Бизнис

Само 11% од универзитетските професори имаат замена

Анализата на структурата на вработените во јавните универзитети и научните установи покажува катастрофална состојба на најстарите универзитети во Македонија, при што на УКИМ има 633 професори и 119 асистенти, додека на УКЛО на 140 професори има само 15 асистенти, односно само 11% од професорите имаат замена во иднина. Според ова, со заминувањето на професорите во пензија, најдоброрангираните универзитети во С. Македонија ќе се соочат со недостаток на наставен кадар и ќе се загрози нивното основно функционирање. Намалувањето на бројот на вработувања за наставен и ненаставен кадар на најстарите универзитети се поврзува со создавањето на нови и „политички подобни“ универзитети, каде се влеваат средства за нови вработувања. Дополнително, поделениот начин на исплаќање на плати на професорите, при што дел се исплаќа од МОН, а дел од универзитетите, стимулира зголемување на бројот на студенти со цел да се зголемат платите на професорите, намалувајќи го квалитетот на образовниот процес.
Ова го покажа истражувањата од проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката во РСМ“. Резултатите од истражувањата ги презентираа доц. д-р Бранимир Јовановиќ, проф. д-р Мирјана Најчевска, проф. д-р Маја Стевановиќ, проф. д-р Виктор Стефов. Покрај нив, учество земаа проф. академик Абдулменаф Беџети од МАНУ, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од Синдикатот на самостојните јавни научни установи и претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Борјан Ефтимов.
Истражувањата покажуваат дека трошењето на државата во образованието континуирано се намалува. Па така, во високото образование од издвоени 1.1% од БДП во 2010 година, буџетот се намалил на 0.8% од БДП во 2018 година. Ова е резултат на намалувањето на државниот буџет низ годините, кој како дел од БДП постојано се намалува, а дополнителна причина е ниската реализација на буџетот за високото образование која изнесува 84% во 2018 година. Истражувачите истакнаа дека буџетот за високото образование и наука е нетранспарентен и се носи во постапка која не ги вклучува универзитетите, при што не е дизајниран според нивните потреби. Дополнително, анализата на платите покажува дека од буџетот на државата се исплаќаат најниски плати за академскиот кадар, два до три пати пониски од оние на регионот.
Во однос на науката и развојот, трошењето на државата од 0,51% од БДП во 2014 година се намалил на 0.35% во 2018 година, што е на дното на Европа. Само за споредба, Словенија издвојува 2% од БДП за истата намена. Застрашувачки е податокот дека низ годините непродуктивно се трошат големи суми за проекти за превод на книги, наместо за наука. Па така, за научноистражувачка работа во 2018 година се одделени 92 милиони денари, а за превод на книги се одделени 40 милиони денари.
На трибината се истакна дека непостоењето критериуми за финансирање на високообразовните установи и за формирање на платите на академскиот кадар се одразува на квалитетот на образованието и на застојот на науката и истражувањето во државата. Претставниците на НАкС потенцираа дека првиот чекор во решавање на напластените проблеми треба да биде воспоставување на критериуми за финансирањето, како и потпишување на колективен договор во секторот на високото образование и наука. Проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката во РСМ“ е финансиран од Фондацијата отворено општество Македонија, а го спроведува НАкС.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Поддршка од холандското министерство за финансии за градење на човечкиот капитал во македонското – потпишан Меморандумот за соработка 2020-2022

saso user

Експерти: Акцизата на цигарите да се зголеми за 25 отсто

saso user

За ветеринарните услуги и натаму ќе се плаќа ДДВ со стапка од 18 отсто

saso user