Здравје

Д-р Бајрактаров: Останете присебни, ограничете го времето на социјалните мрежи

Да го ограничиме пристапот до социјалните мрежи, кои може да ни ја зголемат вознемиреноста, да одржуваме редовен контакт со блиските и да се обидеме заедно да изнајдеме решенија за некои од проблемите, да се превенираат напади на страв и паника, да се сочува присебноста. Одржувањето на позитивноста, рутината и креативноста во услови на ограничен личен контакт може да ни е од голема помош. Доколку тешкотиите опстојуваат, тука се стручните лица да понудат дополнителен совет и поддршка, вели во интервју за МИА, директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, д-р Стојан Бајрактаров.

Клиниката за психијатрија нуди телефонска психолошка поддршка за возрасни лица во самоизолација, за родители на деца од предучилишна и училишна возраст, како и за хоспитализирани пациенти од коронавирус и за граѓаните на Дебар и општина Центар Жупа.

Родителите на деца на предучилишна и училишна возраст психолошка поддршка може да добијат на телефонскиот број  072 912 676, возрасните лица во самоизолација на телефонот 072 919 009, а граѓаните на општините Дебар и Центар Жупа, во соработка со Општата Болница во Дебар на бројот 070 241 807.

– Граѓаните ја прифаќаат психолошката поддршка, отворено споделуваат, ги прифаќаат советите и задоволни се што имаат пристап до ваква услуга во услови на ограничен личен контакт. Универзитетската клиника за психијатрија нуди психолошка поддршка за возрасни лица во самоизолација, за родители на деца од предучилишна и училишна возраст, како и за хоспитализирани пациенти од коронавирус и за граѓаните на Дебар и општина Центар Жупа. Услугата се одвива телефонски од тим психијатри и психолози во одредени временски термини. Граѓаните, главно, имаат потреба од соодветни информации за основните потреби и нивните доживувања, имаат потреба од поддршка при зголемена вознемиреност, страв, загриженост, несигурност, нарушен сон и проблеми во однесувањето – вели тој.

Според повиците, тој вели дека родителите најчесто се загрижени за зголемена анксиозност кај нивните деца и проблеми во нивното однесување. Децата може тоа да го прикажат како раздразливост, плачливост, незадоволство, страв, повлеченост, несигурност, проблеми во исхраната и нарушен сон. Родителите, пак, главно имаат потреба од совет како подобро би можеле да пристапат кон нивните деца. Пристапот на стручните лица е индивидуален за секое семејство, но обично се темели на психоедукација, соодветно информирање за ситуацијата, воведување позитивни и креативни активности и содржини во домот, со цел растоварување на стресот кај родителот и детето, одржување структура на денот и планирање на активностите.

 

Препораките за граѓаните кои се во самоизолација вклучуваат соодветно организирање во пристапот до основни потреби (храна, лекови, хигиенски производи), да следат информации од релевантни извори, да се во редовен контакт со своите блиски преку телефонска или интернет-врска, да ги споделуваат своите мисли и чувства со лица од доверба, да воспостават рутина на активности во зависност од можностите и да се трудат да ја одржуваат својата позитивност. Едукација за основни вежби за релаксација е исто така доста препорачана метода во овие услови.

Граѓаните од општина Дебар и општина Центар Жупа, пак, најчесто ја контактираат Клиниката за вознемиреност, загриженост за сопственото здравје и здравјето на блиските, како и несигурност за некои од информациите кои ги следат и пристапот до основни потреби при ограничен личен контакт.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Јадењето домати, кељ, блитва и авокадо може да биде опасно кај некои здравствени проблеми

saso user

На почетокот мојата мајка забораваше ситни детали, а после некое време ме заборави и мене

saso user

Што да се прави со тинејџерот кој е незадоволен од својот изглед?

saso user