Македонија

Дај му глас на пратеник, ќе ти земе цел век

Во Собранието не постои никаков механизам кој може да ги спречи пратениците да поднесуваат амандмани што немаат врска со реалноста, па целата работа зависи единствено од свеста на самите поднесувачи.

Ваков е ставот на владејачката СДСМ откако вчера на површина исплива амандманот што неодамна го поднел пратеникот Ејуп Алими од ДУИ за измените на Изборниот законик, а во кој е наведено дека формирањето една изборна единица е прифатливо решение, но само доколку измената започне да важи од 2080 година.

Ова е само еден од илјадниците амандмани што ги има поднесено Алими во парламентот кои се однесуваат на истиот предлог-закон, но веќе во следните два негови амандмана може да се забележи значително „омекнување“ на ставот, бидејќи едниот предвидува законот да стапи на сила во 2071 година, а другиот во 2051 година.

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, за Плусинфо вели дека Деловникот на парламентот е премногу либерален и дека токму таа либералност им овозможува на пратениците преку амандмани да блокираат одредени закони.

– Никој не може да ме убеди во тоа дека одредени пратеници имаат добра намера со тоа што во парламентот поднесуваат илјадници амандмани. Тоа е класична опструкција и тука нема простор за дискусија. Самиот Деловник е создаден за да делува во една нормална држава во којашто народните избраници поседуваат висок морал и одговорност. За жал, клучниот проблем кај нас е тоа што пратениците не ги претставуваат граѓаните, туку своите политички партии – објаснува Петковски.

И според предлагачот на законските измени, пратеничката Лилјана Поповска од партијата ДОМ, дури 90 отсто од вкупно 6.000 поднесени амандмани во парламентот се крајно несериозни.

– Еден ист пратеник поднел серија амандмани со кои се менува само датумот на важење. Содржински, амандманот нема никаква логика и се работи за класична игра на зборови. На ваков начин, не само што се блокираат законите што ги иницираме, туку се изигрува самата институција – изјави Поповска.

Алими не беше расположен да даде изјава и да објасни по кој принцип и по која логика ги одбира годините што се наведени во амандманите, додека, пак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека нивните поднесоци се исклучиво технички и суштински.

Предлог-законот го предложија помалите политички партии кои се стремат кон тоа целата територија на државата да претставува една изборна единица, а избирачките листи да бидат отворени. Ваквиот предлог наиде на одобрување од владејачката СДСМ и од албанската опозиција, а како што истакнаа оттаму, на овој начин ќе им се даде шанса на помалите политички субјекти да освојат повеќе пратеници.

Од друга страна, партиите на Али Ахмети и на Христијан Мицкоски не отстапуваат од досегашниот изборен модел со шест изборни единици, па како што обвинуваат предлагачите, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во моментов прават сè за да ја блокираат процедурата.

Покрај 6.000 поднесени амандмани од опозицијата, расправата се закочи и со барањето тие поднесоци да бидат преведени на албански јазик. Како што дознаваме, илјадници амандмани сè уште не добиле превод, па затоа измената на Изборниот законик сè уште не е ставена на дневен ред во Собранието.

Инаку, за измените се предложени два закона, едниот за промена на Изборниот законик од шест во една изборна единица, а другиот за еднаква родова застапеност помеѓу пратениците.

Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Сите авторски права се задржани. Преземањето на вести исклучиво со договор со издавачот, и задолжително поставување на Hyperlink

Поврзани вести

Нападнат полицаец додека асистирал психијатриски болен да се пренесе во Бардовци

saso user

Обвинителот бара сведокот да потпише што кажал денеска за утре да не рече „јас не го кажав тоа“

saso user

(ВИДЕО) ИНТЕГРАЛНА ИЗЈАВА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОХРИД ГЕОРГИЕСКИ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА МОРАТОРИУМ ЗА ГРАДБА ВО ОХРИД.

saso user