаминира? Дали ова е работа на граѓаните или на Вашите служби кои се платени од граѓаните да се грижат за спроведување на одредбите од член 5 од Законот за полиција или поконкретно „спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела“?

    Напоменуваме дека насилството и користењето на огнено оружје во населено место каде што има голема фреквенција на луѓе претставува ризик и за граѓаните на Општина Струга и во недостиг на системско решение за решавање на проблемот со зголемената популација на бездомни животни во Општина Струга, не смее да се охрабрува вакво однесување, преку несанкционирање на истото. Нејасно е зошто полициските службеници одбиле да постапат соодветно, па Фактот дека сторителот употребил 7 куршуми за да усмрти само едно куче, а притоа усмртил повеќе од 10 кучиња на 7 различни локации, укажува на тоа дека истиот носел значителна количина на муниција со него и шетал слободно со склопено огнено оружје. Дополнително, на објавите на социјалните мрежи за сторениот масакр, може да се забележи значително голем број на загрижувачки коментари од граѓани кои го поздравуваат актот на сторителот, му се нудат да му донираат куршуми, охрабруваат понатамошно убивање на бездомни животни и генерално алудираат на насилство.

    Користењето на огнено оружје е кривично дело согласно член 288 од Кривичниот законик, а по основ предизвикување општа опасност. Мачењето на животни заради изживување и притоа предизвикување на нивно страдање е кривично дело, согласно член 233 од Кривичниот законик. Дополнително, согласно член 30 и член 31 од Законот за оружје, забрането е носење и употреба на оружје на јавно место, но очигледно ниту ова не било доволно сериозен прекршок за Вашите полициски службеници да пристапат сериозно и професионално во случајот. Понатаму, пукањето е спротивно и на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и согласно член 31, предвидена е глоба од 200 до 500 евра. Да биде иронијата поголема, Министерството за внатрешни работи, а во соработка со УНДП годинава водеше кампања посветена на опасностите од употребата на оружјето по здравјето и животот на граѓаните, но во случајот одбива да прибере докази за сторител кој испукал повеќе од 50 куршуми на јавен простор во Струга во само неколку часа.

    И сето ова поминува несанкционирано од страна на Министерството за внатрешни работи. Прашуваме, до кога чесните граѓани во државава, послабите и најранливите ќе бидат заложници на криминалци, а оние кои треба да ги заштитат ќе бидат нивни соучесници? Бараме од Вас, како министер да направите ИТЕН увид во постапката по овој случај, да утврдите сторени неправилности и пропусти во постапката, а преку непостапување на полициските службеници. Сметаме дека има доволно докази за наоѓање на сторителот, од фотографии, чијашто веродостојност може да се утврди од камерите во близина каде што се затекнати лешевите на убиените кучиња. До моментот на овој допис, МВР се нема изјаснето дали е фатен и приведен сторителот и дали му е одземено оружјето. За исходот од Вашето постапување бараме да бидеме известени на писмено.

    Следуваат потписи од 11 здруженија на граѓани и невладини организации, како и потписи на повеќе десетини независни граѓански активисти. 

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img