Македонија

Бектеши до угостителите: Не е време за уцени, опфатени сте со првиот и вториот пакет економски мерки

Не е време за уцени, јасно е дека сите ќе изгубиме по нешто во оваа криза. Работниците нешто од нивната платата, угостителите дел од профитот, а ќе изгуби и државата и нејзините институции. Но важно е сите да го пребродиме овој период. Ова го истакна на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши како одговор на тврдењето на Угостителско туристичката комора на Сојузот на стопански комори дека нема да ги користат мерките на владата, а веќе отпуштиле 15.000 работници.

– Најмалку што очекуваме во овој кризен период е коректен и неполитизиран пристап од бизнис заедницата, без навлегување во паушални бројки и уцени, туку со предлози базирани врз податоци кои ќе помогнат да се донесат најсоодветни мерки – рече Бектеши.

Бектеши тврди дека  во март нема отпуштено 15.000 работници во угостителството.

– Тоа го потврдуваат податоците од Агенцијата за вработување каде што тековно оди уписот и исписот на вработени, а за март нема 15.000 работници евидентирани како одјавени во угостителскиот секто. но ќе ги почекаме и бројките од Државниот завод за статистика – рече Бектеши.

Тој потести дека владата овој сектор го опфати со првите и вторите економски мерки.

– Доделени се бескаматни кредити кои можат да ги користат угостителите. Оваа мерка е надополнета со нови 8 милиони евра бидејќи има голем интерес од компаниите. Угостителите можат да ја користат и мерката за субвенционирање на платата од од 14.500 денари по работник, како и мерката за субвенционирање на придонесите на плати – рече Бектеши.

Тој додаде дека голем дел од угостителите веќе аплицирале за бескаматните кредити што покажува дека ја прифаќаат мерката на владата.

Бизнис заедниците, рече Бектеши, секојдневно комуницираат со владините сектори и предлагаат мерки, а на ниво на сектор е формирано и координативно тело кое исто така предложи мерки кои се земени предвид при донесување на мерките од страна на владата..

– Очекуваме од стопанските комори забелешки во делот на подобрување на критериумите за овие субвенции, но за нас е важно субвенциите да одат кај вистинските угостители, оние кои ги подмирувале обврските во минатото и не ги изигрувале обврските на најразлични начини во минатото како што знаеме – рече Бектеши.

Во угостителскиот сектор, како што рече, се вработени над 30.000 вработени.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Боки 13: Моите лик и дело не укажуваат дека ќе бегам, живеам за докажување на вистината

saso user

СДСМ обвинува: Мицкоски испумпал 170.000 евра од ЕЛЕМ (ВИДЕО)

saso user

Ахмети како Црвенковски повторно ветува по еден вработен од секое семејство

saso user