Свет

Американски експерт: На Австралија ѝ требаат повеќе пожари

Денес имаме премногу лоши и премалку добри пожари, изјави за „Шпигел“ Стивен Пајн, експерт за пожари, кој смета дека треба да се врати традицијата на Абориџините на палење шуми за да се спречат големи пожари.

Идејата е едноставна и одамна позната на човештвото – контролирани пожари можат да отстранат поголеми површини шума и вегетација. Кога во време на суша ќе почнат дивите пожари, тие нема да имаат простор да се шират. Во текстот што го пренесе Дојче веле, се поставува и прашањето дали ова е решение за Австралија.

Професорот Стивен Пајн, кој е почитуван американски експерт за историја на животната средина и пожарите, тврди дека тоа е решение. Професорот вели дека Абориџините редовно палеле шуми и така ги заштитувале од големи пожари.

– Во пределот во кој доминирале Абориџините имало повеќе јагленисани површини, но затоа пожарите беа помалку жестоки. На Австралија и требаат повеќе пожари – но од вистински вид. Денес имаме премногу лош, а премалку добар оган – вели Пајн.

Според него, стариот британски колонијален систем строго бил решен да забрани секаков вид пожар. По Втората светска војна, австралиските експерти за шуми почнале контролирано да палат огромни области по примерот на Абориџините.

– Но, потоа намерното горење го стигна лош глас, за жал – изјави Пајн за „Шпигел“.

Стивен Пајн, професор емеритус на Државниот универзитет на Аризона и автор на повеќе капитални книги за пожари, вели дека луѓето почнале повеќе да се водат од емоции кон природата, кенгурите и коалите, и оти така е занемарена безбедноста.

– Така Австралија повторно се врати на колонијалната филозофија за борба против пожари од секаков вид. Пожарникарите сега користат авиони како видлив симбол на модерност. Сето тоа е политички театар – наведува тој.

Експертот за екологија и пожари ја нарекува Австралија „огнен континент“ каде пожарите се природна состојба како што е мразот во Сибир.

– Австралија милиони години е изложена на пожари, така што нејзиниот животински и растителен свет се прилагодени -тврди Пајн.

Само на тој континент животните и растенијата научиле да користат оган. На пример птиците грабливки намерно носат запалени гранки и шират оган за да го избркаат пленот на отворено. Или растенијата чии семиња се обвиткани со восок – тој се топи само со силен пламен и тогаш семето паѓа во земја и растението преживува.

Пајн тврди дека отворениот пламен е практично протеран од човечката цивилизација, во градовите ретко може да се види оган. Сепак, сеприсутно е она што професорот го нарекува „индустриски оган“ кој никогаш не престанува и нема граници.

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Во студената Москва вклучен портокалов аларм оти е невообичаено топло

saso user

Џонсон бара предвремени избори во декември

saso user

Зошто малите деца во Јапонија се толку самостојни?

saso user