Македонија

Законот за обвинителство не зависи само од независните

Голем оптимизам преовладува кај раководството на владејачката СДСМ дека дури и без гласовите на опозицијата може да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за изгласување на Законот за јавно обвинителство.

Ова вчера го потврди експремиерот Зоран Заев, кој посочи дека цврсто верува оти и овојпат може да се повтори успехот од ланскиот јануари кога осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги поддржаа уставните измени.

Сепак, и покрај тоа што неговите очекувања се големи, независните пратеници соопштија дека сè уште не го разгледале текстот на предлог-законот и дека воопшто не се консултирале меѓусебно за нивните следни чекори.

Но, она што треба посебно да го загрижува експремиерот е дека во политичките кругови се шират гласини оти независната пратеничка Елизабета Канческа-Милеска наводно решила да не го дава својот глас за овој закон. Таа не беше достапна за да ја потврди информацијата или да ги демантира гласините што ги шират дел од нејзините колеги во парламентот.

Без гласот на Канческа-Милеска, а со поддршка од останатите седуммина независни пратеници, власта за момент ќе успее да обезбеди двотретинско мнозинство со тоа што ќе ги има минималните 80 гласови кои се потребни за изгласување на Законот за ЈО.

Но, постои уште еден многу поголем проблем, а тоа е дека пратеничката од ДПА, Мерал Ферати, неодамна замина на специјализација во Турција и повеќе не е во врвот на партијата, ниту, пак, се појавува на партиските активности или на седници во парламентот. Без нејзиниот глас, власта би имала вкупно 79 пратеници кои не сочинуваат двотретинско мнозинство, па најверојатно партијата на Заев ќе биде принудена повторно да преговара со партијата на Христијан Мицкоски.

За денеска е најавена средба помеѓу Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ кои треба да разговараат за тоа како во иднина да продолжи дијалогот помеѓу двете партии.

Од ВМРО-ДПМНЕ, иако ја потврдија средбата, нагласуваат дека тоа воопшто не значи дека ќе биде постигнат компромис, а како што истакнаа оттаму за Плусинфо, носењето на Законот за јавно обвинителство е скоро невозможно да се случи пред изборите закажани на 12 април.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

ДЗС бара пописот да се одложи за 2021 година

saso user

Носете очила и шешир, денеска топол ден

saso user

Од денеска распуст!

saso user