Здравје

Зошто пациентите со ретки болести не се ослободени од работа?

Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ Битола бара ослободување од работа на пациентите со овие болести или на нивните родители.

Тоа испратило повеќе дописи до Министерството за здравство, министерот за здравство и до Комисијата за ретки болести, барајќи решенија за проблеми со кои се соочуваат пациенти и семејства со ретки болести во моменталната ситуација, но не добило одговор.

„Ретките болести не се ставени на листа на ослободени од работа. Зошто треба да се ослободени: имаме пациенти на биолошка терапија, на кортико терапија, имаме имунокомпромитирани случаи, имаме пациенти без слезина, имаме пациенти кај кои болеста прави компликации на бели дробови, дишни патишта, срцеви компликации, бубрежни компликации, мускулни проблеми, имаме пациенти кои имаат трансплантирани органи… Ова се луѓе на кои им треба поголема заштита, ова се луѓе кои се вакцинираат за грип, кои внимаваа и пред да има корона вирус. Шифрите на дијагнозите кои се ретки не се на листа на Министерство за здравство и не можат да добијат потврда за ослободување од работа иако им е потребна на дел од нив. Затоа побаравме Комисијата за ретки болести да ги разгледа дијагнозите и да одлучи кои од нив треба да се стават на листа на ослободени“, се наведува во соопштението од Здружението.

Посебна група на ретки пациенти се со трансплантирани органи. Многу ретки имаат трансплантирани бубрези, очи, коскена срцевина, црн дроб, срце, бели дробови и други. Сите пациенти со трансплантирани органи треба да се ослободени, а не само одредени пациенти со одредени органи. Октажувањето и одбивањето на орган е опасно и не смее да се става пациентот во ризик, нагласуваат оттаму.

„Има пациенти за кои се купувало терапија од странство, сега нема како да ја набават, знаеме за дел од нив, но сигурно има повеќе. За дел се добиени лекови како донација, но тоа не е решение. Благодарни сме на фармацевтските компании и дистрибутери кои донираат лекови за да ја подобрат ситуацијата на пациентите и семејствата и бараме Минситерството за здравство да си ја преземе обврската за долготрајно решение“, наведуваат од Здружението и набројуваат листа на потребни лекови:

– Сибелиум од 5 милиграма за вид на хемиплегија (алтернатна) добиена во детство.

– Вигабатрин за деца со Вест синдром (ова е ретка болест која не е ставена во регистар, овој лек се набавува преку програма за ретки и се дава на деца со друга болест, побаравме и овие деца да го добиваат преку програма).

– Каптимер и Калиум цитрат за деца со цистинурија и дистална ренална тубуларна ацидоза.

– Потребни се и набавки на Fludocortizon – Astonin H и хидрокортизол за Адисонова болест и за други болести кои ја користат оваа терапија и ги купувале до сега од странство.

„Побаравме и родители на деца кои се високоризична група, да бидат ослободени од работа. Родителите одат на работа и ризикот за детето е голем иако е дома, бидејќи родителите не се изолирани дома. Дополнително има родители на деца со ретки болести на кои платите им се намалени на минималец, или на пола плата, или воопшто се отпуштени од работа поради моменталната ситуација. Треба да се заштитат со некоја мерка каде ќе се забрани родителите на деца со ретки да се отпуштаат од работа или да им се намалува плата. Голем дел од родителите на деца со ретки болести и така се задолжени со кредити за да озвоможат се што им е потребно на своите деца за понормален живот. Има и родители на деца со вродени срцеви мани, оперирани или чекаат некаква интервенција и не се ослодобени нивните родители од работа, не можат ни потврда од градинка да имаат бидејќи не им одат децата во градинка“, се наведува во соопштението од „Живот со предизвици“.

Здружението бара за пациентите со ретки болести да се воспостави посебна процедура во случај да заболат од ковид-19, поради комплексноста на болеста со која живеат и мултидисциплинарен тим кој е потребен за следење на пациентите, како и да се дозволи домашна инфузија за пациенти со ретки болести таму каде што е можно или да се дистрибуира терапијата во градовите во кои живеат во соодветна здравствена установа за да не патуваат на недела, две до Скопје.

Ретките болести се комплексни доживотни состојби кои најчесто бараат мултидисциплинарен пристап.  Во регистарот за ретки болести има околу 500 заведени пациенти со над 80 различни дијагнози.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Црвени флеки на кожата и симптоми на инфаркт се нови знаци дека сте заразени со коронавирусот

saso user

Антиоксидансите клучни за побавен развој на катаракта

saso user

Како онколозите се штитат од рак?

saso user