Македонија

Филипче: Јавното здравство го зајакнуваме со нови респиратори во соработка со УНИЦЕФ

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, денеска присуствуваше на примопредавањето на нови респиратори, обезбедени во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје. Во оваа прва фаза се испорачани седум респиратори, кои ќе бидат распределени во јавните здравствени установи низ државата каде се третираат вакви случаи, а во претстојниот период е предвидено да се обезбедат уште три вакви апарати.

– Станува збор за најнова генерација на респиратори од реномираниот германски производител „Дрегер“, во вкупна вредност околу 140 илјади евра. Тие служат како за инвазивна, така и за неинвазивна терапија, а може да се користат за лекување и на деца и на возрасни. Ова е значајно зајакнување на капацитетите за справување со вирусот, имајќи предвид дека ваква респираторна поддршка е потребна за една сериозна група заболени лица. Сакам да изразам благодарност до Канцеларијата на УНИЦЕФ, кој е наш постојан партнер во надминувањето на јавно-здравствените предизвици, како и континуираното унапредување на капацитетите за справување со вирусот ковид-19 – изјави министерот Филипче.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани истакна дека е потребно континуирано вложување во здравствените системи, со цел да бидат поотпорни на кризата.

– Сега, повеќе од кога и да е, гледаме колку е важно здравствениот систем да биде цврст. Пред сѐ, за да се спасат животи, но и за да се спречи здравствената криза да прерасне во поширока социо-економска криза што во голема мера ќе ги засегне децата и семејствата. На глобално ниво, гледаме дека епидемијата одзема животи и егзистенција, додека здравствените системи се борат, а преземените мерки за спречување на ширењето на вирусот ги затворија училиштата и создадоа предизвици за семејствата. Додека ги јакнеме другите системи да бидат поотпорни на кризата, мора континуирано да вложуваме и во зајакнување на здравствениот систем – истакна Ди Џовани.

Инаку, изминатиот период како дел од одговорот на пандемијата со ковид-19, УНИЦЕФ ја поддржува Владата во напорите да ги намали ефектите од кризата врз децата и семејствата. Покрај поддршката на здравствениот систем, УНИЦЕФ обезбедува и дополнителни резерви на опрема за лична заштита и комплети за тестирање на вирусот, поддршка за воспоставување телефонска линија за помош на бремените жени и мајките со новороденчиња, дистрибуција на хигиенски пакети за најранливите заедници, поддршка за изработка на материјали за комуникација во време на криза, како и психо-социјална поддршка за децата и семејствата.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Иванов додели „Медал за храброст“ на четворица војници за несреќата кај Ласкарци

saso user

Ваучерите за домашен туризам ќе бидат испратени до граѓаните во текот на следната недела

saso user

Македонија на 65-то место на Global Peace Index, сме напреднале за 23 места

saso user