Македонија

Амнестијата ем шута, ем боде

Уставните судии повторно ќе ги вкрстат копјата за амнестијата на дел од осомничените и обвинетите во крвавите настани од 27 април 2017 година во Собранието, а за која е поднесена уште една иницијатива со која треба да се преиспита дали Законот за амнестија е во согласност со Уставот и дали овозможува владеење на правото.

Станува збор за иницијатива која се очекува утре да биде разгледана, а е поднесена од претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

Тој за Плусинфо вели дека од Уставниот суд бара да ја оцени уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целост со кој се крши основното право на еднаквост на граѓаните пред законите, а посебно и на членот 2 кој се однесува на постапката што ја води судот.

Уставниот суд пред речиси еден месец ја отфрли иницијативата за укинување на селективната амнестија што ја поднесе Митко Чавков, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност кој е осуден на 18 години затвор.

Чавков реагираше затоа што Законот за амнестија ги става во нееднаква положба пред законот инволвираните во насаните од 27 април. Тој бараше да се укине амнестијата за сите кои беа ослободени од кривичен прогон за насилниот упад во Собранието, но шестмина уставни судии се согласија дека треба да се офрли иницијативата. Уставиот суд не поведе постапка за укинување на членовите 1 и 2 од законот, сепак во јавноста остана забележан ставот на претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, кој на седницата изјави дека е против Законот за амнестија во целост.

Според Мурати станува збор за неевропски закон со кој се нарушува владеењето на правото, но и дека им се остава на неказнетите сторители можност во иднина да го повторат делото. Претседателот на Уставниот суд смета дека секој треба да одговара за делото што го направил, за да не се урива владеењето на правото.

– Зошто да биде амнестиран некој што насилно сакал да ги урне основните темели на државата – праша Мурати, кога се разгледуваше иницијативата на Чавков.Извесна е судбината и на новата иницијатива, со оглед на тоа што е веќе познат ставот на мнозинството судии кои сметаат дека државата може да изрази милост кон сторителите на кривични дела, а дека Уставниот суд нема право да ги оценува одлуките на судот за амнестирање поединци, туку дека го оценува законот.

Во котекст на барањето на Петров да се оценува Законот за амнестија во целост кој во својата суштина дели селективна правда, е и ставот на уставниот судија Никола Ивановски кој претходно недвосмислено предупреди дека Собранието треба да води сметка кога објавува амнестија, таа да важи за сите учесници, а не да се делат сторителите според извршените дела.

Тука како пример се наведува амнестијата на учесниците во воениот конфликт од 2001 која беше целосна. Тогаш никој не беше исклучен од неа без оглед на стореното дело.

Со Законот за амнестија беа ослободени дел од обвинетите за упадот во Собранието во 2017 година, а меѓу нив  беа и петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов. Тие беа обвинети дека ги отвориле вратите и ги упатувале оние со фантомки и другите граѓани кон собраниската сала.

Амнестирани беа и водачите на протестите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, кои беа обвинети дека со своите говори ги повикале граѓаните да влезат во законодавниот дом.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

На „Табановце“ уапсен државјанин на Албанија за кој има потерница од Интерпол

saso user

Извадок на дневни настани на МВР за ден 28.06.2019 година

saso user

Адвокат Дукоски: Кај Боки 13 може да настапи моментална смрт кога лежи!?

saso user