Мода

Модна ноќ на невести во Скопје: Што понудија дизајнерите за новата сезона? ГАЛЕРИЈА

Најгламурозната прослава на љубовта се одржа по осми пат во метрополата, пружајќи им единствена прилика на сите идни младенци, детално да си ја испланираат свадбата од бајките. Многубројните посетители кажаа „да“ на поканата за отворениот шоурум, како и ревијалната програма во Skopje Marriott Hotel.

Честа да го отвори вечерниот спектакл му припадна на ателјето „Al Aparel by Natasa Karceva“, во чија креација се појави на сцената и македонската инфлуенсерка Никица Ацева, заштитното лице на овогодишната кампања „Маrry Me“, освојувајќи ги дополнително симпатиите на присутните домашни и странски гости.

Колекцијата на сензуални венчаници „Simplicity” совршено ја истакнува женственоста, преку внимателно одбрани материјали, висококвалитетни тантели, прецизно одбрани кроеви и форми, како и мноштво рачно изработени додатоци, кои на беспрекорен начин го надополнувааат визуелниот ефект на секој од моделите.

Шоуто продолжи со дебито на бутикот за венчаници „Лебед“ на манифестацијата. „Urban Princess“ е круна на дваесетгодишнината од неговото постоење, а секоја венчаница има своја посебна магија и совршено се поврзува со девојката која ќе ја одбере. Посветена им е на сите принцези среде урбаниот хаос, кои знаат да го направат вистинскиот избор и уживаат во моментите што ним им значат.

Брендот за ексклузивен италијански накит „SIGMA Jewelry“ повторно изнуди воздишки со новата луксузна колекција за претстојната сезона. Идните невести со префинет вкус за аксесоари, несомнено ќе се вљубат на прв поглед во раскошниот сет ланчиња, обетки и прстени во кои моделите продефилираа на пистата, затоа што му даваат посебно благородна нота на целокупниот изглед за големиот ден.

Koсовската модна куќа „Menakon Creations“, пак, со години се обидува да ја претстави жената во најатрактивни облици. Таа е сензитивна, сензуална, романтична, убава и весела, но истовремено и силна, независна и одлучна. Таа умее и да љуби и не се откажува од потрагата по нејзината друга половина. „Il Fiore“ е називот на колекцијата за пролет и лето, со бои и кроеви кои низ креациите го прикажуваат цутењето на една прекрасна душа.

Сјајот и гламурот на женaта блеснаа на ревијата за „Crystal collection“ со потпис на MCouture. Доминантната кристална нота им го збогатува вродениот шарм и е природен додаток на брилијантноста и убавината на припадничките од понежниот пол. Креациите се изработени од најфини материјали, во комбинација со рачна изработка на апликации од кристали, камења и бисери, како и со мотиви од пердуви, карнери и цветови, кои ќе ја трансформираат секоја девојка во невеста од соништата.

Модната ноќ на невести ја затвори ателјето „Anna Bora“ и неговата предводничка Елиф Сали, приредувајќи задоволство за сите сетила. Публиката уживаше во глетката на стилски различните свадбени фустани, од прогресивни кои ги следат најновите модни трендови, до екстравагантни венчаници со експериментални кроеви, инспирирани од француската висока мода. Секоја од креациите е уникатно доживување, со рачно изработени додатоци и природни материјали.

Занесниот изглед на манекенките му беше доверен на партнерот за шминка „Farmasi“ во соработка со визажистите од „Школа за убавина ART“. За фризурите се погрижи „Studio Stance Kiprijanov“, користејќи ја линијата „Intesa Styling“. Самоуверените и сигурни чекори на пистата им ги овозможија чевлите од „Shevro“. Магичната сценографија ја изработи Јагода Пачемска од арт-студиото за цвеќе „Фа–Бу”. За безбедноста на сите гости на настанот, како и секогаш, присутен беше професионалниот тим од „MDN обезбедување“.

Осмото издание на настанот помина и во знакот на отворениот шоурум во попладневните часови, каде посетител(к)ите одблизу се запознаа со колекциите, односно купуваа на големи попусти од широкиот спектар производи на изложувачите. Освен споменатите учесници во ревијалната програма, свои штандови имаа и „Мy Precious“, во чии парчиња накит е вткаена љубовта кон животот, природата и убавината, како и „Каталеја’’, со богатата палета на свадбени детали и украси за сечиј вкус и желби.

Ателјето за планирање и организирање на венчавки „BOHO.MK“ го презентираше својот персонализиран дизајн за секаков тип на церемонии, од гала приеми до интимни свадбени забави. Од друга страна, студиото за убавина „Salonist“ ги промовираше иновативните пакети на козметички услуги за сите дами на кои им е во план да застанат на лудиот камен.

На коктелот се наздравуваше со квалитетните сортни вина на „Vizba Valandovo Winery“, како и „ледена“ ракија од дестилерија „Антика“. Официјалната вода на сите вистински невести е „Пелистерка“, домашен бренд со традиција од 1953 година. Шампањот „Moët“ и понатаму останува присутен во сите важни моменти во животот.

Фотографии: Миладин Паповиќ

 

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Фустан од смартфони на модната недела во Париз

saso user

„Версаче“ нема повеќе да користи кожа од кенгур

saso user

14 факти кои не сте ги знаеле за своето тело: Русокосите имаат најгуста коса, а носот памти илјадници мириси

saso user