Балкан

Косово доби нова влада

Собранието на Косово со 61 глас „за“ 24 „против“ и еден „воздржан“ ја избра новата влада, која ќе ја води кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти.

Кабинетот на Хоти, според неговиот предлог кој го изнесе пред пратениците, ќе има четворица заменици премиери и 15 министри кои доаѓаат од новата коалција која ја сочинуваат ЛДК, Алијансата за иднината на Косово (ААК), Социјалдемократската иницијатива (Нисма), Српската листа (СЛ) и таканаречената Груп 6 плус, односно партиите на помалите етнички заедници.

Меѓу членовите на новата влада има и неколку министри од ЛДК кои останаа дел од кабинетот на досегашниот премиер, лидерот на Движењето самоопределување (ВВ), Албин Курти и по изгласувањето недоверба на неговата влада на 25 март.

Вицепремиери се Бесник Тахири, Дритон Селманај, Албулена Баљај и Горан Ракиќ. Нов министер за правда е Селим Селими, за одбрана Антон Ќуни, кој и досега го водеше истиот ресор, за внатрешни работи Агим Велиу, за надворешни работи Мелиза Харадинај, за заедници и враќање Даливор Јевтиќ, а досегашната министерка за образование Хикмете Бајрами во кабинетот на Хоти ќе ги води финансиите.

Претставувајќи ја својата програма, мандатарот Хоти на почетокот на своето обраќање им се заблагодари на лекарите и другите здравствени работници за справувањето со епидемијата на ковид-19.

Хоти нагласи дека намерата на партнерите од новата владина коалиција за формирање влада била единствено заштитата на човековите права и слободи и напредокот на државата.

Тој рече дека прифаќањето на кандидатурата за премиер претставувало „не баш лесен предизвик“ за него.

– Чувствувам одговорност пред пратениците, пред граѓаните и Уставот за задачите кои не очекуваат. Нација сме на која ѝ треба влада која ќе ѝ служи, а не обратно, влада на која ѝ треба нација за експериментирање. Појдовме единствено од општествениот интерес. Новата влада нема да има ниедна друга моќ, освен онаа што извира од Уставот – порача Хоти.

Новата влада, рече тој, во ниеден момент нема да го напушти евроатлантскиот пат на Косово, а ќе стори се за да ги интегрира заедниците во сите области на општествениот живот, со обезбедување еднакви можности за сите.

Тој нагласи дека веднаш ќе се заложи за надминување на пречките за продолжување на дијалогот со Србија како „прашање од животно значење за Косово“, за што најави тесна соработка со Европската унија и Соединетите Американски Држави, за кои рече дека имаат „неделива улога“.

Двата приоритети на неговата влада на почетокот на нејзината работа, рече Хоти, се борбата против пандемијата на Ковид-19 и економското опоравување по совладувањето на епидемијата, за што ќе се сработи посебна владина програма, која ќе се заснова на анализа на последиците на Ковид-19 врз економијата.

На седницата не присуствуваат пратениците на досега владејачкото Движење самоопределување (ВВ) на Албин Курти, освен шефот на пратеничката група Реџеп Селими, кој во своето обраќање по излагањето на Хоти рече дека формирањето нова влада претставува „грабеж“ и „газење на волјата на граѓаните изразена на изборите од октомври минатата година.

– Некои губитнички партии, некои мали и некои малку поголеми партии, се собраа за да ѝ ја украдат победата на победничката партија. Владата која се обидувате да ја формирате е производ на измама. Таа е илегална бидејќи произлезе од неправедната пресуда на Уставниот суд – изјави Селими.

Шефовите на пратеничките групи на партиите од новата коалиција изразија поддршка на новата влада и упатија критики на досегашното владеење на Курти.

Лидерот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК) Кадри Весели изјави дека пратениците на неговата партија нема да го поддржат кабинетот на Хоти, затоа што не очекуваат дека ќе донесе нешто добро на земјата.

По изгласувањето, членовите на новиот владин кабинет поднесоа заклетва пред присутните пратеници во Собранието.

Пред зградата на Собрaнието се собраа неколку десетици граѓани кои се спротивставуваат на формирањето нова влада и, како и ВВ, бараат одржување нови избори.

Фото: МИА

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Рама поднесе тужба против новинарот на германски „Билд“

saso user

Муслиу: Дијалогот без Тачи е како Барселона без Меси

saso user

Пејачот Мирослав Шкоро ќе се кандидира за претседател на Хрватска

saso user