More

    Професорот Тони Дескоски за корените на хаосот со правосудниот испит

    spot_img

    Деновиве се изнаслушавме сѐ и сешто за неправилностите околу полагањето на правосудниот испит. Но, ниедна од обзнанетите неправилности не се случила пред 2010 година. Има и логично објаснување зошто е тоа така.

    Коренот на сите проблеми со правосудниот испит е во Правниот факултет „Јустинијан Први“ и во незаконитата студиска програма за првиот циклус на правните студии (додипломски студии) усвоена во 2005 година, која потоа се одрази и на Законот за високото образование (ЗВО) и на Законот за правосудниот испит, кои мораа да бидат променети.

    Три големи незаконитости

    Програмата имаше три големи незаконитости, кои беа во директна колизија со тогашниот ЗВО:

    Прво, спротивно на член 104 од тогашниот ЗВО, таа предвидуваше три години на прв циклус правни студии (иако по тогашниот ЗВО додипломските студии мораа да траат најмалку 4 години – види слика од ЗВО 2000 подолу).

    Второ, студиската програма не предвидуваше дека студентите кои ќе го завршат првиот циклус на правни студии ќе добијат диплома со степенот „дипломиран правник”, иако тоа по член 124 од тогашниот ЗВО беше задолжително (види слика од ЗВО 2000 подолу). Наместо тоа, нашите дипломирани студенти добиваа диплома „правник“. Навидум бенигно, но всушност оваа незаконитост ги исклучи нашите дипломци од можноста да полагаат правосуден испит по дипломирањето на првиот циклус. Ова затоа што според тогаш важечките прописи, правосуден испит можеа да полагаат само лица со степен „дипломиран правник“ (а нашите дипломци од првиот циклус добиваа диплома за „правник“, иако по тогашниот ЗВО им следуваше диплома со степен „дипломиран правник).

    И трето, спротивно на тогаш важечките прописи, на предметните професори им беше наметната проверка на знаењата преку тестови со прашања со заокружување на однапред понудени одговори. Уште повеќе, таквите тестови не ги спроведуваа професорите, туку факултетската администрација, со прашања добиени од професорите. А според тогаш важечките прописи, секој предметен професор сам си го одредуваше начинот на проверка на знаењата. Но, Наставно-научниот совет на „Јустинијан Први“ им го ускрати тоа право и им наметна централизирано испитување, преку тестови со заокружување што ги спроведуваше администрацијата (една декада подоцна, Владата на Груевски проба овој „изум“ да го примени на државно ниво, преку т.н. „државен испит“). Професорите беа сведени на „изработувачи“ на испитни прашања со однапред дадени одговори (од кои само еден смееше да биде точен).

    Овој дефект имаше директни импликации и на правосудниот испит, бидејќи испитите со прашања со однапред понудени опции нужно водеа до стекнување на површни знаења за материјата, а потоа резултираа и со сериозни тешкотии во полагањето на правосудниот испит (поради празнините во знаењата на кандидатите), па во 2013 година се воведе полагање правосуден испит преку тестови со прашања со избор на однапред понудени опции.

    Нов закон, стари проблеми

    Независно од флагрантната незаконитост, студиската програма беше акредитирана и по неа започнаа да студираат студенти од учебната 2005/2006 година. Да биде работата уште пострашна, и други правни факултети во државата ги презедоа истите решенија.

    Проблемот со дефектноста на дипломата беше оставен да се реши подоцна, бидејќи ионака првите дипломци не можеа да се појават пред 2008 година.

    И навистина, во 2008 година се донесе нов Ззакон за високо образование (во чие изготвување, според кажувањето на професорот Аднан Јашари, учествувале и неколку професори од нашиот Факултет). Со овој закон беше избришана обврската за додипломски студии да се стекнува степенот „дипломиран” а и се дозволи првиот циклус на студии да може да трае и три години. (види слика од чл. 94 од ЗВО 2008 подолу)

    Тоа секако не го реши проблемот на трите запишани генерации студенти на правни студии по незаконитата студиска програма. Но, иако понеповолен за дотогаш запишаните студенти од Правниот факултет, новиот ЗВО се применуваше ретроактивно и на нив.

    ЗВО од 2008 година не го реши ни проблемот со дефектните дипломи на студентите запишани пред неговото донесување, бидејќи дипломците на првиот циклус на Правниот факултет и понатаму не можеа да полагаат правосуден испит.

    Почетокот на хаосот

    Логично, следеше измена на законот кој го регулира полагањето правосуден испит, затоа што требаше да се регулираат различните ситуации во кои наоѓаат кандидатите за полагање на испитот. Од една страна беа оние запишани пред учебната 2005/2006 година, со стандардни четиригодишни додипломски правни студии и со диплома со степен дипломиран правник. Од другата страна беа новите кандидати, со тригодишни додипломски студии, со звање „правник“, кои системот не ги пррепознаваше, па поради тоа за нив беше нужно да се пропишат и завршени постдипломски студии како услов за полагање на правосуден испит. Тоа и се случи во 2010 година и оттогаш почна вистинскиот хаос, со мноштво различни кандидати, со различни дипломи и звања.

    А во хаосот лесно се манипулира. Што би рекол Балашевиќ: „Свашта се роди у мутној води…Ко живот води у мутној води, мора све трикове добро да зна“.

    Јас сум за „Бистра вода“!

    Некои системски грешки во законодавството тешко може да се исправат. Но, барем можеме да не ги повторуваме. Законскиот хаос со правосудниот испит е запрен во 2019 година, со донесувањето на нов закон со експлицитни решенија наменети за запирање на секакова злоупотреба. И на законскиот хаос во високото образование, создаден со бројните измени од 2008 до 2016 година, му се стави крај со донесувањето на нов Ззакон за виусоко образование во 2018 година.

    И одеднаш, креаторите на хаосот од 2005 година не мируваат и денес ни нудат да нѐ вратат во бездната во која нѐ имаа втурнато и од која едвај се извлековме. Тие би сакале да нѐ вовлечат во матни води. А во матните води, сешто може да се роди!

    Имаме одлична можност да преминеме на слушање на „Бистра вода“ на Влатко Стефановски, наместо постојано да го преслушуваме „Блузот на матната вода“ (Блуз мутне воде) на Балашевиќ. Јас сум за Влатко, се надевам и вие!

    (Фејсбук пост на професорот Тони Дескоски. Посочените фотографии се во постот)

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img